Свет
Вашингтон загрижен за новата талибанска влада составена само од мажи

САД се загрижени откако Талибанците го објавија составот на новата влада на Авганистан, која се состои само од мажи, меѓу кои има луѓе поврзани со нападите врз американските сили, пренесуваат медиумите во светот.
Стејт департментот соопшти дека врши проценка на вчерашната објава.
Привремениот кабинет е предводен од Мула Мохамад Хасан Акунд, кој се наоѓа на црната листа на ОН, а во владата е вклучен и Сираџудин Хакани, по кого трага американското Федерално биро за истраги.
„Забележуваме дека објавената листа на имиња се состои само од поединци кои се членови на Талибанците или нивни блиски соработници и дека нема жени. Загрижени сме и за припадноста и минатото на некои поединци “, изјавија од Стејт департментот.
Во соопштението се додава дека Америка „ќе им суди на Талибанците врз основа на нивните постапки, а не на нивните зборови“.
Талибанската влада, која го прогласи Авганистан за „Исламски емират“, се соочува со предизвици во оваа земја опустошена од војната, вклучително и стабилизирање на нејзината економија и добивање меѓународно признание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Париз, Лондон и Берлин повикаа да престане хуманитарната катастрофа во Газа

Хуманитарната катастрофа во Појасот Газа мора веднаш да престане, повикаа вчера во заедничко соопштение Париз, Лондон и Берлин.
„Хуманитарната катастрофа на која сме сведоци во Газа мора веднаш да престане“, нагласија трите европски земји.
Тие на овој начин одговорија на алармот објавен од ОН и невладините организации дека постои ризик од непосреден и широко распространет глад во Газа. Трите европски престолнини ја повикуваат европската влада веднаш да ги укине ограничувањата за испорака на помош.
Франција, Велика Британија и Германија, исто така, потсетуваат дека Израел мора да ги почитува своите обврски според меѓународното хуманитарно право.
„Дојде моментот да се стави крај на војната во Газа“, додадоа тие и ги повикаа сите страни да го прекинат конфликтот со склучување на договор за моментално прекин на огнот.
Регион
Топлотниот бран ги затвори Акропол и археолошките локалитети во Атина

Поради топлотниот бран и високите температури што од почетокот на седмицава ја зафатија Грција, археолошките локалитети во Атина, како и Акропол и во текот на викендов ќе бидат затворени за туристи во периодот од 12 до 17 часот.
Новиот топлотен бран што ја зафати Грција, според најавите и прогнозите се очекува да трае до недела.
Вчера беше најтоплиот ден, просечната максимална температура достигна 37,6 степени Целзиусов, на Пелопонез измерени речиси 46 степени, а во многу делови од земјата надмина 42 степени.
Свет
Русија до Западот: Тврдоглаво игнорирате додека режимот во Киев се обидува да ја спаси кожата на Зеленски

„Тврдоглаво се обидувате да игнорирате како темелно корумпираниот режим во Киев се обидува да ја спаси кожата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, доведувајќи ја во прашање иднината на својата земја. За тоа детално ќе разговараме на посебниот состанок што го побаравме за 31 јули, каде што предлагаме фокусирање на акциите што ја поткопуваат потрагата по дипломатски пат за решавање на украинскиот конфликт – вклучително и обидите да се попречи директниот руски-украински преговарачки процес во Истанбул“, изјави заменикот на рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Пољански, на седницата на Советот за безбедност, обраќајќи им се на претставниците на западните земји, пренесува ТАСС.
Според него, Русија подолго време и доследно предлага решавање на украинската криза по дипломатски пат.
„Но вас тоа не ве задоволува – сè додека сте подготвени да продолжите да се борите против Русија преку рацете на Украинците. А фактот што ги има сè помалку – воопшто не ве вознемирува“, предупреди рускиот дипломат.
Русија и Украина во мај и јуни одржаа две рунди преговори, по што следуваше размена на заробеници и предавање на телата на загинатите украински војници. Двете страни исто така разменија нацрти меморандуми за решавање на конфликтот.