Свет
„Вашингтон пост“: Веднаш по изборите во САД, Трамп му се јави на Путин и му испрати порака
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп разговарал со рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот, што е прв телефонски разговор меѓу двајцата откако Трамп победи на изборите, дознава Вашингтон пост ексклузивно од неколку луѓе за кои вели дека се запознаени со ова прашање.
За време на разговорот, кој Трамп го водел од своето летувалиште на Флорида, идниот шеф на Белата куќа го советувал рускиот претседател да не ја ескалира војната во Украина и го потсетил на зголеменото воено присуство на Вашингтон во Европа, изјави лице запознаено со повикот, кој, како и другите кои зборуваа за угледниот весник, зборуваа под услов на анонимност, пишува Вашингтон пост, а пренесува Јутарњи.хр.
Трамп и Путин разговараа за целта за мир на европскиот континент, при што Трамп изрази интерес за понатамошни контакти за да разговараат за „рано решавање на украинската војна“, велат изворите.
Трамп за време на неговата претседателска кампања изјави дека ќе ја заврши војната во Украина во рок од еден ден, иако не откри детали како има намера да го направи тоа. Приватно, сепак, сигнализирал дека ќе поддржи договор според кој Русија ќе задржи дел од освоената територија, а за време на разговорот накратко го покренал и прашањето за таа земја, велат изворите.
Повикот, кој претходно не беше објавен, доаѓа во време на општа неизвесност за тоа како Трамп ќе ја „ресетира“ глобалната дипломатска мрежа на сојузници и противници на Америка по неговата победа. Во четвртокот, Трамп изјави за Ен-би-си дека разговарал со околу 70 светски лидери по изборите, вклучувајќи го и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а на повикот се приклучил и Илон Маск.
Украинската влада е информирана за повикот на Путин и не се спротивстави на разговорите, изјавија два извори запознаени со ова прашање. Украинските власти одамна сфатија дека Трамп ќе соработува со Путин на дипломатско решение за Украина, велат тие.
Москва првично реагираше студено на победата на Трамп, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека Путин не планира да му се јави на идниот претседател на „непријателска земја која директно и индиректно е вклучена во војната против нашата земја“ и да му честита.
Но, во четвртокот Путин сепак јавно му честиташе на Трамп за неговата победа, пофалувајќи го неговиот „машки“ одговор на обидот за атентат во Пенсилванија и велејќи дека е „подготвен“ да разговара со него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Софија предупредува: Блокадата на границите со Србија и Македонија носи критични економски загуби
Економските загуби за Бугарија и соседните земји ќе бидат критични поради блокадата на границите со Србија и Северна Македонија, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов за време на денешниот „Софски економски форум“.
„Ваквите блокади водат до многу сериозни последици не само за транспортот, туку и за целата економија што зависи од снабдувањето“, рече Караџов, цитиран од БНТ. Според него, постапките на превозниците од Западен Балкан ги кршат основните европски права за слободно движење на стоки.
И покрај сериозноста на ситуацијата, министерот за транспорт појасни дека Бугарија нема овластување сама да го реши проблемот. Тој ги упати превозниците кон европските институции, бидејќи спорот е поврзан со новите правила за влез во Шенген зоната, пренесува „Факти.бг“.
„Подобро е да седнеме и да разговараме со европските институции. Ниту владата во Бугарија, ниту која било друга земја-членка немаат никаква врска со оваа одлука“, додаде Гроздан Караџов. Тој ја повика Европската комисија што поскоро да почне преговори за да се најде компромис додека не се отворат границите.
Вицепремиерот изрази сериозна загриженост дека неговите обиди да иницира „прозорци“ за премин преку граничните премини Калотина и Гујешево може да бидат неуспешни.
Во моментов, загубите за превозниците се проценуваат на десетици илјади евра дневно, а ризикот од последователни потреси врз цените на основните производи останува висок.
Свет
Германија нуди 1 милион евра за информации за нападот врз електричната мрежа во Берлин
Германија нуди награда од 1 милион евра за информации што ќе доведат до апсење на осомничените екстремно левичарски милитанти чие палење претходно овој месец предизвика масовен прекин на електричната енергија во Берлин.
Полицијата трага по членови на „Vulkangruppe“ (Вулканска група), која ја презеде одговорноста за нападот, објави Euronews.
Нападот остави околу 45.000 домови и 2.200 бизниси во југозападниот дел на германската престолнина без електрична енергија речиси една недела во сред зима. Тоа беше најдолгиот прекин на електричната енергија во градот од крајот на Втората светска војна.
Крајно левичарската „Vulkangruppe“ ја презеде одговорноста за прекинот во неколку онлајн објави, велејќи дека нивната цел била да ја нападнат индустријата за фосилни горива, а не да предизвикаат прекин на електричната енергија.
Германскиот министер за внатрешни работи, Александар Добриндт, вети решителен одговор при објавувањето на наградата.
„Нашите безбедносни агенции ќе бидат значително зајакнати во борбата против левичарскиот екстремизам“, изјави тој. „Верувам дека е соодветно да се нагласи сериозноста на ситуацијата со награда од ваков обем“.
Добриндт објави дека полицијата ќе започне јавна кампања за собирање информации и промоција на наградата, што вклучува делење летоци и лепење постери во берлинското метро.
фото/Depositphotos
Свет
Русија од почетокот на годината зазела над 500 квадрати километри од Украина, според началникот на Генералштабот
Началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов, ги посетил единиците на истокот на Украина и изјавил дека Русија од почетокот на јануари зазела повеќе од 500 квадратни километри територија.
Во видеоснимка објавена од руското министерство за одбрана, Герасимов тврди дека руските сили напредуваат „на сите правци“.
Руското министерство за одбрана денеска соопшти дека Герасимов ги посетил војниците кои се борат на истокот на Украина. Во објавата на Телеграм се наведува дека тој „извршил увид во напредокот на борбените задачи што ги спроведуваат формациите и единиците на борбената група Запад“. Министерството не прецизира кога и каде точно се случила посетата.
Герасимов во видеото изјавува дека руските сили „ја продолжуваат офанзивата на сите правци“.
Според него, од почетокот на годинава руската војска презела контрола врз 17 населени места и повеќе од 500 квадратни километри украинска територија. Тој тврди и дека руските сили напредуваат кон градот Запорожје.
Објавата за посетата на Герасимов доаѓа неколку дена по трилатералните преговори меѓу руските и украинските претставници, одржани во Обединетите Арапски Емирати со посредство на САД. Целта на преговорите е да се стави крај на војната што трае речиси четири години. Наредната рунда преговори, според најавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, се очекува на 1 февруари.

