Свет
(Видео) Повеќе торнада во САД, тројца загинати: „Има повредени, не знаеме каде се“

Американските власти повикаа итна помош и спасувачки служби во руралните делови на Индијана и Охајо, откако имаше повеќе торнада низ областа. Три лица загинаа, а десетици беа повредени. Торнадото на места срамни со земја куќи.
„Имаме три жртви во округот Логан, Охајо. Најмалку едно торнадо помина низ таа област вчера околу 19:45 часот“, изјави шерифот Рандал Додс. Во исто време, торнадо го зафати Винчестер, Индијана, пренесува CBS News.
„Има многу повредени, но не ја знам бројката. Не знам каде се. Не знам колку се сериозни повредите“, изјави Даглас Картер, началник на полицијата во државата Индијана.
Y’all pray for the folks of Indian Lake… cops said I missed the tornado by about two minutes… pic.twitter.com/ITY3f6gkjF
— Ole #CBJ Dad (@CBJ_Dad0424) March 15, 2024
Во Кентаки, најмалку 50 објекти, вклучително и домови, беа оштетени за време на невремето. Гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар, изјави дека има повредени и ги предупреди жителите на продолжување на бурите. „Добиваме извештаи за значителна штета, особено во градот Милтон“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“ и ги приближиле двете страни до донесување на неопходните одлуки.
– Разговорот беше многу отворен и по мое мислење нѐ доближува до потребните решенија, рече Путин на состанок во Кремљ посветен на резултатите од преговорите во Анкориџ.
Тој додаде дека долго време не биле водени преговори од ваков вид на толку високо ниво и дека имал можност „смирено и детално“ да ја изложи руската позиција. Според него, се дискутирало за сите аспекти на билатералната соработка, но главниот акцент бил ставен на можностите за праведно решавање на украинската криза.
На состанокот во Кремљ присуствуваа премиерот Михаил Мишустин, претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин, раководителот на претседателската администрација Антон Вајно, како и секретарот и заменик-претседателот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев и Сергеј Шојгу. Присуствуваа и вицепремиери, министри, како и гувернерката на Централната банка, претставници на ФСБ, Генералштабот и Рускиот фонд за директни инвестиции.
Путин најави дека детално ќе ги информира учесниците за разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп. Состанокот во Кремљ продолжи зад затворени врати.
Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.