Свет
(Видео) Страшниот ураган ја опустоши Јамајка: сега се движи кон Куба станувајќи сè посилен
Екстремнно моќниот ураган Мелиса се движи кон Куба откако ја опустоши Јамајка. Тоа е најсилната бура со која некогаш се соочила островската земја.
Со ветрови што се приближуваат до 300 километри на час, ураганот од категорија 5, највисок на скалата Сафир-Симпсон, стигна до копното во западна Јамајка околу пладне.
Ова е најлошиот ураган што ја погодил Јамајка откако се водат метеоролошки записи, а премиерот Ендру Холмс го прогласи островот за „зона на катастрофа“.
Во Света Катерина, во централна Јамајка, реката Рио Кобре се излеа од своите корита, а силните ветрови урнаа огради и покриви. Света Елизабет, парохија на југозападниот дел од островот со население од 150.000 жители и „житница“ на Јамајка, беше поплавена, изјави локалниот функционер Дезмонд Мекензи на прес-конференција. „Штетата во Света Елизабет е значителна, цела Јамајка претрпе уништување од Мелиса“, рече тој, додавајќи дека неколку болници се оштетени.
Дури и пред да стигне до копното, ураганот уби три лица на Јамајка, која се подготвуваше за неговото пристигнување, како и уште три лица на Хаити и едно лице во Доминиканската Република. Во Хаити, властите наредија затворање на училиштата, бизнисите и владините канцеларии во среда. ОН во вторник соопшти дека итно доставуваат по воздушен пат околу 2.000 пакети помош од Барбадос до Јамајка.
Последниот голем ураган што ја погоди Јамајка беше Гилберт во септември 1988 година, кој беше помалку моќен од Мелиса, при што загинаа 40 лица и предизвикаа голема штета.
Луѓе на Куба бегаат од брегот
Откако изгуби дел од силата и беше намалена на категорија 4, Мелиса почна да се оддалечува од Јамајка кон Куба, според Националниот центар за урагани на САД (NHC), кој предупреди дека ситуацијата останува „исклучително опасна“. Но, сега ураганот повторно се зајакнува и се очекува наскоро да стигне до Куба.
На Куба, жителите бегаат од брегот додека се приближува Мелиса. Локалните власти прогласија вонредна состојба во шест провинции на истокот од земјата, а жителите се обидуваат да се снабдат со храна, свеќи и батерии од понеделник.
Се очекуваат исклучително силни бури, како и сериозни крајбрежни поплави и поројни дождови што би можеле да предизвикаат катастрофални лизгања на земјиштето, низ целата земја. Властите ја повикаа јавноста да биде внимателна поради крокодилите, кои би можеле да претставуваат закана поради поплавите.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Катар пресретна ирански ракети и беспилотни летала
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека воздухопловните сили и системите за противвоздушна одбрана денеска пресретнале ракети и беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нема жртви.
Иран лансираше ракети и дронови насочени и кон Израел и кон американските воени објекти во Бахреин, Кувајт и Катар, како одговор на американските и израелските напади.
Американската војска не извести за американски жртви и пријави минимална штета во своите бази.
Свет
Северна Кореја ги осуди нападите врз Иран: „Нелегална агресија“
Северна Кореја ги осуди израелските напади и американската воена операција против Иран, нарекувајќи ги „нелегална агресија“ и кршење на националниот суверенитет, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на државната агенција КЦНА.
Портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи изјавил дека американската операција била очекувана и ја оценил како неизбежен исход поради, како што навел, хегемонистичката и гангстерска природа на САД. Во соопштението се наведува дека агресорската војна на САД и Израел е неприфатлива во какви било околности.
Пјонгјанг повика регионалните земји и другите заинтересирани страни да преземат одговорност за воспоставување мир и стабилност на Блискиот Исток.
Израелската војска претходно објави дека почнала опсежни напади врз центарот на Техеран, по операцијата во која беше убиен иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Фото: Depositphotos
Свет
Путин со сочувство до Иран, нападите ги нарече цинично кршење на меѓународното право
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изрази длабоко сочувство до иранскиот претседател Масуд Пезешкијан по повод убиството на врховниот лидер Али Хамнеи и членовите на неговото семејство, соопшти Кремљ.
„Ве молам примете го моето најдлабоко сочувство по повод атентатот врз врховниот лидер на Исламската Република Иран, Сејед Али Хамнеи, и членовите на неговото семејство, извршен во цинично кршење на сите норми на човечкиот морал и меѓународното право“, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата РИА Новости.
Хамнеи беше убиен во саботата наутро во нападите што ги извршија Израел и Соединетите Американски Држави, потврди утрово иранската влада, а пренесоа иранските државни медиуми.
Во саботата САД и Израел започнаа серија удари врз ирански цели, вклучително и во Техеран, при што беше предизвикана материјална штета и цивилни жртви. Потоа Иран возврати со ракетни напади врз израелска територија и врз американски воени објекти на Блискиот Исток.

