Европа
Австрискиот претседател смета дека европското семејство е нецелосно без Западен Балкан
Австрискиот претседател, Александар ван дер Белен, изрази уверување дека европското семејство ќе биде целосно само со вклучување на земјите од Западен Балкан и истакна дека тековната година ќе биде важна за ЕУ.
Ван дер Белен на годишниот прием за дипломатскиот кор рече дека Австрија се залага за приклучување кон Унијата на шесте земји од Западен Балкан.
Покрај тоа, тој во своето обраќање кажа дека се надева дека повлекувањето на САД од Сирија нема да доведе до заострување на граѓанската војна.
Ван дер Белен го критикуваше национализмот, унилатерализмот, отстапувањето од универзалните правни норми, повлекувањето од меѓународните договори.
Тој особено ги критикуваше САД за политиката за климатски промени.
Покрај критиките на Соединетите Американски Држави, тој се обиде да не се добие впечаток дека Австрија е премногу блиска со Русија, тој се заложи за конструктивен дијалог со Москва, без да ги спомене многубројните размени на посета.
Тој, исто така, истакна дека минатата година беа одбележани 180 години дипломатски односи меѓу Австрија и САД.
Ван дер Белен оцени дека 2019 година ќе биде важна година за ЕУ, укажувајќи на брегзит – „ако навистина дојде до него”, како и на дискусијата за иднината на Унијата, изборите за Европскиот парламент и формирањето нова Европска комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Во Швајцарија ќе се одржат мировни преговори за Украина, Русите не доаѓаат
Швајцарската влада денеска соопшти дека во оваа фаза Русија не е меѓу 160-те делегации поканети на мировните преговори за Украина што ќе се одржат во Швајцарија во средината на јуни.
„Швајцарија е убедена дека Русија мора да биде вклучена во тој процес“, соопшти швајцарската влада. „Мировниот процес не е можен без Русија“.
Швајцарската влада соопшти дека отсекогаш била отворена за поканата на Русија, но Москва постојано нагласувала дека не е заинтересирана за учество на првиот самит.
Руските власти истакнуваат дека Швајцарија усвоила европски санкции против Москва поради инвазијата на Украина и затоа нема кредибилитет како неутрален посредник.
Европа
Во Киев се урива споменик кој ја слави блискоста меѓу Русија и Украина
Властите на Киев во вторникот почнаа да го отстрануваат споменикот од советската ера што ја означува врската меѓу Русија и Украина, повеќе од две години откако Москва започна инвазија врз Украина.
Неколку дена ќе бидат потребни за целосно уривање на споменикот од црвен гранит, кој се состои од дваесетина поединечни елементи, соопшти градската управа.
Тоа е всушност група статуи кои прикажуваат украински Козаци кои го опкружуваат лидерот Богдан Хмелницки и московскиот амбасадор.
Статуите ќе бидат префрлени во воздухопловниот музеј.
Споменикот е изграден во 1982 година за да го одбележи „обединувањето на украинскиот народ со братскиот руски народ“ во 1654 година, кога Хмелницки склучил сојуз со рускиот император во борбата против полско-литванскиот сојуз.
Советските историски книги го романтизираа како почеток на нераскинливо пријателство меѓу Украина и Русија.
Европа
Белоруските спортисти одат на Олимписките игри, Лукашенко: Победете ги противниците
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска им порача на белоруските спортисти кои учествуваат на Олимписките игри во Париз под неутрален статус „да ги победат своите противници“.
„Ако сте избрале и одите таму под неутрален статус, истепајте ги, покажете им дека сте вистински Белоруси“, рече Лукашенко во соопштението за печатот на претседателството.
За време на посетата на регионот Могилев во Белорусија, жителите го прашале Александар Лукашенко што мисли за ова учество под неутрален статус, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на белоруското претседателство.
„Спортистот треба да избере. Доколку одлучи да учествува на Олимписките игри, ќе биде уште пожесток. Затоа што разбирате дека состојбата на умот и гневот не се од мала важност во спортот“, реагира Лукашенко. „Вие сте Белорусија и кога ќе излезете како победници, тоа е добар начин политички да ги удрите во лице“.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ги искорени сите форми на опозиција во неговата земја, потиснувајќи мирно масовно движење во 2020 година. Тој е навикнат и на широки изјави и испади, како на пример кога парадираше со калашников во раката пред демонстрантите кои се противат на неговото владеење, нарекувајќи ги „стаорци“. Во февруари 2022 година, тој ја отвори Белорусија за руската армија за да може да ја нападне Украина од север.
Белорусија беше исклучена како земја од Игрите поради нејзината поддршка за руската инвазија на Украина, а нејзините спортисти се натпреваруваат под неутрален статус, без химна, знаме или национални обележја.