Свет
(Видео) Нов гаф на Бајден, во говорот за холокаустот ги измеша зборовите
Американскиот претседател Џо Бајден, кој вчера пристигна во Израел, веднаш по напуштањето на претседателскиот авион, се запраша „што правам сега“, а потоа направи уште една, посериозна грешка кога зборуваше за холокаустот, заменувајќи ги зборовите „чест“ и „ужас“.
Гафот молскавично се рашири на социјалните мрежи повторно поставувајќи прашања за неговото ментално здравје.
Joe Biden arrives in Tel Aviv, and promptly says he wants to “keep alive the honor of the Holocaust” before correcting himself. pic.twitter.com/JZ22wOAIUV
— Townhall.com (@townhallcom) July 13, 2022
„Во Израел сум за да им оддадам почит на шесте милиони еврејски животи украдени во геноцидот и да го продолжам она што мораме да го правиме секој ден, да продолжиме да сведочиме и да ги одржуваме живи вистината и честа на холокаустот… ужасот на холокаустот“, рече Бајден.
Бајден ја поправи грешката, но се бореше да го прочита говорот и се бореше да го изговори името на меморијалниот центар на холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим.
Американскиот претседател вчера попладне пристигна во Израел, што е првиот дел од четиридневната турнеја на Блискиот Исток, при што ќе ги посети и окупираниот Западен Брег и Саудиска Арабија. Поранешниот лекар од Белата куќа, Рони Џексон, сега член на Конгресот, пред неколку години предупреди за влошување на когнитивните способности на Бајден. Коментарите на социјалните мрежи најмногу се сведуваат на тоа дека „нашиот претседател е сенилен“, а многумина се прашуваат како може да греши кога „има подготвен говор напишан со огромни букви“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Три лица затрупани во лавина на глечер во Австрија
Лавина го погоди глечерот Штубај во австриски Тирол утрово, а три лица се затрупани, објави „Кронен цајтунг“.
Почната е спасувачка операција.
Според Рајнхард Клир, раководител на жичницата на глечерот, несреќата се случила во зоната надвор од пистата, во близина на превојот Дауншарте околу 9.30 часот утрово.
„Врз основа на моментните информации, снежните маси делумно стигнале до долниот дел од деветтата патека, која потоа била затворена“, рече Клир.
Двајца делумно затрупани скијачи веќе се спасени.
Забележано е дека неколку скијачи надвор од пистата отвориле воздушни перничиња за лавина.
На терен има неколку хеликоптери за итни случаи, вклучувајќи ги „алпин 2“, „мартин 2“ и „либеле тирол“, како и екипи за планинско спасување од Нојштифт им Штубај и Зелден со кучиња трагачи, пренесува „Танјуг“.
Фото: ЕПА
Свет
Унгарскиот министер: Украина би донела опасност и мафија во ЕУ, земјите од Западен Балкан треба да бидат приоритет
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во Бања Лука повтори дека владата на Виктор Орбан се спротивставува на приближувањето на Украина кон ЕУ. Тој изјави дека единствен приоритет на Унгарија е интеграцијата на земјите од Западен Балкан.
„Европските интеграции звучат како лоша шега ако во Брисел мислат дека Украина е поспремна за членство од Западен Балкан. Земјите од регионот се подготвени и би придонеле економски, а Украина носи само опасност, војна и украинска мафија“, рече Сијарто.
Тој додаде дека стабилноста на Западен Балкан е од клучно значење за националната безбедност на Унгарија и најави продолжување на соработката со Република Српска.
Сијарто требал да допатува во Бања Лука со воен авион, но министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, го забрани летот обвинувајќи ја унгарската влада дека ја поддржува политиката на Милорад Додик, која го доведува во прашање опстанокот на БиХ.
Поради забраната, Сијарто слета со изнајмен цивилен авион.
Свет
Лукашенко до Зеленски: Сега ги имате Одеса и Миколаев, а набргу можете да ги изгубите
Мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп беше набрзина составен, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко на маргините на ОДКБ во Киргистан. Во таа пригода тој му се обрати и на Владимир Зеленски.
„Сакам веднаш да кажам – и се надевам дека тимот на Трамп нема да се навреди – беше набрзина составен. Не сакам да кажам дека беше направен преку колена, но беше набрзина составен. Мора да се презентира во лесно сварлива форма. Сè мора да се разработи до метар, километар, до последен детаљ“, рече Лукашенко.
Како што истакна, во средата разговарал за американскиот мировен план за Украина со својот руски колега Владимир Путин. Според него, Путин му презентирал две верзии на планот.
„Владимир Владимирович ми ги презентира и првата и втората верзија, која беше поделена на делови“, рече претседателот на Белорусија.
Тој верува дека нема победници во украинскиот конфликт, а ако има, тоа нема да биде Европската Унија.
„Мораме да ја завршиме оваа војна. Се плашам дека нема да има победник во оваа војна: тоа е катастрофа. Знаете зошто, ако нема. Но, ако има победник, тоа нема да биде Европската Унија ако Америка ги напушти“, рече тој, пренесува „Спутник“.
Тој му се обрати на шефот на киевскиот режим, Владимир Зеленски.
„Ако сакате да ја задржите Украина во нејзините сегашни граници, мора да преговарате, а не да ги торпедирате преговорите“, рече Лукашенко.
„Размислете, почнувајќи од реалната ситуација, како да го зачувате она што го имате. Имате пристап до морето – и до Одеса, која е ваша, и до Миколаев, а тоа може да исчезне во еден момент. Затоа е потребно добро да се измери сè и да се донесе добро осмислена одлука“, додаде белорускиот лидер.
Фото: ЕПА

