Свет
Ватикан: Папата Франциско се одмора по уште една мирна ноќ

Ватикан соопшти дека папата Франциско, кој две недели е хоспитализиран поради пневмонија, поминал уште една мирна ноќ и сега се одмора.
Папата беше примен во болница во Рим на 14 февруари поради бронхитис, потсетува „Ројтерс“. Во вчерашниот медицински извештај Ватикан наведе дека состојбата на папата продолжува да се подобрува, но дека прогнозата сè уште е неизвесна поради сложената клиничка слика.
Папата во последните две години имаше неколку здравствени проблеми. Поради плеврит, односно воспаление на мембраната што ги опкружува белите дробови, што го развил како млад, и операции на белите дробови, тој е склон на инфекции.
Ватикан изјави дека папата во саботата имал продолжена респираторна криза слична на астма, но дека немало повторени симптоми, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Инциденти на протестот во Атина на годишнината од железничката несреќа, полицијата употреби солзавец

Грчката полиција употреби солзавец врз демонстрантите што фрлаа „молотови коктели“ на протестот по повод втората годишнина од железничката несреќа во Темпи, во која загинаа 57 лица.
Меѓу жртвите имаше и студенти, а несреќата се случи кога патнички воз, преполн со студенти, удри во товарен воз во 2023 година.
Десетици илјади луѓе се собраа во центарот на Атина за да побараат правда, објави „Прототема“.
Демонстрантите носеа црни балони и транспаренти со пароли: „Вие броите добивки. Ние броиме животи“.
Во Грција денеска почна 24-часовен штрајк на вработените во транспортот, бизнисот и училиштата, а се очекуваат масовни протести во целата земја на втората годишнина од железничката несреќа во Темпи, во која загинаа 57 лица.
Сите меѓународни и домашни летови беа суспендирани бидејќи контролорите на летање им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и на наставниците во 24-часовниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата.
Бизнисите се затворени, театрите ги откажаа претставите, а илјадници луѓе се очекува да излезат на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, како и во други градови, под силен полициски надзор.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, соопшти дека повикал на штрајкот „конечно да се спроведе владеењето на правото за да нема прикривање и одговорните да бидат казнети“, пренесува „Ројтерс“.
Истрагата за несреќата сè уште е во тек и никој не е осуден, а владата на премиерот Киријакос Мицотакис ја отфрла одговорноста одбивајќи да побара парламентарна истрага за политичка одговорност.
Свет
ЕУ до Трамп: Ќе користиме „базука“, нашето најмоќно оружје поради царините

ЕУ соопшти дека е подготвена да го употреби своето најсилно трговско оружје против САД откога претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини од 25 отсто и рече дека ЕУ е создадена за да ја измами Америка.
„Имаме инструмент против принуда (АЦИ) и ќе бидеме принудени да го користиме“, рече комесарот за земјоделство, Кристоф Хансен, во Париз по средбата со неговата француска колешка Ани Женевар на саемот „Салон де л’Агрикултура“.
Механизмот што го споменува, т.н. трговската базука на ЕУ, беше дизајнирана за време на првиот мандат на Трамп и првично беше наменета како пречка против Кина. Тоа ѝ дозволува на Европската комисија да ја ограничи трговијата со услуги доколку оцени дека некоја земја користи царини за стоки за да ја принуди ЕУ да ја промени политиката. Заканите на Трамп за царини спаѓаат во таа категорија, според европските претставници.
Кога АЦИ беше изгласан во 2023 година, некои европски претставници го нарекоа „базука“. Неговата примена овозможува широк спектар на одмазднички мерки, вклучувајќи го прекинувањето на заштитата на интелектуалната сопственост и ограничувањето на комерцијалната експлоатација, што може да значи забрана за преземање софтвер и користење услуги за стриминг.
ЕУ исто така може да ги ограничи странските инвестиции или да го блокира пристапот до европскиот пазар за американските банкарски, осигурителни и финансиски компании. Сепак, и покрај своето искуство со воведување тарифи за стоки, ЕУ не сака да го прошири конфликтот во областа на услугите и интелектуалната сопственост.
Забелешките на Хансен дојдоа еден ден ппо заканата на Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто на автомобилите и сè друго предизвикувајќи бура од гнев во Европа. Политичарите јасно ставија до знаење дека е време за решителен одговор од Брисел.
„Нема да дозволиме да бидеме заплашени ниту со царини ниту со закани за нашето законодавство“, рече Бернд Ланге, германски социјалдемократ, кој претседава со Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент.
„Европската Унија не е создадена за да изигра некого“, му одговори полскиот премиер Доналд Туск на Трамп во објавата на платформата X. „Сосема спротивно. Таа е создадена за да го зачува мирот, да изгради меѓусебно почитување меѓу нашите народи, да овозможи слободна и фер трговија и да го зајакне нашето трансатлантско пријателство. Тоа е само така“, додаде тој.
Свет
Почнаа преговорите за состав на новата германска влада

Во Берлин почнаа прелиминарните разговори за формирање германска коалициска влада меѓу Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Според информациите, првата средба на водечките претставници на Унијата на ЦДУ/ЦСУ и СПД, предводена од кандидатот за канцелар на Унијата и претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, и потпретседателот на СПД, Ларс Клингбејл, треба да ја елиминира атмосферата на несогласување создадена за време на изборната кампања.
Покрај Мерц и Клингбејл, во преговорите од секоја страна учествуваат вкупно девет преговарачи, вклучувајќи ги и генералните секретари на партијата и премиерите на некои од поважните сојузни држави.
Веднаш по изборната победа минатата недела, на која ЦДУ/ЦСУ освои 28,5 отсто од гласовите, Мерц најави дека поради огромните задачи и во внатрешната и цо надворешната политика, сака што побргу да формира функционална влада, по можност до Велигден, во април.
Според информациите на јавниот сервис АРД, разговорите почнале порано од планираното, што укажува на желбата за што побрзо формирање влада.
Потпретседателот на СПД, Клингбејл, во исто време рече дека СПД сака преговори, но нема да влезе во коалициска влада по секоја цена.
Во првите разговори треба да се утврди и груб распоред за преговорите. Се проценува дека контроверзните теми би можеле да вклучуваат миграција и нов долг.
СПД исто така сака да ја запре нерегуларната миграција, но ги смета плановите на ЕУ да ги одврати сите мигранти на границата неуставни.
И покрај неговиот историски успех, Алтернатива за Германија (АФД), екстремно десничарска, популистичка и националконзервативна партија, која освои 20,8 отсто од гласовите на изборите, остана политички изолирана бидејќи сите демократски партии категорично отфрлија каква било коалиција со нив.