Свет
(Видео) Мајка и син скокнаа од карпа кај Нијагарските Водопади, мајката почина, а момчето е во тешка состојба
Мајка од Илиноис почина, а син ѝ е во критична состојба кога заедно скокнале од ледената карпа кај Нијагарските Водопади.
Полицијата соопшти дека мајката, која не е именувана, намерно скокнала откога се искачила преку оградата на островот Кози во државниот парк Нијагара, пишува „Дејли мејл“.
Трагедијата се случила на 12 февруари околу 12.30 часот.
Нејзиното тело е пронајдено во близина на комплексот „Пештерата на ветровите“, која се наоѓа на американската страна од водопадот што се протега на канадската граница.
Момчето (5) било спасено и однесено во детската болница во Бафало со повреда на главата, но мајката починала, а нејзиното тело било извлечено со хеликоптер.
Момчето е оперирано и е во критична состојба.
Жената дошла на Нијагарските Водопади со сопругот и синот. Полицијата го испрашувала сопругот, но и други сведоци. Началникот на полицијата на Њујорк, Крис Рола, вели дека истрагата е во тек, но полицијата не верува дека станува збор за несреќен случај.
Портпаролот на државната полиција рече дека трагичниот настан се третира како самоубиство.
Пожарникарите од Нијагарските Водопади успеале да го поминат дното на клисурата покрај мразот до местото каде што паднале мајката и синот. Успеале да го однесат момчето на паркингот на островот, од каде што со хеликоптер бил префрлен во детската болница. На местото на настанот била констатирана смрт на мајката.
Полицијата не објави зошто семејството од Илиноис било во посета на Нијагарските Водопади, пренесе „Телеграф.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“, објави иранската државна телевизија, без веднаш да даде детали.
Раиси отпатува во иранската провинција Источен Азербејџан. Државната телевизија соопшти дека инцидентот се случил во близина на Џолфа, град на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од иранската престолнина Техеран, а спасувачите биле отежнати од силниот ветер и дождот.
Сè уште нема официјална информација за тоа во каква состојба е Раиси.
Раиси беше во Азербејџан во неделата рано наутро на отворањето на браната со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Иранската државната новинска агенција ИРНА објави дека хеликоптерот „паднал во несреќа во општата област Варзеган“ во провинцијата Источен Азербејџан, а покрај Раиси, во хеликоптерот имало уште неколку официјални лица, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан.
Тешките временски услови и густата магла ги отежнаа напорите на спасувачките тимови, соопшти иранската државна телевизија.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.