Свет
(Видео) Кој е политичарот што беше нападнат со нож во Јужна Кореја – ќе му се суди за корупција, за влакно ги загуби претседателските избори
Ли Џае-Мјунг, лидерот на јужнокорејската опозиција, кој утрово беше нападнат со нож во пристанишниот град Бусан, тесно ги загуби претседателските избори во таа земја минатата година.
Би-би-си јавува дека Ли со рана од еден сантиметар бил примен во болница во свесна состојба и дека неговиот живот не е во опасност, а напаѓачот е уапсен.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како Ли паѓа додека луѓето околу него се обидуваат да го задржат напаѓачот.
Предупредуваме дека видеото е со вознемирувачка содржина:
Портпаролот на Левичарската демократска партија на Кореја изјави дека тој претрпел повреда на југуларна вена и дека ќе му треба операција бидејќи лекарите се загрижени дека крвавењето може да продолжи.
Британскиот медиумски сервис пренесува дека Ли изгубил на изборите во 2022 година за 0,73 отсто од актуелниот јужнокорејски претседател Џун Сук Јеол, што е најмала разлика меѓу двајцата кандидати во историјата на претседателските избори во Јужна Кореја.
Се очекува Ли да се кандидира и на изборите закажани за 2027 година.
Се вели дека тој е осомничен за корупција уште од минатогодишното гласање, а обвинителите тврдат дека им дозволил на приватните инвеститори да остваруваат незаконски профит од проектите што ги одобрил како градоначалник на Сеонгнам, град со еден милион жители јужно од главниот град Сеул.
Ли ги негира обвинувањата нарекувајќи ги политички мотивирани.
Додека го чекал почетокот на судскиот процес за корупција, обвинителството побарало апсење на Ли поради што тој почнал штрајк со глад и завршил во болница.
Тој не е првиот политичар во Јужна Кореја што е нападнат на јавно место, а таквите случаи не се ретки.
Во март 2022 година, претходникот на Ли во партиската функција, Сонг Џонг-гил, го преживеа нападот, но претрпе повреди на главата, а во 2006 година, Парк Геун-Хје, конзервативната лидерка, која подоцна стана претседател на Јужна Кореја, беше избодена со нож во лицето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.