Свет
(Видео) Зеленски побара безбедносни гаранции и повика на превентивни санкции против Русија
Претседателот на Украина Володимир Зеленски во емотивното обраќање на Минхенската безбедносна конференција го повика Западот да застане на страната на Украина, бидејќи Русија се заканува со понатамошна инвазија на неа.
Тој го критикуваше амбивалентниот став на земјите кои молчат, нагласувајќи дека оние кои не стојат на страна на Украина треба „да размислуваат за кармата“.
„ Не се работи за војна во Украина, туку за војна во Европа. Украина го направи својот избор во 2014 година и многу луѓе ги жртвуваа своите животи за тоа“, рече Зеленски, мислејќи на револуцијата на Евромајдан и војната во источна Украина.
„ Од 2014 година, Русија инсистира дека сме избрале погрешно, дека никој не не чека во Европа. Зарем Европа не треба постојано да кажува и да демонстрира со своите постапки дека тоа не е вистина?“ праша Зеленски.
Тој исто така побара да се обнови безбедносната архитектура во Европа и побара нови безбедносни гаранции за Украина.
„ Безбедносната архитектура е уништена, крајно време е за нова. Имаме право да бараме да преминеме од политика на помирување кон безбедносни гаранции“ рече украинскиот претседател.
Зеленски порача дека со или без помош, ќе направат се за да ја заштитат својата убава земја. Тој побара и средба со рускиот претседател Владимир Путин.
„ Не знам што сака рускиот претседател, затоа сакам да се сретнам со него“, рече тој.
Зеленски побара од Западот да не ги одложува санкциите против Русија, туку да ги спроведе превентивно, особено ако Русија не ги повлече своите 150.000 војници што ја опколуваат Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

