Свет
Велика Британија: Ќе ја признаеме Палестина во септември ако Израел не се согласи со нашите услови
Велика Британија ќе признае палестинска држава во септември ако Израел не се согласи на прекин на огнот во Газа, не дозволи помош од ОН и не преземе други чекори кон долгорочен мир, објави британскиот премиер Кир Стармер, според светските медиуми.
Стармер свика редок летен состанок на кабинетот за да се разговара за ситуацијата во Газа.
Тој им рече дека Велика Британија ќе ја признае државата Палестина пред Генералното собрание на Обединетите нации, „освен ако израелската влада не преземе значајни чекори за да ја заврши ужасната ситуација во Газа, не постигне прекин на огнот, не вети дека нема да има анексија на Западниот Брег и не се обврзе на долгорочен мировен процес што ќе обезбеди решение за две држави“.
Тој исто така рече дека Хамас мора да ги ослободи сите заложници што ги држи, да се согласи на прекин на огнот, „да прифати дека нема да игра никаква улога во владата на Газа и да се обврзе на разоружување“. Во телевизиска изјава, Стармер рече дека неговата влада ќе го процени „степенот до кој страните ги исполниле овие чекори“ во септември пред да донесе конечна одлука за признавање.
Велика Британија долго време ја поддржува идејата за постоење на независна палестинска држава покрај Израел, но верува дека признавањето треба да дојде како дел од договореното решение за конфликтот.
Притисокот за формално признавање на палестинската државност се зголеми откако францускиот претседател Емануел Макрон објави дека неговата земја ќе стане првата голема западна сила што ќе признае палестинска држава.
Повеќе од 250 од вкупно 650 пратеници во Долниот дом потпишаа писмо со кое ја повикуваат британската влада да признае палестинска држава. Стармер истакна дека и покрај условите што ги поставил, Велика Британија верува дека „државноста е неотуѓиво право на палестинскиот народ“, пренесуваат агенциите.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Се чувтсвувам како идиот“: Лајчак проговори за контроверзните пораки со Епштајн
Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, изјави дека се чувствува „како идиот“ по објавувањето на новите СМС-пораки во аферата со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
„Искрено, не се сеќавам на тие пораки. Не можам ниту да ги потврдам, ниту да ги негирам. Се чувствувам како идиот“ – рече словачкиот дипломат, откако ги препрочита пораките.
Тој призна дека имал лоша проценка и „несоодветна комуникација“, но негираше вмешаност во какви било кривични дела, нагласувајќи дека пораките биле „само глупави машки разговори“.
Лајчак објасни дека пристигнал во Њујорк во 2017 година на едногодишна функција во Обединетите нации и дека бил запознаен со Џефри Епштајн од страна на висок странски дипломат. Според него, Епштајн бил широко познат и се сретнал со бројни бизнис и политички личности од САД и од странство.
Лајчак рече дека не гледа причина да не се сретне со него, тврдејќи дека воспоставувањето контакти е дел од неговата работа, пишуваат медиумите.
„Зошто јас, човек од Словачка, не би го прифатил тоа? Тој беше вреден контакт“ – рече Лајчак, истакнувајќи дека подоцна дознал за пресудата на Епштајн за сексуален прекршок во 2008 година, но забележал дека многу влијателни личности продолжиле да се дружат со него и по тоа.
Ова, додаде тој, го навело да верува дека „не е проблем да се прави истото“.
– Мојот однос со него се темелел на зборови, а не на дела. Денес ја плаќам цената на комуникацијата и познанството со него – рече Лајчак.
Тој ги осуди злосторствата што излегоа на виделина по апсењето на Епштајн во 2019 година.
Тој, исто така, потврди дека го посетил станот на Епштајн, но рече дека биле присутни и други бизнис и политички личности.
„Немало девојки. Овој дел од животот на Епштајн ми беше непознат. Тој не зборуваше за тоа, а јас не го прашав. Мојата совест е чиста“ – нагласи Лајчак, според написите.
Фото: ЕПА
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Свет
Зеленски: Русија претпочита да продолжи со нападите отколку да се вклучи во дипломатија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави, по новите руски напади врз Украина, дека Русија претпочита да продолжи со нападите отколку да се вклучи во дипломатија.
Во текот на ноќта, две лица беа ранети во руските воздушни напади врз Киев, објавија властите на главниот град.
„Користењето на најстудените зимски денови за тероризирање на населението“ е поважно за Русија отколку дипломатијата, напиша украинскиот претседател на Телеграм.
Тој додаде дека руските сили извршиле напади со „повеќе од 70 ракети и лансирале 450 напади со беспилотни летала“ во текот на ноќта.

