Свет
(Видео) Мачна сторија: 98-годишна Украинка пеш, во влечки побегнала од фронтот во Доњецк за да се најде со семејството
Лидија Ломиковска (98) се споила со семејството неколку дена откако избегала од украинскиот фронт, поради што пешачела 10 километри во влечки.
98-годишната жена која побегнала од територијата во Украина окупирана од Русија користејќи стап, само во влечки, и повторно се споила со своето семејство неколку дена откако биле разделени додека бегале на безбедно.
Лидија и нејзиното семејство одлучиле да го напуштат градот Очеретине, во источниот регион на Доњецк, откако руските војници влегле во него минатата недела и борбите се интензивирале.
– Се разбудив опкружен со пукотници, беше толку страшно – изјави Ломиковска во видео интервјуто што го објави полицијата во Доњецк.
Таа беше разделена од синот и снаите, од кои и едната беше повредена од шрапнел неколку дена претходно. Помладите членови на семејството тргнале по споредни патишта, но Лидија сакала да остане на главниот пат.
Со бастун во едната рака и парче дрво во другата, Ломиковска цел ден пешачела без храна и вода за да стигне до украинските линии.
Ломиковска рече дека два пати паднала и дека понекогаш морала да застане за да се одмори, а во еден момент дури и задремала пред да го продолжи патувањето.
– Еднаш изгубив рамнотежа и паднав во тревата. Заспав малку и продолжив да одам. И тогаш, по втор пат, пак паднав, но потоа станав и помислив, морам да одам, малку по малку – рече Ломиковска.
Павло Дјаченко, портпарол на полицијата, изјави дека украинските војници ја забележале Ломиковска како оди по патот во вечерните часови. Тие ја предале на „Белите ангели“, полициска група која ги евакуира граѓаните кои живеат на линијата на фронтот, кои ја однеле во прифатилиште за евакуирани и контактирале со нејзините роднини.
Ломиковска вели дека ја преживеала Втората светска војна.
– И јас морав да ја поминам оваа војна и на крајот останав без ништо – рече таа и додаде: – Таа војна не беше како оваа. Ниту една куќа не изгоре. Но, сега се гори – му рекла таа на својот спасител.
Извршниот директор на една од најголемите украински банки во вторникот на својот канал Телеграм објави дека банката ќе ѝ купи куќа за Ломиковска.
– Монобанк на Лидија Степанивна ќе и купи куќа и таа безбедно ќе живее во неа додека не заврши војната – изјави Олех Хороховски.
A story of a 98-year old Lydia Stepanivna from #Ocheretyne in Donbas who walked 10 km to escape the hell of occupation.
– I survived WWII, but this war is worse. In WWII not a single house in our village burnt – and now there’s nothing left.#StandWithUkraine pic.twitter.com/20lMAXGWYI
— olexander scherba🇺🇦 (@olex_scherba) April 29, 2024
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

