Свет
„Вагнер“ се обидел да купи оружје од Турција, покажува доверлив документ на американското разузнавање

Доверлив документ на американското разузнавање сугерира дека приватната воена компанија „Вагнер“ се обидела да купи оружје и воена опрема од членката на НАТО, Турција, пишува Си-ен-ен.
Документот покажува дека „Вагнер“ е подготвен да инвестира финансиски средства за дополнително зајакнување на своите способности.
Како членка на НАТО, Турција се смета за партнер на САД и другите земји што обезбедуваат директна воена поддршка на Украина и јавно го изрази своето противење на руската инвазија. Турција е дом на главната американска воена база, каде што се складира нуклеарното оружје и служи како дополнително предупредување за одвраќање на руската агресија против членките на НАТО.
Според извештајот на американското разузнавање цитиран во документот, персоналот на „Вагнер“ се сретнал со турските контакти на почетокот на февруари со намера да купи оружје и опрема од Турција, што потоа би можело да се користи од платениците на „Вагнер“, кои се борат заедно со руските сили во Украина.
Не е јасно кои биле овие контакти и дали турската влада знаела за средбите. Нема докази дека е постигнат напредок во договорот во врска со продажбата на оружје на „вагнерците“. Сепак, можноста сојузникот на НАТО да им продава оружје на руските платенички сили, најверојатно, ќе предизвика сериозна загриженост во Вашингтон и ќе ги комплицира односите на Анкара со другите членки на НАТО.
Портпаролот на Стејт департментот нагласи дека „Министерството за одбрана и разузнавачката заедница активно ја разгледуваат и ја оценуваат валидноста“ на објавените документи додавајќи дека тие „не се во позиција да потврдат или коментираат какви било конкретни информации што ги содржат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Судот на правдата на ЕУ: Изгубен миленик на лет се смета како изгубен багаж

Судот на правдата на Европската унија донесе одлука дека домашните миленици кои се превезуваат со авион се сметаат за „багаж“, а не за патници.
Одлуката следи по случај во кој куче исчезнало при пренос до авион на лет од Буенос Аирес до Барселона, по што сопственичката побарала 5.000 евра отштета.
Судот оцени дека, според Монреалската конвенција, авиокомпанијата не е должна да исплати поголема отштета од онаа предвидена за изгубен багаж, освен ако патникот претходно не доставил специјална изјава за вредноста на пратката.
Во одлуката учествувале и двајца претставници од Хрватска – судијата Синиша Родин и адвокатката Тамара Ќапета.
Свет
Евакуирано средно училиште во Италија по истекување на амонијак

Во италијанскиот град Пескара беше евакуирано државното средно училиште „Маркони“ откако во просториите се почувствувал силен мирис од непознато потекло, поради што на многумина им се слошило.
Според италијанските медиуми, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а неколкумина се хоспитализирани, меѓу нив и пожарникари кои пристигнале на интервенција, пренесе „ТВ Раи“.
Првичните информации укажуваат дека причината најверојатно е истекување на амонијак од лабораторијата, иако не се исклучува ниту можноста за цурење гас од климатизацијата.
Заменичката градоначалничка на Пескара, Марија Рита Карота, нареди итно затворање на училиштето до понатамошна проверка.
Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.