Свет
Венеција почнува да наплаќа влезници
Оваа недела Вeнеција ќе почне да им наплаќа влез во градот на еднодневните патници, што е прв ваков случај во светот.
Наменет е да се намали притисокот врз античкиот италијански град, кој тоне под тежината на масовниот туризам.
Почнувајќи од четврток, посетителите што доаѓаат во градот на еден ден ќе треба да купат билет од пет евра, кој ќе го контролираат инспекторите на клучните локации.
Минатата година 3,2 милиони туристи поминаа барем една ноќ во историскиот центар на градот, но десетици илјади други поминаа низ градот во текот на денот, често од бродови за крстарење, за да ги видат знаменитостите, вклучувајќи ги плоштадот Свети Марко и мостот „Ријалто“.
Целта на воведувањето билети е да се намали метежот.
Првично, билетите ќе бидат потребни само за 29 пик-туристички денови во текот на 2024 година, главно за викенди, од мај до јули.
Дали ваквата мерка ќе даде резултати внимателно ќе се следи и во другите туристички дестинации во светот што се борат да се справат со масовниот туризам.
Во Шпанија, втората најпосетувана земја во светот по Франција, десетици илјади луѓе протестираа во саботата на Канарските Острови барајќи ограничување на бројот на посетители на архипелагот.
Луиџи Бруњаро, градоначалникот на Венеција, го опиша потегот како „експеримент, прв во светот, кој има цел да ја направи Венеција попријатна за живеење“.
Венеција, која се простира на повеќе од 100 мали острови и островчиња во североисточна Италија, се смета за еден од најубавите градови во светот.
УНЕСКО ги вброи градот и неговата лагуна како светско наследство во 1987 година наведувајќи го како „извонредно архитектонско ремек-дело“.
Организацијата на ОН, сепак, минатата година се закани дека ќе ја стави Венеција на својата листа на загрозено наследство, наведувајќи ги масовниот туризам и зголемувањето на нивото на водата, што им се припишува на климатските промени.
Долго време симаше дискусија за системот за издавање билети, но неговата имплементација постојано беше одложувана поради загриженоста дека сериозно ќе ги намали приходите од туризмот и ќе ја загрози слободата на движење.
Градските советници од опозицијата тврдат дека тоа нема да има никаква корист. Педесет евра можеа да помогнат“, рече еден од нив, Џанфранко Бетин.
Градоначалникот на Венеција вети дека новиот систем ќе биде наметнат нежно, без строги контроли и редици за билети, отфрлајќи ги шпекулациите дека градот ќе постави бариери или контролни пунктови на улиците.
Инспекторите ќе бидат стационирани во и околу главните влезови на градот, особено на железничката станица „Санта Лусија“, проверувајќи ги посетителите на самото место.
Туристите што немаат билет ќе добијат инструкции како да го купат, но може да ризикуваат казни од 50 до 300 евра доколку ги игнорираат.
Ќе им се наплаќа само на дневните туристи што ќе дојдат во стариот дел од 8.30 до 16 часот, а од ова се ослободени оние што престојуваат во хотели, до 14 години и лицата со посебни потреби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп потврди дека САД започнале напади врз Иран
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“.
Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран.
Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Тој нагласи дека заканувачките активности на Иран директно ги загрозуваат САД, нивните трупи, бази во странство и сојузниците низ целиот свет.
„Иранскиот режим скандира „Смрт за Америка“ веќе 47 години и води немилосрдна кампања на крвопролевање и масовни убиства, насочени кон САД, нашите трупи и невини луѓе во многу земји“, рече Трамп.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги елиминира заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Според израелски безбедносен извор, тековниот напад е заедничка операција на САД и Израел.
Непотврдени извештаи укажуваат дека една од целите на нападот е иранскиот претседателски комплекс, како и домовите на иранските лидери, според информации од иранската опозиција.
Свет
САД и Израел започнаа заеднички напад врз Иран
САД учествуваа во нападите утрово во Иран заедно со Израел, потврди американски функционер за „Тајмс оф Израел“.
Според израелски безбедносен извор, тековниот напад е заедничка американско-израелска операција.
Непотврдени извештаи укажуваат дека една од целите на нападот е иранскиот претседателски комплекс, како и домовите на иранските лидери, според информациите од иранската опозиција.
Нападите се насочени и кон локации од кои Иран може да го загрози Израел.
Досега не е пријавен ракетен истрел врз Израел, но населението е повикано да остане во близина на засолништата, иако сè уште не е потребно да се влезе во нив.
Свет
Траги од хормони најдени во говедско месо кое од Бразил завршило во европските продавници
Наводно, контаминирано говедско месо од Бразил пристигнало во европските продавници. Имено, траги од естрадиол биле откриени во неколку пратки бразилско говедско месо. Овој хормон се користи во храната за животни, но е забранет во Европа поради потенцијални здравствени ризици. Според извештаите од холандските и ирските власти и системот за брзо предупредување RASFF, контаминираното месо влегло на пазарот на ЕУ, а дел од него веќе е консумиран, пишува Kronen Zeitung.
Холандската агенција за безбедност на храната била првата што открила естрадиол во замрзнато говедско месо од Бразил. Вкупно биле идентификувани најмалку четири пратки (вкупно околу 62 тони), а дел бил дистрибуиран во неколку земји-членки. Во Холандија, околу 5.000 кг контаминирано месо било „претежно консумирано“ пред повлекувањето.
Во Ирска, Управата за безбедност на храната го потврди влезот на околу 128 кг заразено месо. До јануари 2026 година, траги од контаминирана стока биле пронајдени во најмалку десет земји, вклучувајќи ги Германија, Италија, Чешка, Шпанија и други. Две поголеми серии беа навреме запрени во Холандија и блокирани. Повлекувања се започнати во неколку земји, а Полска и други наредија дополнителни инспекции на залихите. Австрија и нејзините трговци не се засегнати. Ова предизвика бес кај европските земјоделци. Пол Немечек, директор на Здружението на земјоделци на Долна Австрија, ги критикуваше двојните стандарди: „Европските земјоделци мора да се придржуваат до најстрогите прописи, додека увезеното говедско месо од Бразил очигледно не ги поминува истите контроли. Ова ги поткопува еднаквите услови и довербата на потрошувачите“.
Договор за слободна трговија со Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај (Меркосур) што би дозволил увоз на до 99.000 тони говедско месо по намалени тарифи беше ратификуван во јануари 2026 година и покрај прегледот од страна на Европскиот суд на правдата. Гринпис и други го гледаат ова како демократски скандал. Инспекциите на ЕУ открија неправилности уште во јануари 2026 година, но политичкиот притисок продолжи понатаму. Ревизиите на ЕУ во 2024 и 2025 година покажаа слабости во системот за следење на хормоните во Бразил – месото од третирани животни беше измешано со легален извоз, а бразилските власти не ја предупредија ЕУ за грешките. Брисел започна истрага, а земјоделските здруженија бараат итна забрана за увоз од Бразил сè додека не се обезбеди целосно почитување, потсетува „Кронен Цајтунг“.

