Свет
Вакцинирани лица во старски дом во Америка масовно се заразиле со нов вид на вирусот
Случаи на Ковид-19 „експлодирале“ во март во пензионерски дом во САД каде што голем дел од корисниците биле вакцинирани, откако невакциниран член на персоналот внел нова варијанта, покажува студија на американскиот Центар за контрола на болести, објавена во средата.
Вирусот се проширил во таа институција во Кентаки, при што се заразиле 44 лица, односно 24 згрижени и 20 негуватели.
Од заразените корисници, 18 биле вакцинирани со две дози на вакцината од „Фајзер“, а четворица негуватели исто така примиле по две дози, според студијата на главната американската здравствена агенција.
Ова покажува дека постојат ограничувања кога станува збор за вакцинацијата како единствена стратегија за борба против Ковид-19, особено против неговите нови варијанти, пишува агенцијата „Франс прес“.
Иако е клучна, вакцинацијата мора да биде придружена со континуирана внимателност за спречување и контрола на инфекцијата, потенцираат авторите на студијата, повторувајќи ја важноста на миењето на рацете, следењето на случаите, изолацијата на заразените и нивните контакти.
Меѓутоа, тие нагласуваат дека кај вакцинираните инфицирани лица, само една третина имале симптоми, наспроти 83 проценти кај невакцинираните.
Само еден од 18 вакцинирани резиденти на домот починал, додека меѓу заразените невакцинирани, кои биле вкупно 6, имало два смртни случаја.
„Со цел да се заштитат корисниците на старските домови, клучно е негувателите, како и згрижените, да бидат вакцинирани“, заклучуваат авторите на студијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
По девет години на чело на Бугарија, Румен Радев ја напушта претседателската функција
По девет години, бугарскиот претседател, Румен Радев ја напушта претседателската функција.
Уставниот суд денес во земјата ќе одржи расправа за случајот покренат во врска со неговата оставка, јавуваат бугарските медиуми.
Оставката на Радев беше поднесена до Уставниот суд во вторник, еден ден откако тој ја објави својата одлука да се повлече од функцијата и да се кандидира на претстојните предвремени парламентарни избори во специјално обраќање до бугарските граѓани.
Така завршува неговиот речиси децениски престој во „Дондуков“ 2 – прво како претседател во два последователни мандати, а потоа и како клучна фигура во низа политички кризи и привремени влади.
Според Уставот, во случај на предвремено прекинување на претседателскиот мандат, овластувањата на шефот на државата ги презема потпретседателот до истекот на мандатот . По одлуката на Уставниот суд, функцијата ќе ја извршува Илијана Јотова.
Се очекува таа да ја продолжи постапката за назначување на привремена влада, вклучително и спроведување на задолжителните консултации со потенцијалните кандидати за привремен премиер и одредување на датумот за предвремени парламентарни избори, пишува „њуз.бг“.
Според информациите од претседателската институција, Румен Радев официјално ќе ја напушти претседателската зграда денес во 16:00 часот. На свечениот влез ќе го испрати Илијана Јотова, која, по одлуката на Уставниот суд, ќе ги преземе функциите претседател на Република Бугарија.
Свет
Зеленски пред средбата со Русите: Прашањето за Донбас е клучно
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека клучното прашање за територијата во војната со Русија ќе биде дискутирано на трилатералните разговори во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати.
Одговарајќи на новинарско прашање на комуникациската платформа WhatsApp, тој додаде дека во моментов го чека американскиот претседател Доналд Трамп, како и конкретен датум и место за потпишување на финализираниот договор за безбедносни гаранции на САД за Украина.
„Прашањето за Донбас е клучно“, рече украинскиот претседател, осврнувајќи се на украинскиот регион што ги вклучува областите Донецк и Луганск.
Русија објави дека ќе одржи безбедносни разговори со САД и Украина во Абу Даби, предупредувајќи по средбата на претседателот Владимир Путин доцна во ноќта со американските претставници дека траен мир нема да биде можен доколку не се решат територијалните прашања.
Советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, им изјави на новинарите дека состанокот, кој започна синоќа, непосредно пред полноќ и траеше речиси четири часа, бил корисен и исклучително искрен.
Тој рече дека рускиот адмирал Игор Костјуков ќе ја предводи руската делегација на состанокот во Абу Даби и дека претставникот за економска соработка Кирил Дмитриев ќе одржи посебен состанок за економски прашања со Стив Виткоф, претставникот на претседателот Доналд Трамп. Сепак, на состанокот доцна синоќа беше постигнат мал напредок.
„Најважно е што за време на овој состанок меѓу нашиот претседател и Американците, повторно беше утврдено дека без решавање на територијалното прашање според формулата договорена во Анкориџ, нема надеж за постигнување долгорочен договор“, рече Ушаков, осврнувајќи се на минатогодишниот самит меѓу Трамп и Путин во Алјаска.
Путин нагласи дека Русија е „искрено заинтересирана“ за дипломатско решение, рече Ушаков.
Од руска страна, Путин, Ушаков и Дмитриев учествуваа на состанокот. Од американската страна беа Виткоф, Џаред Кушнер и Џош Груенбаум, кој неодамна беше назначен од претседателот Доналд Трамп за виш советник во Одборот за мир.
фото/Depositphotos
Свет
Руски патнички авион испратил повик за помош над Кина, а потоа извршил итно слетување
Авионот на руската компанија „Азур Ер“, на летот од Пукет до Барнаул, безбедно слета на аеродромот Ланжоу во Кина, откако испрати сигнал за вонредна состојба за време на летот, пренесуваат медиумите во регионот.
Портпаролот на компанијата објави дека во авионот што непланирано слета во Ланжоу, Кина, имало 238 патници и членови на екипажот и дека сите се неповредени.
Авионот бил на половина пат до Сибир кога бил испратен сигнал за помош во кинескиот воздушен простор.
„Азур Ер“ е руска авиокомпанија со седиште во Москва.

