Свет
„Модерна“ тврди дека нејзината вакцина штити и дека е сигурна за деца
Компанијата „Модерна“ ги објави позитивните резултати од својата вакцина против коронавирус кај деца на возраст од шест до 11 години и има намера истите наскоро да ги достави на одобрување до регулаторните тела ширум светот.
Клиничките испитувања спроведени на повеќе од 4.700 деца на таа возраст покажуваат силен имунолошки одговор на антителата, поволен безбедносен профил и препарат кој генерално добро се поднесува, се вели во соопштението на „Модерна“.
Најчестите несакани ефекти се замор, главоболка, треска и болка во раката каде што е дадена инјекцијата соопштија од компанијата.
„Ние брзаме да ги доставиме податоците до светските регулаторни агенции“, изјави шефот на „Модерна“, Стефан Бансел.
Дозата за деца е прилагодена на 50 микрограми, во споредба со 100 микрограми за лица во постари години. Таа доза од 50 микрограми беше избрана и за засилувачка доза на „Модерна“ за постари лица, која неодамна беше одобрена во САД.
Овој резултат значи дека две вакцини против коронавирус за помали деца наскоро би можеле да бидат достапни во Соединетите Американски Држави.
Американската агенција за лекови треба да се состане во вторник за да ја разгледа можноста за одобрување за употреба на вакцината на „Фајзер“ за деца на возраст од пет до 11 години.
Во исто време, „Модерна“ спроведува клинички испитувања на уште помали деца на возраст од шест месеци до пет години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Американскиот министер за одбрана се потсмеваше на руската воздушна одбрана во Венецуела
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ја исмеа ефикасноста на руските системи за воздушна одбрана распоредени во Венецуела откако американските специјални сили спроведоа операција за апсење на Николас Мадуро во Каракас.
За време на говорот посветен на успехот на американските сили, шефот на Пентагон ја истакна слабоста на руската воена технологија. Според него, исклучителниот професионализам на американските војници им овозможил да ја извршат својата задача без пречки.
Hegseth mocks Russians
Hegseth: Three nights ago in downtown Caracas in Venezuela, 200 of our best Americans went in. Those Russian air defenses didn’t work so well, did they?
We grabbed an indicted fugitive wanted by U.S. justice without a single American killed. pic.twitter.com/Nq7dgsPiPk
— Tymofiy Mylovanov (@Mylovanov) January 5, 2026
„Пред три ноќи во центарот на Каракас, Венецуела, видовме речиси 200 од најдобрите американски војници како дејствуваат во центарот на Каракас. Тие руски системи за воздушна одбрана не изгледаа многу ефикасни, нели?“, рече Хегсет.
Операцијата на САД во Венецуела во моментов е една од главните теми во меѓународните безбедносни кругови, а Вашингтон ја користи како доказ за технолошката супериорност на своите вооружени сили над руските одбранбени решенија.
Свет
Трамп: Нема да има избори во Венецуела во следните 30 дена, мора да ја средиме земјата
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не очекува нови избори во Венецуела во следните 30 дена.
„Ќе потрае некое време“
„Прво мора да ја поправиме земјата. Не можете да имате избори“, изјави тој за американската телевизија NBC News. „Ќе потрае некое време. Мора да ја излечиме земјата додека не се опорави“.
Владата на Венецуела сè уште го смета Николас Мадуро, кој беше приведен од американските сили во саботата, за легитимен претседател на земјата.
Што вели уставот?
Според уставот на Венецуела, во случај на трајно отсуство на претседателот, потпретседателот ја презема функцијата и мора да организира нови избори во рок од 30 дена. Но, останува нејасно дали новото раководство ја смета моменталната ситуација за трајно отсуство.
Делси Родригез, која е потпретседател на Мадуро од 2018 година, положи заклетва како вршител на должноста претседател во понеделник. Врховниот суд ја овласти привремено да ги преземе должностите шеф на државата во текот на викендот.
За време на викендот, американските сили нападнаа цели во Венецуела, заробувајќи го Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес. Тие беа донесени во Њујорк вчера за да се соочат со обвиненија за наводни прекршоци поврзани со дрога.
Свет
Силен земјотрес со јачина од 6,2 степени ја погоди западна Јапонија
Земјотрес со јачина од 6,2 степени го погоди регионот Чугоку во западна Јапонија во вторник наутро, по што следеа низа силни потреси, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.
Епицентарот на првиот земјотрес беше во источната префектура Шимане, соопшти агенцијата, додавајќи дека нема закана од цунами. „Чугоку Електрик Пауер“, која управува со нуклеарната централа Шимане, на околу 32 км оддалеченост, соопшти дека работењето на нивниот блок број 2 продолжува како и обично.
Јапонската комисија за регулирање на нуклеарната енергија соопшти дека немало неправилности по земјотресот. Вториот блик беше рестартиран во декември 2024 година, прв пат откако сите нуклеарни централи во Јапонија беа затворени по катастрофата во Фукушима во март 2011 година.
Земјотресот имаше сеизмички интензитет од 5 степени според јапонската скала од 1 до 7, доволно силен за да го отежни движењето без поддршка. Железничкиот превозник „Вест Јапан Рејлвеј“ објави дека по земјотресот, сообраќајот на брзи возови е суспендиран на погодените делови.

