Свет
(Видео) Драматична снимка од извлекување семејство од урнатините по руското бомбардирање на Запорожје
Службата за вонредни ситуации на Украина објави видео од спасувањето на цело семејство од под урнатините на куќата, затрупана по рускиот напад на Запорожје.
На видеото се гледа како спасувачкиот тим му помага на едно девојче да помине низ мал отвор од подрумот, а го следат нејзината мајка и татко.
Како и со нападите во понеделникот, бомбардирањето во вторникот, исто така, ја погоди енергетската инфраструктура и цивилните области.
Едно лице загина кога 12 проектили паднаа врз градот Запорожје на југот на земјата, предизвикувајќи голем пожар, соопшти Државната служба за вонредни состојби.
Локален претставник изјави дека проектилите погодиле училиште, станбени згради и медицински установи.
Прозорците и вратите на станбените згради беа разнесени од најновите руски напади, но нема информации за жртви, изјави секретарот на градскиот совет Анатолиј Куртев. Тој ги предупреди жителите на можноста за последователен напад.
Запорожје, кое се наоѓа доста блиску до линијата на фронтот, во последните неколку недели постојано беше погодено од често смртоносни напади.
Тоа е дел од поголем регион, вклучувајќи ја и најголемата европска нуклеарна централа која сега е под руска контрола, која Москва рече дека ја анектирала кршејќи го меѓународното право.
Самиот град останува во украински раце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Уапсен уште еден осомничен за терористичкиот напад во Москва
Уште едно лице е уапсено во врска со терористичкиот напад на градското собрание Крокус во Москва на 22 март, соопшти денеска за „ТАСС“ портпаролот на полицијата.
„Уапсен е уште еден потенцијален осомничен во случајот со терористичкиот напад на Крокус. Инспекторите ја испитуваат неговата улога во тој напад“, изјави претставник на полицијата.
Полицијата уапсила државјанин на Таџикистан. Досега во врска со случајот се уапсени 11 лица, меѓу кои и четворица извршители на нападот.
Според последните податоци, во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва загинале 145 лица.
Свет
Почина бебето кое беше извадено од утробата на мртвата мајка во Газа
Почина бебето кое во неделата со царски рез во Газа беше спасено од утробата на мртвата мајка, пишува Би-Би-Си.
Бебето е родено по итен царски рез извршен врз трудница која била убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа.
Освен мајката на Сабрин Ал Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината тригодишна сестра Малак.
Бебето при раѓањето тежело 1,4 килограми, а се родило во триесеттата недела од бременоста на мајката. Веднаш по царскиот рез беше сместено во инкубатор во болницата во Рафа заедно со уште едно бебе.
Но, девојчето после неколку дена почнало да има сериозни здравствени проблеми. Лекарите го реанимирале, но сепак починало вчера.
16 деца биле убиени за време на два воздушни напади на Рафа минатиот викенд, при бомбардирање на комплекс од станбени згради.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека цел биле борците и инфраструктурата на Хамас и воените комплекси.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.