Свет
(Видео) Русија ги негира обвинувањата на Украина: Бродовите се во нормална состојба
Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија се огласи по изјавите на официјалните украински претставници дека на бродовите што Русија им ги вратила недостига опрема, тврдејќи дека Украина ги добила своите бродови во нормална состојба и со исправни санитарии, пренесува „РИА Новости“.
Од ФСБ истакнуваат дека Украинците потпишале документи за примопредавање на бродовите и дека тогаш немале никакви забелешки.
„Ако украинската страна од брегот на Крим до Очаков успеала да ги уништи бродовите и санитарната техника, тогаш тоа е нивен проблем“, се наведува во соопштението на ФСБ.
Во приложеното видео три брода се прикажани од различни агли во крупен план, а потоа следат снимки од внтрешноста. На камерата не ѝ избегал ни натписот „Направено во СССР,“ а како што се гледа, нема видливи оштетувања на бродовите.
Москва на 18 ноември ѝ ги предаде на украинската страна трите брода на украинската морнарица што беа задржани во близина на протокот Керч поради повреда на руските граници. Потоа се огласи командантот на украинската морнарица, Игор Воронченко, кој изјави дека од нивните бродови исчезнала речиси сета опрема, вклучувајќи ги и тоалетните шолји, штекерите, ламбите итн. Тој исто така додаде дека Русите ги уништиле бродовите.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека на трите брода вратени од Русија им недостига опрема и вооружување и вети дека ќе побара од руската страна да врати сè.
„Ја видов состојбата. Ќе биде отворена истрага, ќе ги видиме сите детали“, рече Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Едно лице загина, а 32 се повредени во Кувајт
Министерството за здравство на Кувајт соопшти дека едно лице е убиено, а 32 се ранети „поради актуелните случувања во регионот“.
Повредените се лекуваат во болницата Ал-Адан, соопшти Министерството.
Свет
Масовно пукање во Америка, најмалку тројца мртви
Најмалку три лица се убиени, а 14 повредени во масовно пукање што се случи денеска во бар во Остин, Тексас, соопшти полицијата. Сите 14 повредени се однесени во болница, а тројца се во критична состојба.
Полицијата потврди дека осомничениот за нападот е убиен на местото на настанот во размена на оган со полицајците.
Властите сè уште не го објавија идентитетот на напаѓачот ниту коментираа за можен мотив за нападот.
Свет
Кина остро го осуди убиството на Хамнеи, повика на прекин на воените дејствија
Кина соопшти дека „остро го осудува“ убиството на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи од страна на САД и Израел и повторно повика на прекин на воените дејствија, пренесува „Гардијан“.
Министерството за надворешни работи во Пекинг наведе дека станува збор за „тешко кршење на суверенитетот и безбедноста на Иран, како и на целите и принципите на Повелбата на ОН и основните норми на меѓународните односи“.
„Кина решително се спротивставува и остро го осудува тоа“, се додава во соопштението, со повик за „итен прекин на воените операции“.
Осудата следеше по телефонски разговор меѓу кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и рускиот министер Сергеј Лавров, за кој кинеските државни медиуми јавија дека бил инициран од руската страна. Ванг изјавил дека „дрското убиство на суверен лидер и поттикнувањето на промена на режим“ од страна на САД и Израел е „неприфатливо“.
Фото: depositphotos

