Свет
(Видео) Нов инцидент меѓу Макрон и Брижит: повторно во авион
Францускиот претседател Емануел Макрон имаше нов инцидент кога пристигна во Велика Британија на тридневна државна посета кога неговата сопруга, Брижит Макрон, наводно го игнорирала додека излегувале од авионот, само неколку недели откако снимките од нивната физичка пресметка станаа вирални.
Двојката слета со приватен авион во RAF Northolt, каде што ги пречекаа принцот Вилијам и принцезата Кејт Мидлтон. Додека се симнуваа по скалите, Макрон ја подаде раката за да ѝ помогне на сопругата, но Брижит ладно го отфрли и наместо тоа се потпре на оградата.
Потоа Макрон ја спушти раката и се сврте кон кралскиот пар, каде што ја бакна раката на принцезата Кејт во гест на наклонетост.
Откако влегоа во автомобилот што ги однесе до Виндзор, сопружниците не изгледаа опуштено – Макрон ги прегледа документите, додека Брижит го извади телефонот од чантата и го погледна екранот, пишуваат светските агенции.
Инцидентот, како што анализираат, се случува откако во мај, за време на нивната официјална посета на Виетнам, камерите на аеродромот во Ханој го снимија моментот во кој Брижит, ја крена раката кон лицето на претседателот Макрон и го турна подалеку. Потоа Макрон погледна кон печатот и им мавна на присутните пред заедно да се симнат по скалите. Потоа, таа одби да ја прифати неговата рака.
Денес, по пристигнувањето во Велика Британија, Макрон повторно се обиде да ја фати Брижит за рака, но таа повторно го одби.
Извор близок до претседателската двојка за француската BFMTV се обиде да го минимизира непријатниот момент, велејќи дека станува збор за „брачна расправија“ и дека тоа бил „момент на релаксација и забава пред официјалниот почеток на посетата“.
И покрај непријатното пристигнување, Макрон и неговата сопруга беа пречекани со сите државни почести. Тие се сретнаа со кралот Чарлс и кралицата Камила на кралскиот подиум во центарот на Виндзор. Потоа, тие се упатија кон замокот во церемонијална кочија заедно со принцот и принцезата од Велс.
Во дворот на замокот ќе се одржи свечен прием.
Вечерва е планиран државен банкет во средновековната сала каде што околу 160 гости ќе седнат на богато украсена маса долга 50 метри. Кралот Чарлс и Емануел Макрон ќе одржат говори по тој повод. Сè уште не е потврдено дали Кејт Мидлтон ќе присуствува на вечерата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.
Свет
Трамп сака до Денот на независноста да ја запре војната во Украина
Американскиот претседател, Доналд Трамп, се обидува да постигне договор за прекин на војната во Украина пред 4 јули, кога ќе биде домаќин на одбележувањето на 250-годишнината од американската независност, пренесува „Блумберг“, повикувајќи се на високи американски функционери.
За време на претседателската кампања, Трамп повеќепати ветуваше дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сепак, околу 400 дена по почетокот на неговиот втор мандат, тристраните разговори не довеле до договор.
Трамп сега, според „Блумберг“, има цел војната да заврши во рок од четири месеци. Но, Кремљ денеска, на четвртата годишнина од почетокот на војната, порача дека борбите ќе продолжат сè додека не се остварат руските цели во Украина.
Свет
ОН ги повикаа САД да го подмират долгот од над четири милијарди долари
Претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок, ги повика САД целосно и навреме да ја подмират својата членарина кон светската организација, откако Вашингтон уплатил само дел од долгот.
Како што пренесе „Ројтерс“, САД уплатиле околу 160 милиони долари од вкупниот долг од повеќе од четири милијарди долари кон Обединети нации.
Генералниот секретар на ОН предупредил дека организацијата се соочува со „многу скор финансиски колапс“ поради неплатени членарини.
Баербок изјави дека „секојa земја членка мора да го плати својот придонес во целост и навреме“, додавајќи дека 160 милиони долари „очигледно не е целосниот износ“.
Минатата недела, американскиот претседател, Доналд Трамп, беше домаќин на состанок на својот „Одбор за мир“, иницијатива за која дел од експертите сметаат дека може да ги поткопа ОН. Баербок посочи дека за прашањата на мир и безбедност постои легитимно тело, односно Обединетите нации.

