Свет
(Видео) „Не знаев колку е стар“ – туристот што го оштети Колосеумот напиша покајаничко писмо до градоначалникот на Рим
Туристот од Англија, со бугарско потекло, Иван Димитров (27), обвинет за оштетување на Колосеумот во Рим, тврди дека не бил свесен за староста на античкиот споменик.
Димитров кој работи како фитнес тренер неодамна со клуч го врежа своето име и името на својата девојка на внатрешниот ѕид на 2.000 години стариот Колосеум.
На ѕидот го издлабил натписот „Иван + Хејли 23“. За ова може да добие голема парична казна, а доколку се суди во Италија, може да добие и до пет години затвор.
Младиот човек напишал писмо со извинување до градоначалникот на Рим, Роберто Гуалтиери, пишува Гардијан.
„Срам ми е, дури подоцна дознав колку е стар споменикот“
Полицијата го пронашла Димитров во Англија по пет дена потрага. Во писмото до градоначалникот на Рим, туристот напишал дека дури сега ја сфатил сериозноста на делото што го направил.
„Со ова писмо сакам искрено да им се извинам на Италијанците и на целиот свет затоа што нанесов штета на дело кое, всушност, е наследство на целото човештво“, напиша Димитров во писмото.
„За мене е срамно, за жал дури подоцна дознав колку е стар споменикот“, напиша момчето.
Димитров е под истрага за оштетување културен споменик. Доколку биде осуден, ќе се соочи со парична казна од 2.500 до 15.000 евра и затворска казна од две до пет години.
Неговата девојка Хејли не е под истрага. Сепак, италијанските медиуми пишуваат дека таа би можела да се смета за соучесник.
Адвокатот на младиот човек, Александро Марија Тирели, за италијанскиот весник Il Messaggero изјавил дека неговиот клиент е „прототип на странец кој верувал дека во Италија се е дозволено“.
„Дури и она што би било строго казнето во неговата земја“, рекол адвокатот, пренесува „Гардијан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Демонстрантите бараат итен договор за заложниците, се обрати Хилари Клинтон
Илјадници активисти се собраа во центарот на Тел Авив барајќи предвремени избори и итен договор за ослободување на израелските заложници во Појасот Газа, а поранешната американска секретарка Хилари Клинтон им се обрати на демонстрантите преку видео врска. Треба да преземете итна акција за да ги вратите дома“, рече Клинтон, пренесува Танјуг.
Амбасадорот на САД во Израел, Џек Лу, рекол дека САД ги продолжуваат преговорите за враќање на заложниците, пишува The Times of Israel. Демонстрантите го блокираа автопатот Ајалон и запалија огнови, барајќи итен договор за ослободување на заложниците од Газа.
Бидејќи демонстрантите одбија да се разотидат по завршувањето на одобрениот митинг, полицијата го прогласи протестот за незаконски и интервенираше за деблокирање на автопатот.Полицијата соопшти дека уапсила осомничен за нарушување на редот на антивладините протести во Тел Авив.
Околу 200 демонстранти излегоа на одделни протести во Ерусалим, кои се одржаа во близина на Кнесетот.
Регион
Поставен рекорд во центарот на Белград: 1.000 гитаристи свиреа истовремено
Концертот на Guitar Art денеска собра 1.000 гитаристи на Трг Република во Белград, кои поставија национален рекорд во присуство на инструменталисти кои свират на гитара и слични инструменти на едно место во Србија свирејќи во рокенрол прослава со познати музичари, пренесе српска „Политика“.
Концертот „1.000 гитари“ ги привлече пред се во центарот на Белград најмладите гитаристи и нивните учители, но заедно свиреа цели семејства, составени од три генерации: дедо, татко и син…
Имаше мајки и ќерки кои „замавнаа“ со белградскиот блуз квартет и специјалните гости на концертот, меѓу кои Дејан Цукиќ, Ју групата, Кики Лесендриќ и Пилотите, Срѓан Гојковиќ Гиле, Бојана Стаменов, Никола Чутурило – Чутура. „Ова е конечно моментот кога барем на еден час ги заменуваме силиконите за витамини на Трг Република. Ова е сеќавање на мојата младост и почетоци во рокенролот. Среќен сум“, изјави Никола Чутурило Чутура за Танјуг.
За неколку минути неколку илјади љубопитни луѓе се собраа на Трг Република да уживаат во првокласен музички настан.
Свет
Сè уште се трага по хеликоптерот со кој леташе иранскиот претседател Раиси, објави ИРНА
Државната Иранска новинска агенција (ИРНА) објави дека во тек е опсежна операција за пребарување и спасување откако хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси беше принуден да изврши „тешко слетување“ во планинскиот регион во северозападниот дел на Иран.
Инцидентот се случи денеска во шумата Дизмар помеѓу градовите Варзакан и Џолфа во иранската провинција Источен Азербејџан. Раиси се враќаше од Азербејџан, каде присуствуваше на отворање на брана со азербејџанскиот Илхам Алиев.
Неименуван ирански претставник за западните медиуми изјави дека хеликоптерот со кој се превезуваа иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдулахиан се урна додека летал над планинска област во иранската провинција Источен Азербејџан.
Тој истакна дека „животите на Раиси и Амирабдолахиан „се загрозени по хеликоптерската несреќа“.
„Сè уште се надеваме, но информациите кои ни доаѓаат од местото на несреќата се многу загрижувачки“, наведе неименуваниот ирански претставник.
Како што јави ИРНА, повеќе од дваесет целосно опремени тимови за пребарување и спасување, вклучително беспилотни летала и кучиња трагачи, се испратени во областа. Иранските вооружени сили распоредија командоси и специјални сили за да помогнат во операцијата за пребарување.
Поради нерамниот терен на регионот и тешките временски услови, особено густата магла во областа, операцијата за пребарување и спасување би можела да потрае некое време.
Портпаролот на Иранската служба за итни случаи изјави дека осум амбулантни возила се испратени во регионот.