Свет
(Видео) Снимен моментот на падот на авионот во Литванија, силна експлозија го осветли небото
Безбедносните камери го снимија моментот кога авион се урна недалеку од аеродромот во Литванија. Авионот со четворица членови на екипажот се урна утринава во 5.30 часот по локално време во станбена зона во Вилнус, на неколку километри од пистата.
Снимките што кружат на социјалните мрежи покажуваат како авионот се подготвува за слетување.
На небото се гледаат светлата на авионот додека полека ја спушта висината. И тогаш, во еден момент, доаѓа до страшна експлозија и блесок што го осветлува небото.
BREAKING VIDEO: Huge fireball as cargo plane crashes into residential building while approaching Vilnius International Airport in #Lithuania, leaving at least 1 dead, 3 injured.
pic.twitter.com/UBb96ZJ1g0— Breaking News Video (@BreakingAlerter) November 25, 2024
Еден член на екипажот загина при падот, а другите тројца со повреди беа извлечени од леталото и беа пренесени во болница. Авионот се излизгал неколку стотици метри пред да удри во станбена зграда.
Според официјални лица, 12 лица, кои биле во објектот во моментот на ударот, биле извлечени живи.
Причината за падот на авионот сè уште не е позната, а истрагата е во тек. Многубројни теории кружат за тоа што му претходело на падот, а според надлежните, не е исклучена ниту можноста од терористички напад.
„Еден од членовите на екипажот е пронајден без знаци на живот“, изјави Вилмантас Виткаускас, шеф на Државниот кризен центар. Виткаускас рече дека е прерано да се извлечат какви било заклучоци за тоа што ја предизвикало несреќата и дека околностите и причините се истражуваат.
Во овој момент нема индикации дека на авионската несреќа ѝ претходела експлозија во леталото. Се верува дека авионот паднал поради технички дефект или човечка грешка. Но, не е исклучена ниту опцијата дека се работи за терористички чин, пишуваат локалните медиуми.
„Ова е една од верзиите за несреќата, која ќе биде истражена и проверена. Пред нас е многу работа. Собирањето докази може да потрае цела недела, нема да има брзи одговори“, рече Паулаускас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

