Свет
(Видео) Конвој од камиони на италијанската армија превезува починати до преплавениот крематориум
Италијанската војска била повикана да помогне во транспортот на мртвите пациенти од коронавирус во Бергамо, чиј крематориум сега работи без прекин поради епидемијата на Ковид-19, пренесува РТ.
Лидерот на Лига норд, Матео Салвини, на „Твитер“ објави фотографија на која се гледа навидум бесконечна колона армиски камиони кои се движат низ италијанскиот град во регионот Ломбардија. Воените возила биле испратени за да се земат телата на починатите со кои не може да се справат на локално ниво, рече Салвини.
Видео објавено на социјалните медиуми ги прикажува зелените и маскирни камиони паркирани на улица додека се подготвуваат за транспорт на телата.
Italian Army took the coffins out from Bergamo for cremation pic.twitter.com/6u2GM63FxL
— Amichai Stein (@AmichaiStein1) March 19, 2020
Според извештаите во медиумите, крематориумот на Бергамо е преполн со жртви од коронавирусот. Градот регистрира најмалку 93 смртни случаи на Ковид-19, а локалните власти изразија страв дека најлошото допрва доаѓа.
Италија е најтешко погодената земја надвор од Кина, од каде што се верува дека потекнува вирусот. Италијанските власти објавија 475 нови смртни случаи само во средата. Земјата сега има 35.713 инфекции и речиси 3.000 смртни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Не ја одобруваме американската метода за Мадуро, но го поддржуваме народниот суверенитет
Францускиот претседател Емануел Макрон на состанок на владата изјави дека Франција ниту ја поддржала, ниту ја одобрила методата што Соединетите Американски Држави ја употребиле за да го заробат и приведат венецуелскиот претседател Николас Мадуро, соопшти владината портпаролка.
„Го браниме меѓународното право и слободата на народите“, изјавил францускиот претседател, а на прес-конференција пренесе портпаролката Мод Брежон. Шефот на државата додава дека Николас Мадуро е диктатор и дека неговото заминување е добра вест за Венецуелците.
„Тој му ја одзеде слободата на својот народ и ги украде изборите во 2024 година“, изјавил Макрон.
„Трето, Франција го поддржува народниот суверенитет, а тој народен суверенитет јасно беше изразен во 2024 година“, на претседателските избори на кои, според Париз и дел од меѓународната заедница, победил опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалез Урутија, иако победата ја прогласи Мадуро.
„Доколку дојде до транзиција, победникот од 2024 година треба да одигра централна улога“, ја пренесе Брежон изјавата на Макрон.
Во саботата, по приведувањето на венецуелскиот лидер за време на американска воена операција, францускиот претседател повика на „мирна и демократска“ транзиција во Венецуела, наведувајќи дека венецуелскиот народ може само „да се радува“ што се „ослободил од диктатурата на Мадуро“.
Претходно, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека Соединетите Американски Држави со својата операција го „прекршиле“ меѓународното право.
Пораките на претседателот на Републиката и на министерот треба да се анализираат во рамки на „континуиран контекст“, изјави Брежон, прецизирајќи дека Макрон се „консултирал“ со шефот на француската дипломатија и дека ги одобрува неговите изјави.
Свет
Медведев: Можам да го замислам киднапирањето на неонацистот Мерц, не би ми било жал за него
Поранешниот руски претседател и заменик на Владимир Путин во Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, изјави дека по неодамнешните настани во Венецуела, може да замисли слична операција за апсење на лидерите на други земји, вклучувајќи го и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Во својот коментар, Медведев го нарече Мерц „неонацист“ и рече дека нема да му биде жал ако Мерц биде киднапиран, објави руската државна новинска агенција ТАСС.
„Киднапирањето на истиот неонацист Мерц може да стане одличен заплет во оваа карневалска серија. Малку што може да изненади тука. Во такво сценарио има елемент на реализам. Има нешто што го прогонува дури и во Германија. Затоа нема да ми биде жал за него. Особено затоа што граѓаните страдаат залудно“, рече Медведев како одговор на прашања од ТАСС.
Изјавата на Медведев доаѓа по драматичните настани во Јужна Америка. Венецуелскиот министер за надворешни работи, Иван Гил Пинто, на 3 јануари изјави дека САД нападнале цивилни и воени објекти во Каракас, нарекувајќи ги постапките на Вашингтон воена агресија. По нападот, во Венецуела беше прогласена вонредна состојба.
Кратко потоа, американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека САД извршиле напади врз Венецуела и дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга се уапсени и изнесени од земјата.
Свет
Велика Британија е со Данска: Америка да ја објасни акцијата во Венецуела
Британскиот премиер Кир Стармер денес ја осуди изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за намерата на Соединетите Американски Држави да го преземат Гренланд, велејќи дека „застанува зад премиерката на Данска“.
„Данска е близок европски сојузник, близок сојузник во НАТО и затоа во иднина мора да бидат само Гренланд и Кралството Данска“, рече Стармер, пренесува „Скај њуз“.
Стармер истакна дека сака да биде „апсолутно јасен во врска со ова“, наведувајќи дека на луѓето што живеат во Гренланд, како и на данските власти, им е доверено да одлучат за иднината на Гренланд.
Зборувајќи за ситуацијата во Венецуела откако САД го заробија претседателот на таа земја, Николас Мадуро, Стармер рече дека ситуацијата е „нејасна“.
„Венецуела има потреба од мирна транзиција кон демократија. Тоа беше нашиот став пред викендот, а таков останува и сега. Меѓународното право е рамката, сидрото или референтната точка врз основа на која ги оценуваме постапките на другите влади. И секако, од САД зависи да ги оправдаат своите постапки. Не е лесно“, рече Стармер.
Данската премиерка претходно го повика Вашингтон да „прекине со заканите“ против „историски близок сојузник“ и нација која јасно кажа дека не е на продажба.
Премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик Нилсен, претходно денес изјави дека изјавите на Трамп за потребата на Америка од Гренланд се „целосно неприфатливи“ и претставуваат „непочитување“, со пораката дека „е доста“.
На 3 јануари, САД го нападнаа главниот град на Венецуела, Каракас, и го уапсија претседателот на таа земја, Николас Мадуро, и неговата сопруга.
Мадуро моментално е во Њујорк, каде што се очекува денес да се појави на судење по обвинение за трговија со дрога и оружје.

