Свет
(Видео) Кралот Чарлс: Имам добри вести за мојата борба со ракот
Кралот Чарлс сподели „добри вести“ за својата борба со ракот со јавноста, откривајќи во лична порака дека неговиот третман ќе биде намален во наредната година благодарение на раната дијагноза и „ефикасната интервенција“. Веста беше објавена како дел од кампањата „Stand Up To Cancer“, објавува Би-Би-Си.
Во снимена видео порака емитувана на Канал 4, кралот рече: „Оваа пресвртница е и личен благослов и доказ за извонредниот напредок постигнат во грижата за ракот“.
Ова е најзначајната вест за здравјето на кралот откако ја објави својата дијагноза во февруари 2024 година. Иако видот на рак не е откриен, а следењето и третманот продолжуваат, Бакингемската палата соопшти дека кралот „одговорил исклучително добро на третманот“.
Според извештаите, неговото закрепнување достигнало толку позитивна фаза што лекарите сега ќе го префрлат неговиот третман „во фаза на претпазливост“. Ова значи дека фреквенцијата на третманите ќе биде значително намалена, иако 77-годишниот монарх сè уште не се смета за во ремисија или „излечен“.
„Денес можам да ја споделам со вас добрата вест дека, благодарение на раната дијагноза, ефикасната интервенција и следењето на „советот од лекар“, мојот распоред за лекување на рак може да се намали во новата година“, потврди монархот.
Видео пораката, снимена пред две недели во Кларенс Хаус, беше емитувана за време на добротворната емисија „Stand Up To Cancer“, проект за собирање средства што се спроведува со Cancer Research UK.
Кампањата ги охрабрува граѓаните да одат на редовни прегледи, а пораката на монархот ја нагласи клучната улога на раното откривање. „Раната дијагноза едноставно спасува животи“, рече тој.
„Знам од лично искуство дека дијагнозата на рак може да биде огромна. Сепак, исто така знам дека раното откривање е клучот што може да го трансформира патот на лекување, давајќи им непроценливо време на медицинските тимови“, рече кралот, додавајќи: „Вашиот живот или животот на некој што го сакате, може да зависи од тоа“.
Емисијата „Stand Up To Cancer“ упати посебен апел до околу девет милиони луѓе во Велика Британија за кои, според Cancer Research UK, заостануваат во националните програми за скрининг.
Кралот рече дека е „длабоко загрижен“ што ова претставува девет милиони пропуштени можности за рано откривање на рак и ги повика луѓето да проверат дали се подобни за тестирање.
„Статистиката зборува со целосна јасност. Да земеме само еден пример: Кога ракот на дебелото црево се открива во најраните фази, околу девет од 10 луѓе преживуваат најмалку пет години. Кога се дијагностицира доцна, тој број паѓа на само еден од 10“, објасни тој.
Кралски извори забележаа дека споменувањето на ракот на дебелото црево не треба да се смета за поврзано со неговата состојба, а ракот на простата претходно бил исклучен.
За време на неговата битка со болеста, кралот не сакал таа да го дефинира, туку продолжил да работи, одржувајќи зафатен распоред што вклучувал патувања и државни посети. Во своето обраќање, тој исто така им се заблагодари на „заедницата за грижа“ – специјалисти, медицински сестри, истражувачи и волонтери „кои работат неуморно за да спасат и подобрат животи“.
Фото: депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Грција, Франција и Германија испраќаат воени сили на Кипар
Грција, Франција и Германија испраќаат воена помош на Кипар по нападот со ирански дронови врз британската воздухопловна база РАФ Акротири на островот.
Франција најави испраќање фрегата и копнени системи за противдронска и противракетна одбрана. Германија потврди дека ќе испрати воен брод, додека Грција веќе распореди четири борбени авиони Ф-16, а две нејзини фрегати се на пат кон островот. Потезите се дел од активирањето на заедничката одбранбена доктрина меѓу Атина и Никозија.
Кипарските власти соопштија дека опремата треба да пристигне во најкраток можен рок. Според владата во Никозија, дроновите биле лансирани од територија на Либан, а зад нападот веројатно стојат милитанти на Хезболах.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека САД нема да ги користат британските воени бази на Кипар за операции поврзани со Иран.
Фото: Depositphotos
Свет
(Видео) Во Иран масовен погреб, Рубио тврди дека САД не би гаѓале намерно училиште
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека американските сили не би гаѓале намерно училиште, откако иранските државни медиуми објавија дека повеќе од 160 лица загинале во напад врз основно училиште за девојчиња во градот Минаб, на југот на Иран.
Според иранските наводи, нападот се случил во саботата и претставува најсмртоносен инцидент од почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран.
„Јасно е дека САД не би гаѓале намерно училиште. Нашите цели се проектили, нивното производство и лансирање, како и дронови за еднократни напади“, изјави Рубио, додавајќи дека САД немаат интерес ниту мотив да напаѓаат цивилна инфраструктура.
На прашање како би реагирал доколку се потврдат иранските тврдења, Рубио рече дека тоа би било многу трагично, но дека нема детали за настанот.
Заменик-генералната секретарка на ОН за мир, Розмари ДиКарло, изјави дека е запознаена со извештаите од Иран и дека американските власти ги проверуваат наводите. Израелскиот амбасадор при ОН, Дени Данон, рече дека видел различни извештаи, вклучително и такви според кои училиштето можеби било гаѓано од Корпусот на исламската револуционерна гарда.
Во меѓувереме, Иран одржа масовен погреб за 165 ученички и членови на персоналот убиени во саботата во она што Техеран го нарекува американско-израелски напад врз женско училиште во јужниот град Минаб.
Iran: Aerial visuals show the emotional funeral procession in Minab for schoolgirls and teachers killed in a recent strike. pic.twitter.com/TZxpqN5KLv
— TIMES NOW (@TimesNow) March 3, 2026
Иранската државна телевизија денес прикажа снимки од илјадници луѓе собрани на јавен плоштад во Минаб. Мажите го мавтаа знамето на Исламската Република, главно стоејќи одвоено од жените. Толпата скандираше „Смрт за Америка“, „Смрт за Израел“ и „Без предавање“.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) Иран со дрон погоди пристаниште во Оман
Во Оман, во ирански напад со дрон е погоден резервоар за гориво во пристаништето Дукам, објави државната новинска агенција на таа земја.
„Штетата е ставена под контрола и нема човечки жртви“, се наведува, повикувајќи се на неименуван безбедносен извор.
Истото пристаниште било цел на напад и за време на викендот, кога според извештаите бил повреден еден работник. Објавена е и снимка од ударот.
Moment Iranian drone strike hit the Port of Salalah in Oman. pic.twitter.com/OGQs7CYqr3
— Clash Report (@clashreport) March 3, 2026
Во соседен Катар вчера беше запрено производството на течен природен гас по ирански напади врз дел од постројките, додека Саудиска Арабија ја суспендирала работата во својата најголема домашна рафинерија.
Оман со години е клучен посредник во разговорите меѓу САД и Иран, а последниот круг преговори бил одржан минатиот месец токму таму.

