Европа
(Видео) Русија и Белорусија почнаа воени вежби со размери невидени од крајот на Студената војна
Кризата за Украина одново ескалира. Руските и белоруските трупи денеска почнаа голема воена вежба наречена „Одлучност на унијата“. Името алудира на државната унија на Белорусија и Русија – двете земји под тој назив договорија блиска соработка на воено поле во 2021 година.
Западните земји, пак, стравуваат дека движењето на војниците може да биде само маска за планирана инвазија на соседна Украина. Меѓутоа, Москва и Минск го негираат тоа, пишува „Дојче веле“.
Ваквите заеднички воени вежби на Русија и Белорусија не се невообичаени. Најчесто се организираат наесен и се најавуваат половина година однапред. Овој пат белорускиот лидер Александар Лукашенко на крајот на минатата година само навести дека ќе се одржи воена вежба.

Официјално соопштение со детали следуваше дури кон средината на јануари. Ништо не се знае за инаку вообичаената практика за поканување странски набљудувачи на воени вежби од ваков тип.
Истовремено, во Русија се одржуваат и други воени вежби, во кои се вклучени стратешки единици со атомско вооружување. Размерот на ангажираните трупи е меѓу најголемите од крајот на Студената војна. Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, како цел на вежбите ја наведе воената безбедност на двете земји и борбата против тероризмот.
Во моментот кај аналитичарите е актуелно прашањето дали овие воени маневри може да се претворат во руски напад врз Украина. Западните земји стравуваат дека тоа е можно, а и Киев не ја исклучува таа можност.
Според руското Министерство за одбрана, вежбите се одвиваат на пет полигони, главно на западот и југозападот на Белорусија, недалеку од полската и украинската граница. Не е познато колку војници се ангажирани.
Аналитичари блиски до некои руски организации пишуваат дека „толку многу руски војници не биле на белоруска почва во целокупната постсоветска ера“. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, проценува дека таму има приближно 30.000 војници.
Војници и модерна технологија во Белорусија биле донесени дури и од Сибир и од далечните источни делови на Русија. Потврдено е дека на вежбата учествуваат и борбени авиони „сухој су-35“, кои се меѓу најдобрите во руското воено воздухопловство.

Тука е и противвоздушниот и противракетниот систем „С-400“, кој погодува цели во опсег од 400 километри, како и „Панцир С“, систем за противвоздушна одбрана со среден и краток дострел, кој во модерното војување се користи главно против беспилотни летала.
НАТО наведува дека на вежбата ќе се појави и ракетниот систем „Искандер“, но Русија тоа не го потврди. Руски извори најавуваат учество на падобрански единици, маринци и артилерија. Волфганг Рихтер, воен аналитичар во Фондацијата за наука и политика, вели дека тоа е „сеопфатна вежба во која може да се вежбаат и одбрана и напад“.
Не е јасно дали во маневрите ќе учествуваат и единици со нуклеарно оружје. Руски извори соопштија дека стратешкиот бомбардер „тупољев ту-22М3“ ќе патролира во Белорусија непосредно пред почетокот на вежбата. За Волфганг Рихтер, ваквите патролни летови не се невообичаени: „Тоа го прават и САД, тоа се политички сигнали“.
Белорускиот Генералштаб соопшти дека руските војници ќе ја напуштат земјата по вежбата, која е најавено дека ќе трае 10 дена. Ова го потврди и Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин: „Војниците ќе се вратат во своите бази“.
Засега не е јасно дали тоа важи и за оружјето и за опремата што се испорачани. Претходно, Лукашенко изјави дека Белорусија со задоволство ќе набави модерно оружје од Русија вклучувајќи го и противвоздушниот и противракетниот систем „С-400“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

