Свет
(Видео) Асанж уапсен по исфрлањето од еквадорската амбасада

Џулијан Асанж е уапсен, објави агенцијата „Ројтерс“. Претседателот на Еквадор соопшти дека државата го повлекла азилот што му бил додeлен на Асанж.
Веста за апсењето е потврдена и од британската полиција. Полициски службеници, како што пишува „Ројтерс“, биле повикани во еквадорската амбасада кога владата го поништила азилот.
„Џулијан Асанж (47) е уапсен денеска од страна на полициските сили во еквадорската амбасада“, кусо соопштија од британската полиција.
Од „Викиликс“ велат дека Еквадор незаконски го укинал политичкиот азил за Асанж.
BREAK: Full @Ruptly video of WikiLeaks founder Julian Assange’s arrest by British police this morning pic.twitter.com/tdBw1Kbpxn
— Barnaby Nerberka (@barnabynerberka) April 11, 2019
Основачот на „Викиликс“ во еквадорската амбасада во Лондон престојуваше од 2012 година.
Асанж најде засолниште во амбасадата во 2012 година за да избегне апсење и екстрадиција во Шведска, каде што е обвинет за силување.
Шведското правосудство во меѓувреме ја отфрли пријавата, но британската влада цело време напоменува дека има намера да го уапси Асанж кога ќе ја напушти амбасадата бидејќи со бегството ја прекршува неговата условна казна.
Асанж во неколку наврати изјави дека стравува од негова екстрадиција во САД, каде што тој би можел да биде обвинет за објавување хакирани владини документи во врска со војните во Авганистан и Ирак.
Неговиот однос со амбасадата се влоши во последните неколку години, а Еквадор минатата година му ја укина интернет-врската.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Украина ја зголемува употребата на оружје со долг дострел

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека имал детална дискусија со военото раководство на земјата за употребата на оружје со долг дострел, вклучувајќи ракети и беспилотни летала, како и за потребата од зајакнување на таканаречените „далакусежни санкции“ против Русија.
„Разговаравме детално за употребата на нашето оружје со долг дострел, нашите ракети и беспилотни летала. Разговаравме и за производството, снабдувањето на армијата и обуката на екипите. Целта е да бидеме значително поактивни во подготовката и примената на долгорочните санкции против Русија. Колку сме поефикасни во нашиот дострел, толку побрзо ќе постигнеме мир“, рече Зеленски, објави Укринформ.
Тој истакна дека „Украина не води војна заради војна“, за разлика од Русија, туку дека сака да постигне мир. Додаде дека дури и Хамас сега покажува подготвеност за преговори, додека, како што рече, „диктаторот Владимир Путин“ продолжува да одбива.
Зеленски, исто така, нагласи дека Украина, заедно со меѓународните партнери, создава услови за „принудување на Русија на мир“. „Ги поддржуваме сите глобални дипломатски напори за мир на Блискиот Исток и цврсто веруваме дека праведниот притисок врз Русија ќе донесе мир во Украина и во целиот наш регион. Важно е американското раководство да остане активно“, заклучи Зеленски.
Тој претходно го поздрави напредокот кон мир на Блискиот Исток, велејќи дека „Русија останува главен извор на војна и терор во светот“.
Фото: принтскрин
Свет
Белгискиот премиер цел на терористички напад: уапсени три лица

Три лица, родени во 2001, 2002, 2007 година, беа уапсени денес во Белгија под сомнение за планирање терористички напад инспириран од радикален ислам, објави федералната обвинителка Ан Францен на вонредна прес-конференција, а локалните медиуми објавија дека белгискиот премиер Барт де Вевер бил цел на нападот.
„Тие беа лишени од слобода како дел од истрагата за обид за терористичко убиство и учество во активностите на терористичка група“, рече Францен, објави Фламанската радио-телевизија (VRT).
Како што дознава VRT, цел на нападот требало да бидат белгиски политичари, вклучувајќи го и белгискиот премиер Барт де Вевер.
За време на претресот на станот на еден од осомничените, федералната полиција пронашла рачно изработена експлозивна направа што личи на импровизирана експлозивна направа (IED), како и торба со челични топчиња, а според првичните информации, експлозивот не бил активиран.
Кај вториот осомничен е пронајден 3Д печатач, за кој се верува дека е користен за изработка на делови од експлозивна направа.
Исто така, постојат докази дека осомничените планирале да користат дрон за носење експлозиви.
Двајца осомничени биле испрашувани во седиштето на федералната полиција во Антверпен и ќе бидат изведени пред истражен судија, додека третото лице беше ослободено во текот на денот, пренесуваат медиумите.
Белгискиот министер за правда, Анелис Верлинден, изјави дека овој случај „ги погодува темелите на белгиската демократија“ и ја пофали брзата и решителна реакција на обвинителството и полициските служби.
Фото: принтскрин
Свет
Се урна дел од покрив во италијански затвор

Се урна дел од покривот во затворот Реџина Коели во Рим, но никој не е повреден, објавија денес локалните власти, пренесува „Анса“.
„Во моментов нема пријавени повредени, но некои делови од затворот се неупотребливи“, објави Одделот за управување со затворите.
Како што е наведено, раководителот на Одделот, Стефано Кармине Де Микеле, веднаш излегол на местото на настанот.
„Де Микеле ги проценува потребните и итни мерки што треба да се преземат на местото на несреќата со цел да се реши ненадејната вонредна ситуација што се појави во римскиот затвор“, објави „Анса“.
Фото: принтскрин