Свет
(Видео) Вонредна ситуација во Луизијана поради ураганот Николас

Тропската бура Николас се претвори во ураган, проследена со ветрови до 120 километри на час.
Американскиот претседател Џо Бајден прогласи вонредна состојба во државата Луизијана и ѝ нареди на федералната агенција за вонредни состојби да ги засили активностите и да помогне на локално ниво да се поправат последиците предизвикани од тропската бура, која од синоќа се претвори во ураган.
Ураганот, проследен со налети на ветер до 120 километри на час, се разви речиси 75 километри југозападно од Фрипорт, Тексас, објави Националниот центар за урагани.
Ураганот донесе обилни врнежи од дожд, силни ветрови и бури во делови од централниот и горниот дел на Тексас, соопшти Центарот.
„Бурата полека ќе се движи низ Тексас, ќе трае неколку дена и ќе донесе огромни количини врнежи. Луѓето во регионот треба да бидат подготвени за екстремни настани на високата вода“, рече гувернерот на Тексас, Грег Абот.
Николас е втор ураган за две недели што го загрозува американскиот брег во Мексиканскиот Залив откако ураганот Ида ја опустоши Луизијана кон крајот на август оставајќи повеќе од 25 жртви.
„Сакаме да бидеме сигурни дека оваа бура нема да фати никого неподготвен. Најмногу сме загрижени од силниот дожд“, рече гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс, предупредувајќи дека дренажните системи сѐ уште се затнати со седименти предизвикани од Ида.
Градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер, ги повика сите 2,3 милиона жители на градот да останат во своите домови.
„Сфатете ја оваа ситуација сериозно и подгответе се. Не знаеме колку дожд ќе наврне“, рече Тарнер.
Поради ураганот Николас, училиштата во Хјустон ќе бидат затворени во вторник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.