Свет
(Видео) Карневалски спектакл во Рио: разголени убавици играат самба на улиците, градоначалникот ужаснат

Иако Марсело Кривела, градоначалникот на Рио де Жанеиро и член на влијателната евангелистичка црква, укина 1,5 милион долари за парада на најпознатата школа на самба, годинашниот карневал беше фантастичен!
Најпознатиот карневал во светот започна во петокот во Рио де Жанеиро, и ќе трае и денес, иако градоначалникот пуританец се обиде да ја спречи експлозијата на сексапил.
Медиумите го нападнаа Кривела поради обидот да ја расипе најголемата забава во светот поради своите верски убедувања.
„Не е вистина тоа што го велат луѓето, дека имам предрасуди кон карневалот”, се бранеше тој, додавајќи дека не сака на никого да му ја расипе забавата. Сепак, со денови беше нејасно дали тој ќе се појави на карневалот. Се појави, но сепак не ги предаде лично клучевите на градот на кралот на карневалот, туку тоа го направи претседателот на Туристичкото биро на Рио.
Кривела е бискуп на една од најголемите и највлијателни евангелистички цркви – Универзалната црква на Царството Божјо – а за прв човек на Рио беше избран во 2016 година. Многумина од евангелистите кои го доведоа на власт се противат на разузданиот карневал.
Драмата околу предавањето на клучевите на градот ја нарече „религиозна догма”, и тој се прашуваше дали е тоа воопшто важно.
„Дали тоа ќе го подобри образованието или здравјето”, се праша тој, но мораше да заклучи дека карневалот е „парадоксално време на градот”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.