Свет
(Видео) Бројот на загинати во земјотресот во Кина се искачил на над 80 лица
Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, што ја погоди југозападната кинеска провинција Сечуан, се искачи на 82, јавува Ројтерс.
Во земјотресот од пред некој ден, најсилниот што ја погодил покраината од 2017 година, повеќе од 270 лица се повредени, додека 35 се водат како исчезнати, објавија кинеските медиуми.
Властите повторно ги отворија патиштата до епицентарот на земјотресот во Лудинг, наведува британската агенција.
Овој град во средата го погоди нов земјотрес со јачина од 2,9 степени според Рихтеровата скала, објавија државните медиуми.
Портокалово предупредување, второ најсилно, е издадено за можни геолошки катастрофи во Лудинг, кои може да вклучуваат создавање на лизгање на земјиштето.
Послабо, жолто предупредување е издадено за централниот и западниот дел на Сечуан.
Силен земјотрес го погоди Сечуан во понеделникот попладне, со епицентар длабоко во планинскиот регион во западниот дел на провинцијата.
Епицентарот бил во градот Лудинг на длабочина од 16 километри, на околу 180 километри југозападно од Ченгду, главниот град на покраината.
Земјотресот бил почувствуван и во провинциите Шанкси и Гуижоу, оддалечени стотици километри.
Во последните децении, најразорниот земјотрес во Сечуан и во Кина беше во 2008 година, кога во земјотрес со јачина од 8 степени според Рихтеровата скала загинаа речиси 70.000 луѓе, наведува британската агенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

