Свет
„Вашингтон пост“: Бајден планира да се сретне со кинескиот претседател во ноември
Белата куќа продолжува со плановите за средба меѓу американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Сан Франциско следниот месец, а двете земји се обидуваат да ги стабилизираат своите односи, објави „Вашингтон пост“.
Односите меѓу двете најсилни светски економии станаа затегнати во последните години поради голем број прашања, вклучително и Тајван, изворот на пандемијата на коронавирусот, човековите права и трговските тарифи.
„Вашингтон пост“ се повика на изјави на неименувани американски функционери, од кои еден рече дека можноста за средба е прилично силна.
„Го почнуваме процесот на планирање“, рече функционерот.
Состанокот ќе следува по серијата посети на американски официјални претставници на Кина, вклучувајќи ја и онаа на државниот секретар Антони Блинкен во јуни, министерот за финансии, Џенет Јелен, во јули и министерката за трговија Џина Раимондо, во август.
Неодамна, Блинкен се сретна и со кинескиот потпретседател Хан Женг во Њујорк, а американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, се сретна со кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, во Малта.
Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар за извештајот на „Вашингтон пост“. Ниту Белата куќа немаше коментар.
Бајден и Шји последен пат се сретнаа на маргините на самитот на Г20 во Индонезија во ноември 2022 година, нивна прва средба откако Бајден ја презеде функцијата претседател. Пред тоа тие разговарале петпати на телефон или преку видеоконференција.
Кинеската агенција за безбедност минатиот месец навести дека каква било средба меѓу Шји и Бајден ќе зависи од тоа дали САД „ќе покажат доволно искреност“.
Американските официјални лица, како Рајмондо и Јелен, неодамна изјавија дека САД не сакаат да се дистанцираат од Кина, но Пекинг изрази загриженост поради американското одобрување за продажба на оружје и воено финансирање на Тајван.
Во ноември Сан Франциско ќе биде домаќин на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка, на кој може да присуствува и Шји. Тој неодамна го избегна самитот на Г20 во Њу Делхи, каде што беше присутен Бајден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
СЗО отпушта една четвртина од персоналот
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека нејзиниот персонал ќе се намали за околу една четвртина, или околу 2.300 работни места, до средината на следната година, објави Ројтерс.
Дупката во буџетот на организацијата за 2026-2027 година е нешто над 1 милијарда долари.
Намалувањата ќе бидат резултат на реформи, како и пензионирања и заминувања на персоналот, кои се наметнати поради повлекувањето на најголемиот донатор на организацијата – САД, кои покриваат околу 18 отсто од финансирањето.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја повлече земјата од СЗО по преземањето на функцијата во јануари, потсетува агенцијата.
Свет
Макрон: Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина
Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина, изјави денес францускиот претседател Емануел Макрон, повикувајќи ја да го развие својот технолошки суверенитет.
„Да бидеме јасни, Европа не сака да биде клиент на големи претприемачи или големи решенија презентирани од САД и Кина. Сакаме да ги развиеме нашите сопствени решенија“, рече Макрон во Берлин, на француско-германскиот самит за технолошкиот суверенитет на Европа.
Европа „едноставно одбива да биде вазал“, нагласи тој, со оглед на тоа што значително заостанува во технолошкиот сектор, особено во трката за развој на вештачката интелигенција.
„На краток рок, постои цена ако не се биде вазал бидејќи треба повторно да се инвестира“, рече тој, оценувајќи дека ова трошење е клучно и дека Европејците мора „да донесат многу смели одлуки“.
Меѓу тие одлуки, „прв приоритет“ е „европската преференција“, особено во областа на јавните набавки, со цел да се овозможи развој на технолошките „шампиони“ во Европа, рече францускиот претседател.
„Кинезите имаат кинеска ексклузивност колку што е можно повеќе, а Американците имаат многу силна американска преференција. Само што ние никогаш немаме европска преференција, згора на тоа, понекогаш дури сме фасцинирани од неевропски решенија“.
Свет
Конгресот гласаше за објавување на досиејата за Епштајн – 427 гласови за, 1 против
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денес речиси едногласно гласаше за закон со кој се наредува Министерството за правда да ги објави сите документи за осудениот сексуален предатор Џефри Епштајн.
Иницијативата почна уште во јули, кога мала двопартиска група пратеници започна петиција за заобиколување на претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој контролираше кои закони се ставаат на гласање. На почетокот, нивните шанси изгледаа мали, особено откако претседателот Трамп ја нарече целата работа измама и ги повика своите поддржувачи да ја игнорираат.
Сепак, обидите на Трамп и Џонсон да го спречат гласањето на крајот не успеаја. Соочен со зголемена поддршка за законот, претседателот попушти, па дури и објави дека ќе го потпише доколку помине во Сенатот.
Законот беше усвоен со убедливи 427 гласови „за“ и само еден „против“. Единствениот пратеник кој се спротивстави беше Клеј Хигинс, републиканец од Луизијана и страствен поддржувач на Трамп. Интересно е што Хигинс претседава и со поткомисијата која веќе ги побара досиејата на Епштајн од Министерството за правда.
Гласањето е јасен показател за зголемениот притисок врз политичарите и администрацијата на Трамп конечно да одговорат на долгогодишните јавни барања за транспарентност во случајот Епштајн.
Џефри Епштајн беше моќен финансиер со бројни врски, а си го одзеде животот во 2019 година во затвор на Менхетен, каде што чекаше судење по сериозни обвиненија за сексуална злоупотреба и трговија со малолетници.

