Свет
(Видео) Полицаецот кој го уапси синот на Ел Чапо убиен со 150 куршуми
Мексикански полицаец кој учествувал во апсењето на синот на прoчуениот наркобос Хоакин Ел Чапо Гузман беше убиен на паркиралиште.
Ликивидацијата била регистрирана од надзорни камери, а на снимката се гледа како во средата наутро двајца мажи со полуавтоматски пушки излегуваат од црвен автомобил и стрелаат кон бел „нисан“.
Заседата траеше помалку од 30 секунди, но за кратко време напаѓачите успеале да го погодат белиот автомобил со најмалку 150 куршуми, пренесува „Дејли мејл“.
Црвениот автомобил го следел белиот до паркинг пред трговски центар во Кулијакан, главниот град на мексиканската сојузна држава Синалоа.
Полицискиот службеник, идентификуван како Едуардо Н. (32), кој загинал во нападот, припаѓал на елитната единица на државната полиција. Според извештаите на локалните медиуми, на 17 октомври полицаецот учествувал во неуспешното апсење на Овидио Гузман Лопез, син на осудениот Ел Чапо Гузман, поранешен шеф на наркокартелот од Синалоа.

Овидио беше ослободен непосредно по апсењето, откако членовите на наркокартелот излегоа на улиците со воено оружје и предизвикаа конфликт со силите за безбедност во Кулијакан, што резултуираше со 13 мртви, па властите потклекнаа на притисокот.
Локалните власти го испитуваат инцидентот со цел да утврдат дали криминалната банда е одговорна за овој напад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас предаде тела, Израел порачува: „Борбата за нашите заложници не запира“
Израел ги презеде телата на двајца заложници кои ги држел Хамас во Газа, пренесе ЦНН. Посмртните останки биле предадени преку Црвениот крст и пренесени на идентификација во израелскиот форензички институт.
Од кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека „напорите за враќање на сите заложници продолжуваат и нема да престанат додека не се вратат сите“.
Примопредавањето се случува два дена по израелските воздушни напади во Газа, во кои, според палестинското министерство за здравство, загинале повеќе од 100 лица. И покрај ескалацијата, и Израел и Хамас изјавиле дека остануваат посветени на прекинот на огнот посредуван од САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека „ништо нема да го загрози примирјето“ и се закани дека ќе го „елиминира Хамас“.
Последното примопредавање, според медиумите, поминало без компликации, за разлика од претходните случаи кога Хамас ја повлекуваше одлуката за предавање поради израелски напади.
Свет
Медведев го нарече белгискиот министер „имбецил“, Франкен му возврати со песна на Селена Гомез
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен влезе во вербален судир со поранешниот руски претседател и сегашен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
Се започнало кога Франкен изјавил дека, доколку Русија ја нападне Белгија, „НАТО би ја израмнил Москва со земја“. На тоа, Медведев остро реагирал, нарекувајќи го „имбецил“ и потсетувајќи дека оваа недела Русија го тестирала нуклеарното суперторпедо „Посејдон“, кое го опишал како „вистинско оружје на судниот ден“.
Франкен утрово возвратил преку Инстаграм: „Главниот руски насилник не престанува да се заканува и навредува. НАТО не е во војна со Русија, но принципот на одмазда е неприкосновен веќе 76 години. Не повлекувам ниту збор.“
На крајот, министерот ја споделил песната „Calm Down“ од Селена Гомез со порака до Медведев – да се „смири“.
Свет
Зеленски: Новите санкции ќе ѝ донесат на Русија загуби од најмалку 50 милијарди долари годишно
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека новите санкции против Русија ќе ѝ предизвикаат годишни загуби од најмалку 50 милијарди долари, пренесе „Укринформ“.
Тој се повика на извештај на шефот на украинската надворешна разузнавачка служба Олег Ивашченко и рече дека санкциите против нафтените компании веќе создаваат сериозни финансиски последици за Москва.
Зеленски изрази надеж дека ќе следат и нови санкциски мерки, нагласувајќи дека арапските земји со своите испораки нафта можат да спречат какви било потреси на светскиот пазар.
Тој додаде дека Украина сојузниците редовно ги информира за лица и структури што заслужуваат санкции и дека „голем дел од нашите предлози се земаат предвид“.
На 23 октомври високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас објави дека е одобрен 19-от пакет санкции против Русија, а американското министерство за финансии веќе воведе мерки против „Росњефт“ и „Лукоил“. Зеленски претходно изјави дека американските санкции би можеле да ги намалат руските приходи за околу 5 милијарди долари месечно.

