Свет
(Видео) Мексикански авион што превезувал повредено дете се урна во Тексас: најмалку 5 загинати
Најмалку пет лица загинаа вчера во Тексас кога авион на мексиканската морнарица се урна во густа магла во близина на Галвестон. Авионот бил на медицинска мисија и носел дете со тешки изгореници, објави Би-би-си.
Според веб-страницата за следење на летови „Флајт радар“, авионот последен пат бил виден во 15.01 часот по локално време над заливот Галвестон. Летот бил организиран за фондација што обезбедува грижа за мексикански деца со тешки изгореници. Секретаријатот на мексиканската морнарица соопшти дека едно лице сè уште е исчезнато, а две се спасени живи.
Видеото што го добиле од „Асошиетед прес“ ги прикажува остатоците од авионот во водата, а сведоци и полицајци влегуваат во морето за да ги бараат остатоците. Скај Декер, локален капетан на јахта, рече дека однел двајца полицајци до речиси потонатиот авион, а потоа самиот скокнал во водата и пронашол тешко повредена жена.
„Не можев да поверувам. Имаше само неколку сантиметри воздушен простор за дишење“, рече тој. „А внатре имаше гориво за авиони измешано со вода, испарувањата беа навистина лоши. Таа навистина се бореше за својот живот“, додаде тој.
Претходно, Секретаријатот на мексиканската морнарица соопшти дека операциите за пребарување и спасување се во тек во координација со крајбрежната стража на САД. Видеото снимено во близина на местото на несреќата ги прикажува спасувачите, вклучувајќи и нуркачки тим, како работат во густа магла.
Фондацијата Michou y Mau во соопштение на социјалните медиуми изрази најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од оваа трагедија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ново Мексико ја тужи Мета: „Профитот пред безбедноста на децата“
Во Санта Фе денеска започнува големо судење против компанијата Мета, второ вакво оваа година, по обвиненија дека свесно им овозможила на предатори да ги користат „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за сексуална експлоатација на деца, ставајќи го профитот пред безбедноста. Тужбата ја поднесе државата Ново Мексико, по истрага која утврдила сериозни пропусти во заштитата на малолетниците, пишува Гардијан.
Главниот државен обвинител Раул Торез тврди дека платформите на Мета создале опасна средина за деца, изложувајќи ги на злоупотреби, уцени и трговија со луѓе. Според тужбата, дизајнот и деловните модели на компанијата го фаворизирале ангажманот на корисници, а не безбедноста. Торез претходно изјави дека Мета е „најголемото глобално пазариште за предатори и педофили“.
Мета ги отфрла обвинувањата, наведувајќи дека со години соработува со експерти и вовела мерки за заштита на младите, како тинејџерски профили и родителски контроли.
На судењето се очекува изнесување докази од тајна полициска операција, интерни документи според кои околу 100.000 деца дневно доживуваат сексуално вознемирување на платформите, како и наводи дека компанијата профитирала од реклами поврзани со проблематична содржина. Случајот доаѓа во време кога сè повеќе судови ја преиспитуваат правната заштита на технолошките компании според таканаречениот Оддел 230.
Свет
Кремљ потврди нова рунда преговори за крај на војната во Украина
Кремљ потврди дека оваа недела ќе се одржи нова рунда преговори за завршување на војната во Украина, со посредство на САД, и покрај продолжените борби. Според Кремљ, разговорите ќе се одржат во среда и четврток во Абу Даби, каде што се одржа и претходниот состанок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека средбата била кратко одложена поради преклопување на распоредите. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека ќе испрати делегација на преговорите.
Песков ги опиша разговорите како „многу сложени“.
Како главна пречка останува прашањето за територијата, односно дали Русија ќе ги задржи окупираните делови од Украина, особено на истокот на земјата.
Свет
Трамп: Ги намалуваме царините за Индија, таа престанува да купува руска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ги намалат царините за индиската стока, откако Индија се обврзала да престане да купува руска нафта и да го зголеми увозот на енергенси од САД, а можно и од Венецуела.
Во објава на мрежата „Тру соушал“, Трамп соопшти дека по разговор со индискиот премиер, Нарендра Моди, е постигнат трговски договор со кој реципрочната царина за Индија се намалува од 25 на 18 проценти. Според договорот, Индија ќе ги намали своите царини и нецарински бариери за американски производи на нула и ќе инвестира повеќе од 500 милијарди долари во американската енергетика, технологија и други сектори.
Трамп оцени дека запирањето на купувањето руска нафта од страна на Индија би придонело за завршување на војната во Украина.
Сепак, аналитичарите посочуваат дека овој чекор ќе биде тешко изводлив, бидејќи Индија и понатаму увезува околу 1,5 милиони барели руска нафта дневно. Како можна алтернатива се споменува венецуелската нафта, но нејзината инфраструктура е во лоша состојба и би биле потребни години и големи инвестиции за значително зголемување на производството.

