Свет
(Видео) САД го сменија капетанот на носачот на авиони кој молеше за помош поради ширењето на вирусот
Американската морнарица го смени капетанот на носачот на авиони „УСС Теодор Рузвелт“, откако медиумите го објавија неговиот апел до властите за итна помош на неговите морнари, заразени со коронавирусот.
Брет Крозер претходно неделава ја замоли морнарицата да им овозможи на заразените морнари да слезат во карантин на островот Гуам, лициран во Пацификот, каде носачот на авиони беше на мисија. За само неколку дена, бројот на заразени лица во бродот скокна од три на 140, па Крозер се обрати за помош до неговите претпоставени.
Морнарицата му дозволила на Крозер да се закотви во Гуам (територија на САД) и од бродот да ги евакуира заразените и уште 3.000 морнари, дел од екипажот. На носачот останале минимум луѓе, неопходни за функционирање на сите системи. Но, писмото на Крозер се појави во медиумите пред морнарицата да одговори, па американската војска реши да го смени капетанот, кој додека слегуваше од бродот морнарите го поздравија со скандирање и овации.
Watch this video of the send off of Captain Crozier, commander of the aircraft carrier USS Roosevelt who was fired yesterday for sounding the alarm to protect his sailors. Tells you everything you need to know about the type of #leader he is. pic.twitter.com/z9q3pTJpgZ
— Amber Smith (@AmberSmithUSA) April 3, 2020
„Капетанот Крозер не беше разрешен поради испраќање писмо до Генералштабот, туку зошто тоа се појави во јавноста. Тој го споделил со 20 луѓе. Ние не тврдиме дека тој го доставил до медиумите, но направил огромна грешка со тоа што споделил доверливи информации со трети лица. Со своето дело, тој создаде паника и ја наруши безбедноста на бродот за кој беше задолжен, исложувајќи ги на ризик американските интереси во оваа стратешки важна област“, рече генералниот секретар на американската воена морнарица, Томас Модли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Заврши првиот ден од преговорите меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби
Украинскиот преговарачки тим го заврши првиот ден од трилатералните разговори со Русија и САД во Абу Даби, насочени кон решавање на руско-украинската војна, објави Дијана Давитјан, портпаролка на секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, пренесува „Украинска правда“.
„Преговорите се завршени за денес“, рече Давитјан, додавајќи дека е закажано да продолжат утре.
Украинската делегација во Абу Даби ги вклучува Рустем Умеров; Кирил Буданов, шеф на претседателската администрација, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица; Давид Арахамија, претседател на парламентарната група на партијата Слуга на народот; Андриј Хнатов, началник на Генералштабот на вооружените сили на Украина; и советник на кабинетот на претседателот Олександр Бевз.
Умјеров објави дека украинскиот тим планира и билатерален состанок со американската делегација, претставена од зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и специјалниот пратеник Стив Виткоф. На состанокот ќе се разговара за документ за безбедносни гаранции и „план за просперитет“.
Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последните напади, претседателот Володимир Зеленски објави дека работата на украинската делегација во мировните преговори ќе биде прилагодена.
фото/епа
Свет
ЕУ одобри заем од 90 милијарди евра за Украина за одбрана и буџет
Земјите од ЕУ постигнаа договор за заем од 90 милијарди евра за покривање на финансиските и воените потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Брисел има намера да ја изврши првата рата на почетокот на април за да обезбеди континуитет на странската помош за Киев, објави Euronews.
Амбасадорите на земјите-членки се согласија за правните текстови денеска попладне, откако Кипар, кој претседава со Советот, презентираше нова верзија на предлогот.
„Денешната спогодба покажува дека ЕУ продолжува решително да дејствува во поддршка на Украина и нејзиниот народ. Новото финансирање на помошта ќе обезбеди силна отпорност на земјата во услови на руска агресија“, рече кипарскиот министер за финансии Макис Керавнос.
Во исто време, додаде тој, испраќаме силна порака дека суверенитетот и територијалниот интегритет на државите мора целосно да се почитуваат, во согласност со меѓународното право.
Заемот од 90 милијарди евра, кој беше политички договорен на самитот во Брисел, ќе биде финансиран со издавање заеднички долг, а буџетот на ЕУ ќе дејствува како гаранција за инвеститорите. Според договорот, Унгарија, Словачка и Чешка ќе бидат целосно ослободени од сите финансиски обврски, вклучително и годишните плаќања на камати.
Европската комисија проценува дека преостанатите 24 земји-членки ќе мора да платат помеѓу 2 и 3 милијарди евра секоја година за покривање на поврзаните трошоци.
90-те милијарди евра ќе бидат поделени на два главни дела: 30 милијарди евра за буџетска поддршка и 60 милијарди евра за воена помош за купување оружје и муниција. Овој сооднос би можел да се промени ако заврши војната.
Парите ќе бидат исплатени постепено и ќе бидат предмет на строги услови. На пример, сите неуспеси во борбата против корупцијата во Украина би можеле да предизвикаат суспензија на помошта.
Од Украина ќе биде побарано да ги врати 90-те милијарди евра само под услов Русија да ја заврши војната и да се согласи да му ја надомести штетата на Киев. Со оглед на тоа што Москва експлицитно ја исклучи можноста за плаќање репарации, се очекува Брисел да ја одложи отплатата на долгот на неодредено време.
фото/Depositphotos
Свет
Руски напад врз пазар во Украина за време на утринската гужва, најмалку 7 убиени
Во руски напад врз градот Дружкивка во Донецката област што се случи утринава загинаа најмалку седум лица, а осум беа повредени, според првичните информации. Руските сили го нападнаа градот со касетна муниција и воздушни бомби, а пазарот беше директно погоден за време на утринската гужва, пишува „Украинска правда“.
Вадим Филашкин, началник на воената администрација на Донецката област, објави на социјалните мрежи дека руските сили го бомбардираа градот со касетна муниција. Градскиот пазар, каде што имаше голем број луѓе во утринските часови, беше директно погоден.
Филашкин истакна дека конечниот број на жртви во нападот сè уште не е потврден и најави дека ќе даде дополнителни информации за развојот на настаните. Според него, сите надлежни служби се на терен, им помагаат на повредените и работат на отстранување на последиците од нападот.
Градоначалникот додаде дека Русите фрлиле и две воздушни бомби врз Дружкивка. Нападите оштетиле индустриска зона, како и три станбени згради и три семејни куќи. Филашкин повторно го повика локалното население да се евакуира во побезбедни региони.

