Свет
(Видео) Маж протестира на стаклениот покрив на австралискиот парламент и бараше ослободување на Асанж
Маж се качи на покривот на зградата на австралискиот парламент во Канбера како знак на протест и бараше ослободување на Џулијан Асанж, пренесува „Спутник“.
Демонстрантот, облечен во црна облека и капа, свиреше и викаше, „Ослободете ги свиркачите“ и „Ослободете го Џулијан Асанж“. Тој се закани дека ќе остане таму сè додека Асанж не биде ослободен од затвор и им рече на минувачите да му донесат вреќа за спиење.
Демонстрантот постави транспарент на кој пишуваше: „Ослободете го Асанж. ‘Не’ за екстрадицијата во САД“ и шеташе врз стаклениот покрив на парламентот пред полицијата да го уапси.
Нема информации за тоа дали демонстрантот се соочува со обвиненија.
The protestor on the roof of Parliament House: "I'll only come down when Julian Assange returns to Australia. Send me up a sleeping bag." pic.twitter.com/HspCD0FScP
— Katie Burgess (@katie_b_burgess) November 11, 2019
Џулијан Асанж, кој е австралиски државјанин, во моментот издржува затворска казна од 50 недели за прекршување на условите за кауција во 2012 година за да избегне екстрадиција во Шведска, каде беше баран за сексуален напад, што тој го отфрли како политички мотивирано обвинение.
Асанж, основачот на „Викиликс“, побара прибежиште во Амбасадата на Еквадор во Лондон и таму остана речиси седум години до април годинава кога Еквадор му го одзеде статусот на азилант. Тој сега се соочува со екстрадиција во САД под обвинение за објавување дипломатски телеграми и обелоденување обвинувачки докази против воените кампањи на САД во Авганистан и во Ирак. 17-те точки од обвинението му носат максимална казна затвор од 175 години. Рочиштето за екстрадиција е предвидено да почне на 25 февруари.
Минатиот месец 11 австралиски пратеници формираа меѓупартиска група со која се залагаат за враќање на Асанж дома.
„Што и да мислат луѓето за него, Џулијан Асанж е Австралиец и заслужува конзуларна помош и поддршка од австралиската влада“, рече пратеникот од лабуристите, Џулијан Хил.
Премиерот Скот Морисон јасно стави до знаење дека неговата влада ќе дозволи законските процеси во Велика Британија да одат по својот тек и рече дека Асанж треба да се соочи со своите дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Полскиот министер до Маск: Заработката од воени злосторства може да му наштети на твојот бренд
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски го критикуваше милијардерот Илон Маск откако Американскиот институт за проучување на војната (ISW) објави дека руските сили сè повеќе ги користат сателитските системи „Starlink“ за да го прошират дометот на беспилотните летала „BM-35“ и да извршат напади со среден домет против украинските сили.
„Еј, голем човеку, зошто не ги спречиш Русите да го користат „Starlink“ за да ги таргетираат украинските градови. Заработката од воени злосторства може да му наштети на твојот бренд“, напиша Сикорски на Икс.
Обвинението повторно ја разгорува долгогодишната јавна расправија меѓу министерот за надворешни работи на Полска и американскиот технолошки милијардер околу улогата на приватните технолошки компании во модерното војување и одговорноста за тоа како се користат нивните производи.
Маск претходно ги отфрли критиките од Сикорски и други европски претставници. Минатата година, тој го нарече Сикорски „мал човек“ откако министерот го доведе во прашање политичкото влијание и стратешката одговорност на „Starlink“ во војната во Украина.
Свет
(Видео) Трамп за убиството на Алекс Прети: „Не можете да се шетате со оружје“
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека не верува оти Алекс Прети, вториот американски државјанин убиен од федералните сили во Минесота овој месец, дејствувал како атентатор.
„Не можете да имате оружје. Не можете да се шетате со оружје“, рече претседателот како одговор на прашање од новинар на PBS, повторувајќи го ставот на администрацијата дека Прити не требало да донесе легално оружје на протестот, став што ги налути застапниците за правата на поседување оружје, според PBS NewsHour.
BREAKING: In a shocking moment, Trump appears to place limits on the 2nd Amendment: "You can't have guns. You can't walk in with guns. You just can't. You can't walk in with guns."
And MAGA thought Obama would take their guns!pic.twitter.com/SSq01JUpKD
— Really American 🇺🇸 (@ReallyAmerican1) January 27, 2026
Одговорот на претседателот претставува омекнување на тонот на неговата администрација во врска со убиството што се случи пред четири дена. Претходно, неколку од неговите врвни помошници, вклучувајќи го и заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, го опишаа Прити како закана за федералните агенти, тврдејќи дека сака да ги „масакрира“.
По смртта на Прети, групите за права на поседување оружје издадоа соопштенија во кои се вели дека е легално да се носи огнено оружје за време на протести или при остварување на правата од Првиот амандман.
Новинарката Лиз Ландерс го праша Трамп за Вториот амандман, кој го штити правото на поседување и носење оружје. „Тоа е многу несреќен инцидент“, рече Трамп кратко пред да ја напушти Белата куќа за планираниот говор во Ајова.
Свет
Поранешната прва дама на Јужна Кореја оди во затвор поради корупција
Сопругата на соборениот поранешен јужнокорејски претседател, Ким Кион Хи, е осудена на 20 месеци затвор за примање мито од контроверзната Црква на обединување. Судот, исто така, ја ослободи 52-годишната Ким од обвиненијата за манипулирање со цените на акциите и прифаќање бесплатни анкети на јавното мислење пред претседателските избори во 2022 година, на кои победи нејзиниот сопруг, Јун Сук Јеол, објави Би-Би-Си.
Нејзиниот сопруг, Јун, веќе е осуден на пет години затвор за злоупотреба на моќ и попречување на правдата во неуспешен обид за воведување вонредна состојба во 2024 година. Ова е прв пат во историјата на Јужна Кореја поранешен претседател и прва дама да бидат осудени истовремено.
Судијата на Окружниот суд во Сеул пресуди дека Ким „ја злоупотребила својата позиција за лична корист“.
„Колку е повисока позицијата, толку посвесна треба да биде за такво однесување. Обвинетата не се спротивставила на убедувањето и била преокупирана со лична корист“, рече судијата.
Специјален истражен тим откри дека Ким добила подароци во вредност од 80 милиони вони од Црквата на обединување помеѓу април и јули 2022 година, вклучувајќи дијамантски ѓердан и неколку чанти „Шанел“. Таа ги добила подароците во замена за деловни и политички услуги.
Обвинителите бараа казна од 15 години затвор и парична казна од 2 милијарди вони за сите три обвиненија, но судијата зеде предвид дека Ким не барала ниту охрабрувала мито и дека „нема значително криминално досие“.
Покрај затворската казна, ѝ беше наредено да врати 12,85 милиони вони во готово, а судот, исто така, нареди конфискација на дијамантскиот ѓердан.
Ким Кион Хи е обвинета и за наводна вмешаност во регрутирање следбеници на Црквата на обединување во конзервативната Партија на народната моќ, чиј член беше нејзиниот сопруг, и за прифаќање подароци во замена за владини назначувања. Судот сè уште не донел одлука за овие случаи.

