Свет
(Видео) Го разбил тоалетот во авионот и му го скршил носот на стјуардот: уапсен маж на лет за Лондон
35-годишен маж, за кој се вели дека е од Велика Британија, нападнал стјуард на летот од Тајланд за Британија, откога го скршил тоалетот на летот на „Тај ервејс“.
Како што пренесуваат локалните медиуми, на шокантното видео снимено од еден од патниците може да се види како маж бесно ги удира со тупаници и ги турка другите во авионот од себе по што го удира стјуардот, кој паѓа на подот.
Другите патници и екипажот на релација Бангкок -Хитроу потоа се обиделе да интервенираат. Меѓутоа, ситуацијата ескалирала завршувајќи со тоа што 35-годишниот маж, чие име сè уште не е објавено, бил уапсен при слетувањето во Лондон, соопшти полицијата.
„Беше во тоалетот и почна да вреска и да вика. Почна да ја крши вратата. Еден постар дечко се обидел да го извлече. Избувна тепачка и тој на крајот го удри стјуардот. Мислам дека му го скрши носот“, изјавила патничка, која го снимила инцидентот.
Таа рече дека уште повеќе патници се вклучиле по ударот, а на патниците им било кажано дека летот можеби ќе треба да се пренасочи кон Дубаи, но доколку не ескалира нов инцидент, тие би можеле да продолжат кон Лондон, додаде таа.
„Моравме да го трпиме неговото викање. Ги навредуваше сите. Беше груб. Луѓето ги менуваа седиштата и ги префрлаа децата на задниот дел од авионот. По слетувањето, полицијата влезе и го извлече“, додава очевидец.
Полицијата Метрополитен потврди дека полицајците одговориле на извештајот за напад на авион што доаѓа од Бангкок.
„Авионот го пресретнавме по пристигнувањето и уапсен е 35-годишен маж поради сомнение дека нанел тешка телесна повреда и го загрозил леталото. Тој останува во притвор. Уште еден маж е пренесен во болница. Тој е надвор од животна опасност“, соопштија од полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

