Свет
(Видео) Нови информации и снимки од обидот за атентат на Трамп
Пристигнуваат нови информации за обидот за атентат на Доналд Трамп.
Се појави и ново видео на кое се гледа дека Томас Метју Крукс, 20-годишниот кој пукаше кон поранешниот американски претседател, слободно се шета околу местото каде што Трамп го одржа својот говор.
На видеото се гледа како Крукс непречено шета околу зградата еден час пред почетокот на собирот. Инспекторите утврдиле дека Крукс, всушност, бил на митингот неколку часа пред да пука кон Трамп.
New video shows Donald Trump’s would-be assassin lurking around the rally security perimeter one hour before he opened fire. (Video: WTAE) pic.twitter.com/fhCyN54Im4
— Mike Sington (@MikeSington) July 17, 2024
Се претпоставува дека го извидувал местото на кое се одржувал собирот и го планирал нападот. Муницијата што ја користел во пукањето ја купил само неколку часа пред самиот чин, а купил и скала, која на крајот не му требала бидејќи се качил на покривот на зградата преку клима-уредот.
До местото од кое пукал тој со себе носел мерач за далечина, што ја користат ловците и стрелците за да го измерат растојанието од својата позиција до целта, во неговиот случај до поранешниот претседател на САД.
Си-ен-ен пишува дека со мерачот на далечина поминал низ магнетометрите и така го привлекол вниманието на Тајната служба. Нејзините агенти го следеле сѐ додека не ја напуштил областа што ја набљудувале.
Инспекторите не се сигурни каде отишол кога го напуштил просторот за проверка, но се верува дека застанал покрај својот автомобил за да земе пушка.
Тој се вратил 40 минути пред да ги испука првите истрели, а нешто по 18 часот, зазел позиција на покривот од кој пукал.
Исто така, Си-ен-ен, повикувајќи се на полициски извори, пишува дека 20-годишникот во последните месеци примил неколку пакети означени како опасен материјал на домашна адреса.
До неговото тело на покривот на зградата, каде што беше застрелан од контраснајперски тим, е пронајден понов модел на телефон и сив предавател со 12 копчиња за кој се верува дека бил поврзан со две бомби на далечински управувач во автомобилот на Крукс.
Се претпоставува дека со експлозијата сакал да го одвлече вниманието при пукањето. Во автомобилот била пронајдена дополнителна муниција, дури стотина парчиња. А при претресот на домот во кој живеел пронајдени се панцир, бомба на далечинско управување и 3Д-печатач.
Од новите детали за овој случај се дозна дека неговите родители го барале неколку часа пред обидот за атентат, а потоа поради загриженост, повикале полиција и го пријавиле исчезнувањето.
Повикот во полиција од неговите родители бил упатен неколку часа пред Крукс да пука кон Трамп. Сѐ уште не е познат мотивот, а кој ФБИ се обидува да го расветли, пишува „Фокс њуз“.
Крукс требало да работи тој ден, но му рекол на својот шеф дека му треба слободен ден за да заврши некоја работа. Таткото на Крукс ѝ рекол на полицијата дека е убеден оти неговиот син отишол на стрелиштето со пушка. Мислел дека ќе се врати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.

