Европа
(Видео) Од петок карантин во цела Франција
Францускиот претседател Емануел Макрон прогласи каратин од петок што ќе трае најмалку до 1 декември.
„Бранот се рашири низ цела Европа, несомнено ќе биде посилен и поубиствен од првиот“
„Вирусот циркулира со брзина што не ја предвидуваат ниту најпесимистичките прогнози“, рече Макрон на почетокот на своето обраќање. Тој рече дека сите француски региони се во црвено.
„Бранот ја зафаќа цела Европа. Дали сторивме сè како што треба? Не. Но, направивме се што можеме. Нашата стратегија, со оглед на информациите што ги имавме, беше вистинската“.
Тој рече дека Франција е преплавена од втор бран „кој несомнено ќе биде помоќен и поубиствен од првиот“. Изрази увереност дека 9000 пациенти ќе бидат на интензивна нега до средината на ноември, што би значело дека капацитетите ќе бидат речиси полни.
„Вирусот ги погодува сите генерации“, рече Макрон, нагласувајќи дека задачата е да се заштитат оние кои обезбедуваат грижа за болните.
„Треба да ја заштитиме економијата“, рече Макрон, додавајќи дека рамнотежата е важна, меѓутоа, ништо не е поважно од човечките животи.
„Франција никогаш нема да усвои стратегија на колективен имунитет. Оваа опција ќе доведе до скоро 400.000 дополнителни смртни случаи”, рече францускиот претседател.
Карантин од петок, на луѓето ќе им биде дозволено да го напуштат домот само од оправдани причини
Макрон прогласи карантин, почнувајќи од петок. Според новите мерки, на луѓето ќе им биде дозволено да ја напуштаат куќата само заради неопходни обврски, работа или од здравствени причини. Во секој од овие случаи, луѓето ќе мора да пополнат образец за да го оправдаат напуштањето.
Карантинот вклучува и забрана за собирање.
Училиштата ќе останат отворени, како и градинките.
Макрон објасни дека карантинот ќе трае најмалку до 1 декември. Тој се надева на вакцина во текот на летото, повикувајќи се на проценки на научници.
„Имам доверба во нас. Ќе се издигнеме уште еднаш и ќе бидеме обединети. Да живее Република и да живее Франција”, го заврши Макрон своето телевизиско обраќање во живо.
Најавата на Макрон за карантин доаѓа по рекордните бројки на заразени во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

