Европа
(Видео) Снимка што ја згрози Италија: Затворски чувари дивјачки тепаат затвореници
Снимки од италијански затворски чувари кои жестоко тепаат затвореници со палки и тупаници по минатогодишните протести во врска со пандемијата на коронавирус ја шокираа Италија во средата и ја налутија министерката за правда.
Претепувањето се случило на 6 април 2020 година, во затворот Санта Марија Капуа Ветере, северно од Неапол, а снимките од надзорните камери беа објавени во средата од дневниот весник „Домани“.
Снимката предизвика осуда од дел од политичките кругови, но и изрази на поддршка за чуварите.
Министерката за правда Марта Картабија рече дека ваквите постапки го нарушуваат достоинството на затворениците, но и униформата што секој вработен во затворот, маж и жена, треба да ја носи со гордост и повика на темелна анализа на настаните.
Државното обвинителство лани почна истрага откако беа покренати тужби за насилство од затворските стражари, ден по протестот предизвикан од информација за позитивен случај на Ковид-19 меѓу затворениците.
52 вработени во затворот се уапсени оваа недела или се известени за судска постапка против нив под сомнение за тортура, насилство и злоупотреба на моќ. Истрагата опфаќa повеќе од 110 лица.
Видеото, кое трае нешто повеќе од шест минути и е направено од снимки од надзорните камери поставени во ходниците и скалите на објектот, покажува десетици чувари, од кои многумина имаат шлемови и штитови, како безмилосно ги тепаат затворениците.
Овие се обидуваат да се заштитат со прескокнување на кордонот чувари кои со нозе и палки ги удираат по главата. Некои ползат и се гледа дека имаат болка.
Еден затвореник во инвалидска количка бил удрен во грбот, а најмалку тројца мажи биле претепани од чуварите додека лежеле на земја.
Од СМС-пораките што ги размениле чуварите, може да се види дека акцијата во која учествувале повеќе од 280 припадници на затворската полиција била планирана и замислена како одмазда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

