Свет
(Видео) Ким Џонг-ун со возот наречен движечка тврдина стигна во Пекинг
																								
												
												
											Познатиот оклопен воз на Ким Џонг-ун повторно е во центарот на светската јавност, откако севернокорејскиот лидер со него патуваше до Пекинг. Таму ќе се сретне со кинескиот колега Шји Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин, пишува „Њузвик“.
Ова е прва посета на Кина од јануари 2019 година, а се очекува да присуствува на воена парада во Пекинг по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна, приклучувајќи се на лидерите на двата најважни сојузници на Северна Кореја.
🚨‼️🔥North Korean leader Kim Jong Un is on his way to Beijing to attend China’s Victory Day military parade on September 3, marking the 80th anniversary of Japan’s surrender in World War II.
Kim travels on a special armored train pic.twitter.com/mOyJt8DieO
— MOSCOW NEWS 🇷🇺 (@MOSCOW_EN) September 2, 2025
Во возот беа и водечките официјални лица на владејачката Работничка партија на Кореја и севернокорејската влада. Со Ким во Пекинг допатува и неговата помлада ќерка, Ким Џу-е, за која се смета дека можеби ќе го наследи.
Возот што го користи Ким Џонг-ун, наречен „движечка тврдина“, има непробојни стакла, зајакнати подови и ѕидови отпорни на експлозии, како и противвоздушно оружје, според јужнокорејското Министерство.
Воени извори од Јужна Кореја наведуваат дека возот има радари, топови, лансери на ракети земја-воздух и дури и хеликоптер за итно бегство. Сета опрема значително го зголемува товарот на возот, кој се движи со максимална брзина од околу 56 километри на час. Патувањето до Пекинг, околу 1.300 километри, трае приближно 20 часа.
На утрешната воена парада првпат ќе се сретнат кинескиот, рускиот и севернокорејскиот лидер. „Присуството на Ким и Путин во Пекинг формализира трипартитен однос меѓу Кина, Русија и Северна Кореја пред јавноста“, изјави за AFP Су Ким, консултант за геополитички ризик и поранешен аналитичар на ЦИА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Свет
Систем на пробен период за земјите што во иднина ќе станат членки на ЕУ; ЕК во страв од тројански коњ на Русија во рамките на Унијата
														Европската комисија разгледува воведување систем на „пробен период“ за земјите што во иднина ќе станат членки на Европската Унија, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во интервју за „Фајненшл тајмс“.
Според неа, овој механизам би се однесувал и на Украина и Молдавија, како и на сите други земји што сè уште не се приклучиле на Унијата. Во текот на неколку години по пристапувањето во членството, на новите држави би можеле да им бидат ограничени правата, па дури и суспендирано членството, доколку не ги исполнат стандардите и обврските пропишани од Унијата.
„Новиот систем би овозможил континуирано следење на усогласеноста со европските стандарди за владеење на правото и функционирањето на институциите“, рече Кос, нагласувајќи дека целта не е да се создадат „двојни“ членки на ЕУ, туку да се заштити кредибилитетот и стабилноста на европскиот проект.
Таа додаде дека во Брисел постои страв дека некои нови членки, доколку не поминат низ темелен процес на верификација по влезот, би можеле да станат „тројански коњ на Русија“ во рамките на Унијата. Поради оваа причина, Европската комисија подготвува сет нови правила што би овозможиле привремено ограничување на правото на глас или финансиски средства во случај на сериозни отстапувања од европските вредности и политики.
Предлогот е дел од поширока реформа на процесот на проширување на ЕУ, која има за цел да ја балансира геополитичката потреба за прием на нови земји со барањето за зачувување на функционалноста и единството на самата Унија, пренесуваат медиумите.
Фото: принтскрин
Свет
Почина поранешниот потпретседател на САД, Дик Чејни
														Почина Дик Чејни, поранешен шеф на кабинетот на Белата куќа, конгресмен, секретар за одбрана и потпретседател на САД, потврди неговото семејство. Имаше 84 години.
Тој беше помошник во Белата куќа под Ричард Никсон, шеф на кабинетот под Џералд Форд, секретар за одбрана под Џорџ Х. В. Буш и потпретседател за Џорџ В. Буш.
Почина од компликации од пневмонија, соопшти неговото семејство.
Чејни беше еден од најполаризираните потпретседатели во американската историја под Џорџ В. Буш и водечки застапник за инвазијата на Ирак.
Во подоцнежниот живот тој стана цел на Доналд Трамп, особено кога ќерка му Лиз Чејни стана водечки републикански критичар на обидите на Трамп да остане на власт по изборите во 2020 година и нападот врз Капитол.
„Во 246-годишната историја на нашата нација никогаш не постоела поголема закана за нашата република од Доналд Трамп. Тој се обиде да украде избори користејќи лаги и насилство за да остане на власт откога гласачите го отфрлија. Тој е кукавица“, рече Чејни во телевизиска реклама за својата ќерка.
Минатата година тој објави дека ќе гласа за Камала Харис, демократската претседателска кандидатка против Трамп.
Дик Чејни преживеал пет срцеви удари и во 2013 година рече дека се буди секое утро „со насмевка на лицето, благодарен за дарот на уште еден ден“.
Во соопштението од неговото семејство се вели: „Со децении Дик Чејни ѝ служеше на нашата нација, вклучително и како началник на кабинетот на Белата куќа, конгресмен од Вајоминг, секретар за одбрана и потпретседател на Соединетите Американски Држави. Дик Чејни беше голем и добар човек, кој ги научи своите деца и внуци да ја сакаат нашата земја и да живеат живот исполнет со храброст, чест, љубов и љубезност.
Неизмерно сме благодарни за сè што Дик Чејни направи за нашата земја. И неизмерно сме благословени што го сакавме и бевме сакани од овој благороден џин од човек“.
Фото: ЕПА
Свет
Пронајдени стаклени топки создадени од удар на метеорит пред 11 милиони години
														Истражувачите пронајдоа необични стаклени топки во пустините на Австралија кои се доказ за удар од метеорит од пред 11 милиони години, објавува денес „Science alert“.
Како што покажа анализата на топките пронајдени во Јужна Австралија, тие имаат уникатен состав, создаден со топење на метеорити при удар, кој не е пронајден никаде на друго место во светот.
Истражувачите посочуваат дека овие новооткриени минерали, наречени анангити, се формирани во џиновски удар што се случил пред приближно 11 милиони години.
Сепак, геолозите сè уште не пронашле никаква трага од кратер поврзан со овој настан, кој мора да бил доволно моќен за да остави траги од минерали, зачувани милиони години.
„Овој вид стакло од кое се направени топките е уникатен за Австралија и сведочи за настан за кој дури и не знаевме“, рече геохронологот и геохемичар од Универзитетот Куртин во Австралија, Фред Џордан.
Според него, топките се формирале кога астероид ја погодил Земјата, топејќи ја површинската карпа и расфрлајќи ги остатоците илјадници километри наоколу.
Тој додаде дека овие парчиња стакло се како мали временски капсули од далечната историја на нашата планета.
Наодите од истражувањето беа објавени во списанието „Earth & Planetary Science Letters“.
Местото каде што се случил ударот на метеоритот, сепак, останува голема мистерија, а научниците сè уште не го пронашле кратерот.
Фото: принтскрин

