Свет
(Видео) Тајфун на Тајван: поплави и свлечишта, над 200.000 луѓе без струја, десетици повредени
Тајфунот Хаикуи го погоди Тајван со обилни дождови и силен ветер оставајќи најмалку 226.000 домаќинства без струја и многу повредени, соопштија денеска властите. Според тајванскиот Оперативен центар за итни операции, Хаикуи го поминал јужниот дел на Тајван и влегол во Тајванската Теснина рано во понеделникот. Ослабеното невреме продолжи кон јужните делови на Кина.
Силниот ветер корнеше дрвја во источниот и во јужниот дел на Тајван и го прекина снабдувањето со електрична енергија. Вчера, невремето достигна максимални постојани ветрови од речиси 150 километри на час со налети до 190 километри на час. Невремето предизвика и лизгање на земјиштето и поплави.
Министерот за внатрешни работи, Лин Ју-чанг, кој го предводи ЦЕОК, денеска ги повика жителите да останат во состојба на готовност за можни катастрофални поплави во некои планински области, каде што падна силен дожд во изминатите четири дена.
Според ЦЕОК, најмалку 78 лица се повредени во сообраќајни несреќи, вклучувајќи возачи на скутери и возачи на автомобили, кои биле погодени од паднати дрвја. Најмалку 226.000 домаќинства на островот останаа без струја.
Околу 8.000 жители биле евакуирани, а 1.916 луѓе биле сместени во јавни засолништа за време на преминувањето на Хаикуи, според центарот за итни операции. Бурата ќе продолжи да влијае на времето на Тајван до вторник рано кога центарот за итни операции очекува укинување на предупредувањето за тајфун.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Франција го поддржува Хаг во повикот за налог за апсење на Нетанјаху
Министерството за надворешни работи на Франција соопшти дека ја поддржува независноста на Меѓународниот кривичен суд и неговата „борба против неказнивоста“, во врска за издавање налози за апсење на лидерите на Израел и Хамас.
„Франција го поддржува Меѓународниот кривичен суд, неговата независност и борбата против неказнивоста во сите ситуации“, се вели во соопштението објавено во понеделникот, пренесува Ројтерс.
Додадена е осуда на „антисемитските масакри“ од страна на милитантната група Хамас на 7 октомври, како и можните прекршувања на меѓународното право од страна на израелската армија во Газа.
„Што се однесува до Израел, Советот за претходна постапка ќе одлучи дали ќе ги издаде тие налози, откако ќе ги испита доказите доставени од обвинителот“, се вели во соопштението.
Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, во понеделникот побара издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за „поттикнување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.
Побарани се и налози за апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије за убиство, земање заложници, силување и сексуални напади.
Кабинетот на претседателот на Јужна Африка ја поздрави најавата на обвинителот на МКС дека ќе бара налози за апсење на израелскиот премиер, министерот за одбрана и тројца лидери на Хамас за наводни воени злосторства.
„Законот мора да се применува подеднакво за сите со цел да се поддржи меѓународното владеење на правото и да се повикаат на одговорност оние кои вршат грозоморни злосторства и ги штитат правата на жртвите“, се вели во соопштението од кабинетот на јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, пренесе Ројтерс.
Свет
Зеленски ја критикуваше бавната испорака на западно оружје
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, повторно ја нагласи итната потреба на неговата земја од оружје за противвоздушна одбрана. На Украина итно и требаат повеќе системи за противвоздушна одбрана и западни борбени авиони, рече Зеленски вчера вечерта во дневното видео обраќање.
„За жал, на слободниот свет му недостасува брзина во овие две прашања“, рече тој, додавајќи дека поради својата воздушна супериорност, Русија е во состојба да ги уништи украинските градови и одбранбените позиции со крстосувачки бомби.
Според Зеленски, Русите активно користеле деструктивна тактика на фронтот кај Харков и во источниот украински регион Доњецк.
