Свет
Бунтовници убиле седум лица во градот Балад

Припадниците на сомалиската Ал Шабаб влегле во градот Балад, кој се наоѓа северно од главниот град Могадишу, и убиле најмалку седум лица, соопштија денеска полицаец и населението.
Според полицијата и жителите на градот Балад, исламистите од оваа група поврзана со Ал каеда утринава влегле и ги совладале владините сили кои го обезбедувале мостот на влезот во градот, пренесува „Ројтерс“.
„Бевме во џамијата и се молевме кога слушнавме дека има жесток судир на мостот. Борците на Ал Шабаб на тој начин го зазедоа градот, прегазувајќи ги војниците на мостот“, изјави за Ројтерс Хасан Нур, трговец од Балад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата Лав понуди Ватикан да посредува во решавањето на конфликтите во светот

Папата Лав XIV денес понуди Ватикан да посредува во решавањето на конфликтите во светот. Ватикан е достапен да им овозможи на непријателите да се сретнат и да се погледнат во очи, за народите да ја вратат надежта и достоинството што им припаѓаат, рече Папата додека примаше претставници на 23 католички цркви од источен обред.
Папата, исто така, ги повика источните христијани да не ги „напуштаат“ своите земји, барајќи ги за нив „сите права потребни за безбеден опстанок“.
Во својот прв неделен благослов како римокатолички лидер, папата Лав XIV повика на праведен мир во Украина и итен прекин на огнот во Газа, заедно со ослободување на заложниците и испорака на хуманитарна помош.
Свет
Европската комисија: Транспарентноста ни е најважна, ќе ја проучиме одлуката за пораките на Фон дер Лајен

Европската комисија денес реагира на пресудата на Судот на правдата на ЕУ велејќи дека ја зема предвид, дека внимателно ќе ја проучи и ќе одлучи за следните чекори. „Комисијата сега внимателно ќе ја проучи одлуката на Општиот суд и ќе одлучи за следните чекори. За таа цел, Комисијата ќе донесе нова одлука со подетаљно образложение“, се вели во соопштението на Комисијата.
Општиот суд на Европската Унија пресуди дека Европската комисија не дала убедливо објаснување за тоа што не ги поседувала бараните документи, СМС-пораките меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на фармацевтската компанија „Фајзер“, во кои разговарале за набавка на вакцина против коронавирус.
Во соопштението на Комисијата се наведува дека Општиот суд смета дека Комисијата требало да даде подетаљно објаснување во својата одлука дека не поседува документи од бараниот тип.
„Општиот суд не ја доведува во прашање политиката на Комисијата за регистрација во врска со пристапот до документи. Целта на овие правила е да се обезбеди интегритетот на евиденцијата на Комисијата и целосна транспарентност преку обезбедување на важните документи составени или примени од Комисијата да бидат лесно достапни за заинтересираните граѓани на ЕУ“, истакнува Комисијата.
„Транспарентноста отсекогаш била од најголема важност за Комисијата и за претседателката Урсула фон дер Лајен. Ќе продолжиме строго да се придржуваме до воспоставената робусна законска рамка за спроведување на нашите обврски“, додаде Комисијата.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, размениле пораки, чија содржина останува непозната за јавноста, во време кога Комисијата преговараше за договори вредни повеќе милијарди евра за набавка на вакцини против коронавирусот.
Свет
Кремљ го критикува Макрон за изјавата за нуклеарното оружје во Европа

Кремљ ги критикува коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон, дека Париз е отворен за распоредување воени авиони со нуклеарно оружје во други европски земји велејќи дека тоа нема да ја зголеми безбедноста на континентот.
„Американците имаат бомби во авионите во Белгија, Германија, Италија, Турција“, изјави Макрон за француската телевизиска станица „ТФ 1“. „Подготвени сме да ја отвориме оваа дискусија. Ќе ја дефинирам рамката на многу специфичен начин во наредните недели и месеци“, рече тој.
Кога беше прашан за коментарите на Макрон, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „пролиферацијата на нуклеарно оружје на европскиот континент не е нешто што ќе додаде безбедност, предвидливост и стабилност“.
„Во моментот целиот систем на стратешка стабилност и безбедност е во жална состојба од очигледни причини“, рече Песков.
Макрон првпат ја изнесе идејата за проширување на заштитата на нуклеарниот арсенал на Франција во други европски земји во март. Кремљ во тоа време изјави дека ова претставува француско барање за „нуклеарно водство во Европа“ и го нарече „многу, многу конфронтативно“.