Свет
(Видео) Сe е подготвено за спектакуларната кралска венчавка
Камерите и фотоапаратите на светските медиуми викендов се свртени кон најголемиот настан за кралското семејство, венчавката на принцот Хари и неговата избраничка, актерката Меган Маркл. Принцот Хари и Меган ќе се венчаат денеска во 12 часот во капелата на дворецот во Виндзор, а церемонијата ќе ја следат над два милијарди луѓе, преку најпознатите телевизиски канали кои веќе имаат вклучено пренос во живо.
Рано изутринава во Виндзор се собраа илјадници обожаватели, но и силно обезбедување чекајќи ја спектакуларната церемонија, која почнува напладне. Полиција патролира на улиците, вооружена со полуавтоматско оружје и ја нагледува околината од блиските покриви.

Се очекува над 100.000 обожаватели да ги преплават тесните улички на Виндзор, гратче на околу 30 километри западно од Лондон, а во ова место пристигнаа и стотина телевизиски екипи.
Безбедноста е засилена, а посетителите мора да поминат низ полициски контролни пунктови поставени околу дворецот. Нумерата „Stand By Me“ ќе биде една од песните кои ќе бидат изведени во текот на службата, наведоа британските медиуми.

Бакингемската палата објави дека принцот Хари и Меган Маркл добија титули војвода и војвотка од Сасекс.Британската кралица Елизабета II и официјално минатата недела го даде својот „благослов“. Според британскиот закон, првите шест во линијата за наследување на престолот мора да добијат дозвола од кралицата за венчавка.

Принцот Чарлс на кралската венчавка ќе ја испрати Меган Маркл до олтарот, објавија од Кенсингтонската палата. Таткото на американската глумица, Томас Маркл (73), поради здравствени причини не е во можност да дојде на венчавката. „На принцот му е особено драго што на овој начин ќе може да ѝ посака добредојде на Меган во кралското семејство“, се вели во пораката од палатата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска ја обвини Русија за сајбер-напади врз инфраструктура и веб-страници
Данските власти објавија извештај на воената разузнавачка служба, во кој се наведува дека Русија извршила сајбер-напади врз инфраструктура и веб-страници во таа земја во текот на 2024 и 2025 година, а се откриваат и нови случаи, кои претходно не биле пријавени, објавува денес „Асошиетед прес“.
Според извештајот, Москва е одговорна за деструктивните сајбер-напади врз данската компанија за вода во 2024 година, како и за серија напади врз данските веб-страници пред регионалните и локалните избори минатиот месец.
Данската разузнавачка служба додаде дека овие напади се дел од хибридната војна на Русија против Западот и претставуваат обид за предизвикување нестабилност.
Се вели дека сајбер-нападите на Москва се дел од поширока кампања за заканување и казнување на земјите што ја поддржуваат Украина.
Западните претставници наведуваат дека има сè повеќе инциденти во рамките на саботажната кампања во цела Европа зад која стои Русија.
Според „Асошиетед прес“, документирани се 147 вакви инциденти, вклучувајќи два случаја пријавени од Данска оваа недела.
„Руската држава користи и групи и поединци како инструменти на хибридна војна против Западот, а целта е да предизвика нестабилност и да ги таргетира земјите што ја поддржуваат Украина“, се вели во извештајот на данската разузнавачка служба.
Германските власти го повикаа рускиот амбасадор во Берлин на 12 декември откога Министерството за надворешни работи на земјата ја обвини Москва за саботажа, сајбер-напади и мешање во изборите, потсетува „Асошиетед прес“.
Како што изјави портпаролот на Министерството, Мартин Гизе, меѓу овие напади е и нападот врз германската контрола на воздушниот сообраќај во текот на 2024 година.
Фото: депозитфотос
Регион
Путин првпат зборуваше за НИС: Верувам дека Белград ќе ги исполни своите обврски
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција, на која ги презентира своите политички ставови и анализи на јавноста во Русија и во странство.
За време на конференцијата, новинар од Србија го потсети рускиот претседател дека Нафтената индустрија на Србија (НИС), заедничко вложување меѓу Русија и Србија, ги трпи последиците од западните санкции. Тој го праша Путин како ја коментира оваа ситуација?
„Што се однесува до НИС, притисокот од западните санкции продолжува, а ова е показател за политичка моќ. Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски, а двете земји ќе спроведат многубројни други проекти“, рече Путин не сакајќи да се продлабочува на оваа тема.
Претходно денес, рускиот претседател изјави за „Спутник“ дека знае што се случува со компанијата НИС и дека се надева оти ќе се најде заедничко решение.
„Знаеме што се случува со компанијата НИС. Имаме меѓудржавен договор и претпоставуваме дека пријателското српско раководство ќе го земе ова предвид. Имаме идеја за насоката во која сакаме да се движиме заедно. Работиме на тоа и се надевам дека ќе го најдеме потребното решение“, рече рускиот претседател.
Тој исто така рече дека без оглед на надворешната аспирација за подобрување на односите, притисокот со санкции ќе продолжи како начин за покажување сила, пренесува „Раша тудеј“.
„Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски и дека Русија и Србија ќе спроведат многубројни други заеднички проекти“, рече тој.
НИС е под санкции на САД од почетокот на октомври поради мнозинската руска сопственост, што значително го комплицира работењето на една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.
Рускиот „Газпромнефт“ е мнозински сопственик на НИС, а рускиот претседател рече дека земјата инвестирала повеќе од три милијарди долари во компанијата.
фото/депозитфотос
Свет
Пет деца во Индија заразени со ХИВ по трансфузија на крв
Пет деца, кои страдаат од таласемија, во индиската држава Мадја Прадеш биле заразени со вирусот ХИВ по примање трансфузии на крв, објавија локалните власти, објави денес Би-би-си.
Најновите случаи на ХИВ-инфекција предизвикаа загриженост во врска со начинот на кој се даваат трансфузии, а властите формираа комитет за истражување на инцидентот.
Овие случаи следуваа по слични инфекции во источната држава Џарканд во октомври, каде што пет деца под осумгодишна возраст беа заразени со вирусот по примање трансфузии на крв во државна болница, потсетува Би-би-си.
Властите во државата Гуџарат почнаа истрага во 2011 година кога 23 деца со таласемија беа позитивни на вирусот по примањето трансфузии во болницата.
Родителите на пациенти со таласемија минатата недела го повикаа индискиот парламент да го усвои националниот закон за трансфузија за кој велат дека ќе ги заостри регулативите поврзани со собирањето резерви од крв, нивното тестирање и трансфузијата.
Фото: депозитфотос