Зеленски веќе неколку пати во последните денови побара испорака на два дополнителни системи за противвоздушна одбрана Патриот. Тој рече дека тоа ќе обезбеди подобра заштита за Харков, кој постојано бил напаѓан од воздух. Тој град на североистокот на Украина е еден од најтешко погодените од војната.
Борбените летала што ги споменува Зеленски и беа ветени на Украина пред една година. Сепак, според официјалните информации, Ф-16 се уште не се пристигнати. Експертите проценуваат дека генерално долгото време на испорака на оружје од Запад и овозможува на Русија да се подготви за ново оружје.
Во руските напади врз североисточниот украински град Харков во текот на ноќта повредени се најмалку седум лица, изјави гувернерот на регионот. Во текот на ноќта беа погодени и други украински региони со руски беспилотни летала, вклучувајќи ги Одеса, Миколаив и Днепропетровск.
Пред речиси две недели Москва ја интензивираше воздушната и копнената кампања во областа Харков, која граничи со Русија. Руските сили оттогаш зазедоа неколку украински погранични села. Според набљудувачите, офанзивата е забавена во последните денови, но не запре.
Свет
Амал Клуни имала клучна улога во барањето за апсење на Нетанјаху и лидерот на Хамас, пишува „Гардијан“
Адвокатката за човекови права, Амал Клуни, беше специјален советник во истрагата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) кој бараше издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лидерот на Хамас, пишува Гардијан.
Весникот наведува дека главниот обвинител на судот, Карим Кан, и се заблагодарил на Клуни во изјава, велејќи дека таа е дел од „панелот на експерти за меѓународно право“ на кои тој се обратил за совет.
„Комисијата е составена од експерти со огромна репутација во меѓународното хуманитарно и кривично право“, рече Кан.
Во соопштението објавено од Фондацијата за правда Амал Клуни, беше објаснето како таа учествувала во случајот во кој МКС побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант и лидерот на Хамас за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото.
„Пред повеќе од четири месеци, обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) ме замоли да му помогнам да ги проценам доказите за сомнителни воени злосторства и злосторства против човештвото во Израел и Газа. Се согласив и се приклучив на панелот на меѓународни правни експерти. Заедно, се вклучивме во обемен процес на преглед на докази и правна анализа во Меѓународниот кривичен суд во Хаг“, изјави таа.
Посочи дека, и покрај нивното различно лично потекло, правните наоди на тие експерти биле едногласни и дека утврдиле оти судот е надлежен за злосторствата извршени во Палестина и од палестински граѓани.
„Едногласно заклучуваме дека постојат разумни основи да се верува дека лидерите на Хамас, Јахја Синвар, Мохамед Дајф и Исмаил Ханија извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и земање заложници, убиства и злосторства на сексуално насилство. Едногласно заклучуваме дека има разумни основи да веруваме дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и гладување како метод на војување, убиства, прогон и истребување“, изјави Амал Клуни.
Таа претходно беше критикувана на социјалните мрежи дека не зборува јавно за војната во Газа и објасни дека ја прифатила поканата на судот да биде советник во овој случај бидејќи верува во владеењето на правото и потребата да се заштитат животите на цивилите.
„Законот кој ги штити цивилите во војна е воспоставен пред повеќе од 100 години и се применува во секоја земја во светот, без разлика на причините за конфликтот“, рече Клуни.
Таа додаде дека како адвокатка за човекови права никогаш нема да прифати дека животот на едно дете има помала вредност од животот на друго.
„Не прифаќам каков било конфликт да биде надвор од дофатот на законот, ниту пак кој било сторител да биде над законот“, изјавила Амал Клуни.
Клуни е светски позната адвокатка за човекови права која работела на голем број сериозни глобални конфликти.
Амал Клуни е адвокат во Доти Стрит Чемберс во Лондон, група на здружени адвокати специјализирани за човекови права и е дополнителен професор на Правниот факултет Колумбија во Њујорк. Таа, исто така, ја основаше Фондацијата Клуни за правда со нејзиниот сопруг, актерот Џорџ Клуни, непрофитна организација која обезбедува бесплатна правна поддршка на жртвите на кршење на човековите права.