Свет
Версај повторно евакуиран поради закана за поставена бомба

Версај денеска повторно евакуиран поради анонимна закана за бомба, соопшти управата на туристичката атракција во близина на Париз, цитирана од ДПА.
Како што објави ДПА, полицијата ги претресува просториите на палатата на француските кралеви.
Ова е седмо затворање на дворецот Версај во рок од осум дена поради закани за бомби. И покрај тоа што еден осомничен е веќе уапсен, пријавите продолжуваат, а за сите досега е потврдено дека се лажни.
Во текот на изминатите неколку дена, стотици училишта во Франција, како и регионалните аеродроми, беа принудени да се затворат поради лажни пријави за поставени експлозивни направи.
Властите соопштија дека многу од заканите биле упатени од млади луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија: Отворени сме за можноста за средба меѓу Трамп и Путин

Руското Министерство за надворешни работи е отворено за продолжување на контактите со американскиот Стејт департмент за можна средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, изјави денес портпаролката Марија Захарова.
„Руското Министерство за надворешни работи, од своја страна, е отворено за продолжување на контактите со американскиот Стејт департмент во спроведувањето на договорите постигнати за време на телефонскиот разговор меѓу претседателите на Русија и САД на 16 октомври“, изјави Захарова пред новинарите.
Вчера, Трамп го објави откажувањето на планираниот состанок со Путин во Будимпешта.
Американскиот претседател рече дека состанокот „може да биде губење време во моментов“. Сепак, неговата администрација ја остави отворена можноста разговорите да продолжат, и покрај санкциите воведени синоќа против двете најголеми руски нафтени компании.
Свет
Германија: Илјадници лица го променија полот во првата година од новиот закон

Во изминатата година, откако стапи во сила новиот закон за самоопределување, илјадници граѓани во Германија го променија својот пол и идентитет, јавува Католичката новинска агенција (KNA).
Само во Берлин над 2.500 лица поднеле барање за промена на пол и идентитет, а во Лајпциг и Келн бројот изнесува околу илјада, односно седумстотини. Најмногу барања биле поднесени веднаш по стапувањето на законот на сила на 1 ноември минатата година.
Според законот, секој граѓанин може со едноставно барање до матичарот да ја смени ознаката за пол во документите — во машки, женски, „разно“ или без наведување.
До донесувањето на овој закон, за промена на пол биле потребни две психијатриски вештачења и судска одлука.
Христијанско-демократската унија (CDU/CSU) која сега е на власт, најави дека ќе го преиспита законот до крајот на 2026 година.
Законот предизвика меѓународно внимание по случајот на неонацистот Свен Либих, кој пред да оди во затвор формално го смени полот за да биде сместен во женски оддел, но потоа не се појавил во затворот, поради што е распишана потерница.
Свет
Русин со УСБ полно со податоци избегал во Франција, пронајден во тешка состојба

Рускиот дезертер и поранешен воен лекар Алексеј Жилјаев, кој на новинари им предал база на податоци од Главната воено-медицинска управа на руското Министерство за одбрана, е хоспитализиран во Франција во тешка состојба, јави Радио Москва.
Според извор запознаен со случајот, Жилјаев не може да оди и го загубил помнењето, а неговите пријатели и познаници го барале со месеци, откако му се загубила секоја трага. Причината за неговата состојба сè уште не е позната, но лекарите ја исклучиле можноста за труење.
Пред исчезнувањето, Жилјаев активно истапувал во медиумите. Раскажал дека кон крајот на 2023 година доброволно заминал во војната откако на железничка станица во Санкт Петербург видел група воени инвалиди. Како студент по медицина, почувствувал дека мора да ги искористи своите знаења на фронтот, иако тврдеше дека „секогаш бил против режимот“ и учествувал на протестите на Навални.
Во август 2024 година добил неофицијално отсуство и повеќе не се вратил во единицата. Се поврзал со претставници на организацијата „Идите шумом“, кои му помогнале да избега во Франција, каде што побарал азил.
Портпаролот на организацијата, Иван Чувиљаев, потврдил дека тие му помогнале при бегството: „Не би рекол дека приказната беше нешто посебна — повеќе типична. Имаше долгови, кредити, му било непријатно отворено да зборува за тоа. Потоа беше пратен во евакуациска група, таму се нагледал ужаси, разви јасен посттрауматски стрес. Нашите психолози работеа со него“, изјавил Чувиљаев.
Жилјаев од Русија изнесол УСБ со база на податоци од Главната воено-медицинска управа, која содржи информации за 166.000 пациенти што поминале низ воените болници во Русија и на анектираниот Крим.
Како што објаснил, податоците се пренесуваат преку затворен систем за размена, наречен ЗСПД, кој користи стандарден електронски протокол (SMTP и POP3). Новинарите на Радио Слободна Европа ја потврдиле автентичноста на базата.
Засега нема докази дека Жилјаев бил нападнат.