Свет
(Видео) Објавена анализа на несреќата во Бразил: Авионот паднал со брзина од 440 километри на час
Ден по авионската несреќа во Бразил во која животот го загубија 61 лице, 57 патници и четворица членови на екипажот, беа објавени анализи на целиот инцидент, а бразилските медиуми ги пренесоа деталите од полетување до кобниот момент.
Според бразилскиот медиум „Глобо“, авионот полетал во 11 часот и 46 минути, а летот продолжил непречено до 12 часот и 20 минути. По 24 минути, авионот се подигнал додека во 12:23 часот достигнал 5000 метри надморска височина На таа височина, авионот продолжил да лета до 13:21 часот кога почнал да ја губи висината.
„Во тој момент леталото направи нагло движење. Паднало на околу 4000 метри. Брзината на овој пад била 440 километри на час“, пишува „Глобо“.
Како што претходно беше објавено, спиралното спуштање кое беше видливо на снимката укажува на дефект на моторот, што можеби се случило поради формирање на мраз на крилата, што се смета за можно на оваа рута.
🚨 Reports confirm a plane with 58 passengers and 4 crew members crashed in Vinhedo, Brazil pic.twitter.com/HGM3TQ0e7F
— Anadolu English (@anadoluagency) August 9, 2024
Кога станува збор за самиот авион, Националната агенција за цивилно воздухопловство извести дека се работи за авион „АТР-72-500“ од компанијата „Воепас“. Авионот е произведен од францускиот „АТР“ , еден од најголемите производители на авиони во светот.
Документацијата на авионот била ажурирана и сите членови на екипажот имале валидни лиценци. Според производителот, АРТ-72-500 може да лета со максимална брзина од 511 километри на час. Моделот е долг 27 метри со опсег на летот од 1324 километри. Максималната тежина што може да ја носи авионот е седум илјади килограми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.
Свет
САД сепак се вклучуваат во преговорите меѓу Украина и Русија во Абу Даби
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, по посетата на Израел треба да учествува на следниот круг преговори меѓу Украина и Русија, кои ќе се одржат на 4 и 5 февруари во Абу Даби. Ова го објави Барак Равид, дописник за глобални прашања на порталот „Аксиос“, пренесе „Европејска правда“.
Според наводите на новинарот, Виткоф на 3 февруари ќе допатува во Израел, а потоа ќе замине во Обединетите Арапски Емирати за да присуствува на преговорите.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно изјави дека Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, нема да учествуваат на следниот круг преговори со Русија и Украина, додавајќи дека американското присуство е „можно“.
Трамп на 30 јануари повторно изјави дека гледа можност за успешни преговори за завршување на руско-украинската војна. Еден ден подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не знае дали мировните преговори се во завршна фаза или сè уште е потребен ангажман на повеќе земји.
Првиот круг тристранни преговори меѓу Украина, Соединетите Американски Држави и Русија се одржа во Абу Даби на 23 и 24 јануари, кога се разговараше за параметрите за завршување на војната.
Свет
Премиерот на Гренланд: Намерите на САД создаваат страв и неизвесност
Премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик-Нилсен, изјави дека ставот на САД кон Гренланд не е променет и дека Вашингтон и натаму има намера да го припои и да управува со тaa територијa. Во писмена изјава објавена на страницата на гренландскиот парламент, тој нагласи дека ваквите намери создале голема несигурност кај населението.
Фредерик-Нилсен посочи дека дел од граѓаните имаат сериозни проблеми со спиењето, дека децата ја чувствуваат загриженоста на возрасните и дека целото општество живее во постојана неизвесност за иднината. Владата на Гренланд, нагласи тој, јасно порачува дека ваквиот пристап е „целосно неприфатлив“.
Тој предупреди дека прашањето не се однесува само на Гренланд, туку и на иднината на НАТО, заштитата на западниот свет и глобалната демократија. Според него, непочитувањето на меѓународното право, националните граници и суверенитетот може да доведе до поделба на светот во кој слободата и самоопределувањето нема да постојат.
Фредерик-Нилсен ја нагласи и потребата од тесна соработка со Данска, како и со земјите од Европската Унија и НАТО.

