Свет
САД најавија обвинение против осомничен за бомбардирањето во Локерби во 1998 година
Американскиот државен јавен обвинител, Вилијам Бар, најави кривична пријава против третиот либиски државјанин осомничен за бомбашкиот напад на летот „103“ на „Пан Ам“ над Локерби, Шкотска, во 1988 година, пренесува „Њујорк пост“.
Наводниот изработувач на бомби, Абу Агила Масуд, кој е притворен во Либија, е обвинет во САД за терористичкиот напад во кој загинаа 270 лица, вклучувајќи 190 Американци.
Бар ги најави обвиненијата на 32-годишнина од нападот. Тој рече дека терористичкиот напад бил втор најлош во историјата на САД по тој од 11септември и дека бил насочен кон Американците.
„Се надеваме дека либиските власти ќе дозволат да му се суди на Масуд за ова злосторство во САД и дека ќе обезбедат поддршка и сведоци потребни за да го изведеме пред лицето на правдата“, рече Бар.
Бар претходно го водеше Министерството за правда од 1991 до 1993 година и рече дека за него е важно да го разгледа случајот. Тој ќе се повлече од функцијата на 23 декември.
Двајца други наводни заговорници беа судени според шкотскиот закон од специјалниот суд со седиште во Холандија во 2000 година. Еден наводен заговорник, Ламин Калифа Фимах, беше ослободен од обвинението. Другиот, Абделбасет ал-Меграхи, беше осуден на доживотен затвор. Тој беше ослободен во 2009 година поради здравствени проблеми и беше пречекан како херој во Либија пред да почине во 2012 година.
Масуд исто така, наводно, учествувал во бомбардирање танцов клуб во Западен Берлин во 1986 година, при што загинале двајца Американци.
САД ја бомбардираа Либија во 1986 година за време на владеењето на долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи, кој беше соборен и убиен по бунтот поддржан од САД во 2011 година.
„Нема сомнение дека нападот на „Пан Ам 103“ беше насочен кон САД. И овој грозоморен напад живее неславно во колективната меморија на американскиот народ“, рече Бар.
Бар рече дека обвинението е благодарение на либиското интервју со Масуд додека тој беше притворен од властите по Гадафи. Земјата останува поделена меѓу две влади, а Масуд го држат официјални власти со седиште во Триполи.
„Според тужбата, Масуд ја направил бомбата што го уништи ‘Пан Ам 103’. По соборувањето на авионот, Гадафи лично му се заблагодарил на Масуд за овој успешен напад врз САД“, рече Бар.
Советниотк на либиската влада со седиште во Триполи, Мохамед Али Абдалах, изјави за „Фокс њуз“ дека Масуд е многу злобен човек и дека смета оти ќе им биде предаден на САД на судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Свет
Русија нудела размена на Венецуела за Украина, тврди поранешна советничка на Трамп
Уште во 2019 година, руски функционери наводно му сигнализирале на Вашингтон дека се подготвени за необичен договор: ќе им дозволат на САД слободно дејствување во Венецуела, доколку за возврат им се овозможи непречена контрола над Украина. Ова го тврди Фиона Хил, поранешна советничка на Доналд Трамп, која повторно се најде во фокусот на јавноста по неодамнешниот американски напад врз Венецуела, пишува „Киев индипендент“.
Фиона Хил, тогашна главна советничка на Белата куќа за Русија, ги изнела овие детали за време на сведочењето пред Конгресот во ноември 2019 година, во рамки на истрагата за импичментот на претседателот Трамп. Според неа, Кремљ во април истата година ја изнел можноста да се откаже од своето влијание во Венецуела, во замена за целосна контрола над Украина.
Руски функционери, како што навела Хил, „многу силно сигнализирале дека сакаат некако да направат многу чуден договор за размена меѓу Венецуела и Украина“. Иако предлозите од Москва биле „неформални“, пораката била недвосмислена: „Знаете, вие ја имате вашата Монро доктрина. Нè сакате надвор од вашиот двор. Па, знаете, и ние имаме наша верзија на тоа. Вие сте во нашиот двор во Украина“. Хил додала дека била испратена во Русија за да го отфрли тој предлог.
Свет
Би-би-си: Европските лидери стравуваат да не ја изгубат поддршката на Трамп поради Гренланд
На состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“ во Париз, посветен на мировниот план за Украина, во фокусот неочекувано се најде зголемената тензија околу Гренланд, кој американскиот претседател Доналд Трамп сака да го стави под контрола на САД, пишува Би-Би-Си.
Иако украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека планот за мир е „90 отсто завршен“, европските лидери избегнувале директна конфронтација со Трамп, стравувајќи од губење на американската поддршка. По заедничка изјава на шест европски земји дека иднината на Гренланд треба да се решава колективно во рамки на НАТО и дека одлуката ѝ припаѓа на Данска, Белата куќа возврати дека „разгледува низа опции“, вклучително и купување на островот.
Дополнителна загриженост предизвика изјавата дека употребата на американската војска „секогаш е опција“. Европските лидери предупредуваат дека ваквите закани ја доведуваат во прашање довербата во трансатлантскиот сојуз и ја откриваат слабоста и поделеноста на Европа. Според експерти, ситуацијата околу Гренланд претставува сериозен тест за ЕУ и егзистенцијална дилема за НАТО.
Фото: Depositphotos

