Свет
(Видео) Бразил е жариште на коронавирус, а претседателот правејќи склекови порача: „Тоа е само мал грип“
Здравствениот систем на Бразил е на работ на колапс, а смртноста од коронавирус во оваа јужноамериканска земја постојано расте.
Во меѓувреме, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро во неделата им се придружи на демонстрантите на уште еден протест против блокадите и рестрикциите.
Градоначалникот на Сао Паоло, Бруно Ковас, предупреди дека здравствениот систем во тој град може многу брзо да се наруши доколку жителите не ги следат упатствата за физичко растојание.
„Градот ја достигнува границата“, рече Ковас, предупредувајќи дека девет од десет кревети во одделенијата за интензивна нега се пополнети.
Сепак, од претседателскиот кабинет доаѓа малку поинаква порака. Болсонаро се спротивставува на строгите мерки за физичкото растојание, а протестите, кои тој и самиот ги посетува, станаа редовни.
Си-ен-ен потсетува дека појавувањата на претседателот на јавните собири меѓу приврзаниците станале вообичаени и дека со самото тоа тој ги прекршува мерките за дистанцирање.
Во неделата, Болсонаро се сретна со момци во воени униформи, наводно припадници на армијата и падобранците, па дури и направи неколку склекови со нив.
– Alvorada (Domingo).
Posted by Jair Messias Bolsonaro on Недела, 17 мај 2020
„Пред сè, луѓето сакаат слобода, тие сакаат демократија, сакаат почит“, напиша Болсонаро во прилог на снимка од настанот.
Неодамна, уште еден министер за здравство од Бразил поднесе оставка и тоа во период од само неколку недели.
Нелсон Теич поднесе оставка во петокот, бидејќи се судри со начинот на кој Болсонаро се справува со кризата предизивикана од короавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Можеби имам лоши луѓе за односи со јавноста
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска, една година по враќањето на власт, на долга прес-конференција ги пофали своите постигнувања, ги критикуваше илегалните имигранти и изрази разочараност што неговата економска порака „не стигнува до Американците“.
Говорот го започна во преполна сала за новинари во Белата куќа, покажувајќи фотографии од, како што ги нарече, „пореметени убијци“ кои, според него, биле уапсени и депортирани од страна на Имиграциската и царинска служба (ICE), особено од Минесота — каде што се одржуваат протести против имграциската политика на владата.
Говорејќи за економијата, рече дека го „исчистил“ федералниот апарат и ги намалил бројките што, според него, биле високи под администрацијата на Џо Бајден. „Ги намаливме значително. Не разбирам… можеби имам лоши луѓе за ПР. Не успеваме да ја пренесеме пораката“, изјави Трамп.
Трамп ја спомена и венецуелската опозициска лидерка и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо, за која рече дека е „неверојатно љубезна жена“. Иако претходно беше исклучена од неговата стратегија, рече дека повторно се водат разговори со неа: „Многу би сакал да можеме некако да ја вклучиме.“
Трамп се обрати од Белата куќа непосредно пред заминување за Давос, каде што ќе учествува на Светскиот економски форум, каде што се очекува фокусот да биде ставен на неговите пораки и закани поврзани со Гренланд.
Свет
Каја Калас: Додека некои сојузници ѝ вртат грб на Европа, Европа бара нови партнери
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес во Европскиот парламент го бранеше неодамна потпишаниот трговски договор со Меркосур, нарекувајќи го „геостратешка одлука“.
Во расправата посветена на потребата од мирна демократска транзиција во Венецуела, Калас се осврна на потпишувањето на договорот со Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, земји членки на Меркосур. Членството на Венецуела во овој трговски блок е суспендирано од 2016 година.
„Во момент кога некои сојузници ѝ свртуваат грб на Европа, Европа бара нови сојузници“, рече Калас во Стразбур, пред зградата на Европскиот парламент, каде што денес се одржа голем протест против договорот.
Во саботата, Европската унија и земјите од Меркосур го потпишаа историскиот договор за слободна трговија, кој опфаќа 700 милиони граѓани. Следниот чекор е да се обезбеди поддршка од Европскиот парламент.
Утре пратениците ќе гласаат дали да побараат мислење од Судот на ЕУ за тоа дали договорот е усогласен со европските договори. Доколку предлогот помине, гласањето за потврдување на договорот ќе се одложи сè додека Судот не се изјасни – што може да потрае и до две години. Ако предлогот не помине, Европскиот парламент би можел да гласа уште во февруари.
Свет
САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин
Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.

