Свет
(Видео) Кинески воен брод му го пресекол патот на американски разорувач во Тајванската Теснина
Американската војска објави видео од, како што го нарече, небезбедниот кинески маневар во Тајванската Теснина за време на викендот, во кој брод на кинеската морнарица нагло му го пресекол патот на американски разорувач принудувајќи го американскиот брод да забави за да избегне судир, пренесува „Гардијан“.
Инцидентот се случил во саботата додека американскиот разорувач „УСС Чунг-Хун“ и канадската фрегата „ХМЦС Монтреал“ вршеле т.н. транзит на слобода на навигација низ Теснината меѓу Тајван и континентална Кина.
Кина тврди дека автономниот остров Тајван е дел од нејзината територија и дека Теснината е дел од нејзината ексклузивна економска зона, а САД и нивните сојузници редовно пловат и летаат преку преминот за да го истакнат својот став дека водите се меѓународни.
За време на саботниот транзит, кинескиот воен брод со наведувана ракета го престигнал „УСС Чунг-Хун“ од неговата лева страна, а потоа скршнал пред него на растојание од 140 метри, тврди американската Индопацифичка команда.
Американскиот разорувач го задржал својот курс, но ја намалил брзината на 10 јазли за да избегне судир, соопшти војската.
На видеото објавено во понеделникот се гледа како кинескиот брод му го пресекува патот на американскиот разорувач, а потоа се исправа и почнува да плови паралелно со него.
Индопацифичката команда вели дека со своите маневри кинескиот брод ги прекршил поморските правила за безбедно пловење во меѓународни води.
Кинескиот брод не се обидел со сличен маневар врз канадската фрегата, која пловела зад американскиот разорувач.
„Транзитот на ‘Чунг-Хун’ и ‘Монтреал’ низ Тајванската Теснина ја покажува комбинираната американско-канадска посветеност на слободен и отворен Индо-Пацифик. Американската војска лета, плови и работи безбедно и одговорно секаде каде што ѝ дозволува меѓународното право“, велат од Индопацифичката команда.
САД неодамна ја обвинија Кина за непотребно агресивен маневар во воздух кога кинески борбен авион „Ј-16“ кон крајот на минатиот месец летал директно пред носот на американски извидувачки авион над Јужното Кинеско Море.
Блиските средби ја зголемија загриженоста за можна несреќа, што може да доведе до ескалација меѓу војските на двете земји во време кога тензиите во регионот се веќе високи.
Инцидентот во Тајванската Теснина се случи истиот ден кога американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, и кинескиот министер за одбрана, генерал Ли Шангфу, беа во Сингапур на годишна конференција за одбрана.
Ли во неделата посочи дека САД и нивните сојузници ја создале опасноста со нивните патроли и дека имале намера да ја провоцираат Кина. Остин го поканил Ли на разговор на маргините на конференцијата, но Ли го одбил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вашингтон одложил неколку испораки на оружје за Израел
Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден одложи неколку испораки на оружје за Израел во изминатите две недели, изјави неименуван извор за Политико.
Изворот близок до администрацијата тврди дека Вашингтон на тој начин сака да испрати политичка порака до Тел Авив.
Белата куќа, се вели, не може да поддржи израелска офанзива врз градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа без соодветен и веродостоен хуманитарен план.
Одложените пратки вклучуваат опрема за наведувани бомби направени од Боинг, дизајнирани да бидат попрецизни.
Свет
(Видео) На аеродромите во Велика Британија илјадници патници блокирани: Проблемот е на „национално ниво“
Аеродромите низ Велика Британија се во хаос откако сите порти беа затворени поради компјутерска грешка во граничните служби, пишува Дејли мејл.
Сликите на социјалните мрежи покажуваат огромни редици пред портите додека илјадници луѓе чекаат да им ги проверат пасошите.
At Heathrow Airport and no one is allowed to get through passport security. The queue is way longer than this. Apparently the issue is a system outage. pic.twitter.com/QdGhlLezZS
— Roshane Thomas (@RoshaneSport) May 7, 2024
Се шират гласини дека Хитроу не е единствениот аеродром погоден од наводната грешка, туку и Манчестер и Гетвик.
Big issues at Heathrow Passport Control with every single E-Gate not working. This is T3 pic.twitter.com/EkzcYGRckP
— Sam Morter (@SamuelMorter) May 7, 2024
Персоналот на Хитроу, наводно, им рекол на патниците во редици дека тоа е национален проблем.
Fun at Heathrow T5. Computers down at border control. Massive queue. Staff trying their best to keep people informed and some very entitled people here! #heathrow #bordercontrol #T5 pic.twitter.com/kKk2SdUtT4
— Nikki Woodruff 💙 (@ManicPeanut) May 7, 2024
Една патничка за „Дејли мејл“ изјавила дека чекала ред цел час, а персоналот на аеродромот почнал да дели вода.
Таа додаде дека на луѓето им било кажано дека аеродромот работи на алтернатива за проверка на документите на патниците.
Регион
Кси слета во Србија: Претседателот на Кина пречекан од Вучиќ и државниот врв
Заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и првата дама, кинескиот претседател Кси Џинпинг беше пречекан на црвениот тепих од српската делегација составена од премиерот Милош Вучевиќ, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, српската амбасадорка во Кина Маја Стефановиќ и кинескиот амбасадор во Белград Ли Минг со сопругата.
Свечениот пречек на кинеската делегација која брои 400 лица е закажан за в среда пред палатата „Србија“.
Домаќин на претседателот Кси Џинпинг ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ, а двајцата лидери ќе разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.
За време на дводневната посета на Кси Џинпинг на Србија, планирано е да се потпишат над 30 договори.
Беше организиран и свечен ручек на кој кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик, која ќе заврши со песната „Ова е Србија“.
Поради доаѓањето на кинескиот претседател преземени се големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја обезбедуваат 3.400 полицајци.