Свет
Вашингтон најави нова воена помош за Украина во вредност од две милијарди долари
Вашингтон најави дополнителна воена помош за Украина во износ од две милијарди долари.
„САД најавуваат дополнителна воена помош од две милијарди долари за Украина“, изјави синоќа за Си-ен-жен советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
Тој не разговарал за деталите за новите испораки најавени за годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина.
Саливан потсети дека американскиот претседател Џозеф Бајден за време на неговата посета на Киев му ветил на својот украински колега Володимир Зеленски повеќе артилерија, повеќе муниција и повеќе системи „Хирмас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

