Свет
(Видео) Ледена бура урна дрвја и далноводи во Канада: има загинати, а повеќе од милион луѓе се без струја
Две лица загинаа, а повеќе од еден милион луѓе останаа без струја денеска во Канада кога ледена бура погоди две од најнаселените канадски провинции пред празничниот викенд носејќи замрзнат дожд и силни ветрови, кои урнаа дрвја и далноводи.
Еден човек загина во Квебек кога врз него паднало дрво, а друг во источниот дел на Онтарио кога го удрила гранка, која паднала, објави „Ројтерс“.
„Ова е многу тежок момент. Прекин на струја за толку многу луѓе, паѓање дрвја, невремето оштетува згради, автомобили и други работи“, изјави канадскиот премиер Џастин Трудо.
Нешто помалку од милион луѓе останаа без струја во Квебек и околу 110.000 во Онтарио до 16 часот по локално време.
Обезбедувачите на електрична енергија во тие две провинции работеа на враќање на струјата, но со оглед на тоа што поправките се очекува да траат со денови, тоа значи дека многу Канаѓани би можеле да го поминат велигденскиот викенд во темнина.
Градоначалникот на Отава, Марк Сатклиф, очекува екипите за поправка на далноводите набргу да ја вратат струјата на голем дел од речиси 65.000 погодени клиенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

