Свет
(Видео) СЗО: Коронавирусот се шири со застрашувачка брзина кај луѓето на возраст меѓу 25 и 59 години
Заразата со коронавирус расте со застрашувачка брзина веќе осум последователни недели, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), додека вирусот непречено се шири низ жариштата во неколку делови на светот.
„Минатата недела беа пријавени повеќе од 5,2 милиони нови случаи, што е најмногу за една недела од почетокот на пандемијата“, рече претседателот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус, за време на брифингот во Женева во понеделникот.
Смртните случаи исто така се зголемуваат петта недела по ред, рече тој, а пандемијата сега официјално однесе повеќе од три милиони животи.
Гебрејезус предупреди дека темпото на пандемијата се забрзува, дури и кога некои земји ги изнесуваат своите подобрени програми за вакцинација.
„Ни требаа девет месеци да достигнеме еден милион смртни случаи, четири месеци да достигнеме два милиони и три месеци да достигнеме три милиони смртни случаи. Големиот број може да нè затапи, но секој од овие смртни случаи е трагедија за семејствата, заедниците и нациите“, рече Тедрос.
Откако ќе бидат целосно вакцинирани ризичните групи или постарите возрасни лица и ќе се отворат некои економии, извршниот директор сугерираше дека товарот за ширење на вирусот може да се префрли на помладите возрасни лица.
Тој рече дека инфекциите и хоспитализациите кај луѓето на возраст меѓу 25 и 59 години растат со застрашувачка брзина, веројатно заради многу преносливите варијанти и зголеменото социјално мешање кај младите.
Загриженоста за повеќе млади возрасни лица заразени со коронавирус веќе ја изразија лекарите во некои жаришта – вклучувајќи го и Бразил, каде што новата варијанта предизвика поразително зголемување на хоспитализациите и смртните случаи.
Строгото предупредување на СЗО служи како потсетник за состојбата на пандемијата, која сè уште постои иако се пронајдени неколку вакцини.
Во моментов, најтешка е состојбата во Индија, која е во вториот бран и таму се јавува значителен дел од светските инфекции. Земјата минатата недела пријави скоро 1,5 милион инфекции.
Во меѓувреме, постојат некои знаци на изедначување во третиот бран во Европа, а вакцинацијата започна да се забрзува низ целата Европска Унија.
Сепак, земјите се уште се далеку од прогласување победа над коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.