Европа
(Видео) Ново моќно оружје од Германија набргу ќе пристигне во Украина

Украина набргу ќе го добие најновиот пакет германска воена помош.
Договорот за помош, објавен во четвртокот од германската федерална влада, вклучува испорака на „Оерликон скајнекс“, противвоздушен систем од германско производство, дизајниран за одбрана од краток дострел. Германија првпат го објави договорот од 200 милиони долари со „Рајнметал“, производител на „Скајнекс“, во декември 2022 година, со ветување дека првиот од двата одбранбени система вклучени во договорот ќе пристигне во Украина на почетокот на 2024 година.
Испоракат следува по молбите на украинскиот претседател Володимир Зеленски до неговите западни партнери да обезбедат дополнителни одбранбени системи и оружје. Најновиот пакет-помош на Германија вклучува и два радара за воздушно набљудување ТРМЛ-4Д, 30 системи за откривање дронови, два тенка за деминирање и дополнителна артилерија и муниција.
Според производителот, „Скајнекс“ е опремен да се брани од големи тактички беспилотни летала, ракети „воздух-земја“, минофрлачи и артилериски ракети. Системот се состои од 3Д-радар способен да идентификува воздушни закани во опсег од 50 километри.
Системот е опремен и да ракува со четири 35 мм купола Mk3, кои, според „Рајнметал“, може да испукаат до 1.000 куршуми во минута. Револверските пушки се опремени и со радари за следење и инфрацрвени камери, како и ласерски далечински мерачи за погодување дури и најмали цели, тврди производителот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП, повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши во сабота, на 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува на погребот да присуствуваат бројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на Телеграм градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона „Шхидни“. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување на персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база, не само за стоки, туку и за опрема и персонал. Со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување на персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата започна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.